ВИДЕО: ЕУ предизборна дебата

ВИДЕО: ЕУ предизборна дебата
16.05.19   22:57

Прочитано : 139

Print This Article

Шесте главни кандидати кои се борат за функцијата претседател на идниот состав на ЕК во ТВ дебата ја претставија својата визија за Унијата. Кандидатот на Европската левица Нико Куе, белгиски синдикалец со потекло од Шпанија, повика на солидарност и промена на „правецот на Европа“.

-Постои опасност да ја растурат ЕУ, гледаме политики на штедење што се користат како насилство против земјите од европскиот југ. Затоа да не не изненадува што луѓето се вртат кон радикални алтернативи. Погледнете што прават фашистите во Италија и Унгарија. Но мораме да избереме – или ќе ги поддржуваме пазарите, или ќе ги поддржуваме луѓето, рече Куе.

Кандидатката на Зелените, германската европратеничка Ска Келер, се заложи за Унија која ќе ја штити планетата, социјална Европа, почитување на еднаквоста на жените и малцинствата и заштита на човековите права.

-Навистина е итно, имаме само една планета и мораме да ја заштитиме. Не можеме да правиме компромиси и да чекаме за климата затоа што уште не сме сигурни. Доброто е што знаеме што треба да направиме. Има надеж за подобра иднина, но за тоа ни требаат храброст и промени, изјави Келер.

Чешкиот европратеник Јан Захрадил од европските реформисти рече дека ќе се залага за пофлексибилна и децентрализирана Европа и за Комисија која еднакво ќе ги почитува и ќе соработува со сите членки, а не да им држи лекции.

-Најголемиот проблем е тоа што на обичните луѓе во ЕУ не им е грижа за секојдневната политика, смачено им е од бескрајната ЕУ-интеграција, мислат дека ЕУ им се меша во животите, им се заканува на традиционалниот начин на живот. Затоа поддржувам ЕУ интеграција, но сакам ЕУ која ќе работи помалку, но подобро, рамнотежа меѓу европското и националното, рече Захрадил.

Еврокомесарката за пазарна конкуренција Маргарет Вестагер како приоритет ги издвои рамноправноста на жените, борбата против климатските промени и владеењето на правото во секојдневниот живот.

-Гледаме како земји ги менуваат даноците, во Холандија, Ирска, Луксембург, Белгија, Малта и Кипар, затоа што промените доаѓаат. За мене, даночен рај е место каде што сите си ги плаќаат даноците, смета Вестагер.

Главниот кандидат, Манфред Вебер од Европската народна партија, рече дека се залага за моќна и демократска Европа и Европска Комисија која ќе биде блиска до граѓаните и ќе се занимава со нивните конкретни проблеми.

-Би му понудил на американскиот претседател – да се договориме за индустријата и трговијата, но како партнери. Ако не терате, ЕУ ќе се спротивстави. На ЕУ и требаат сила и единство. Затоа мораме да зборуваме за механизмот. Постои идеја за едногласно носење одлуки и затоа ЕУ не може да реагира, не е доволно брза, затоа мора мнозинството да ги носи одлуките, изјави Вебер.

Шестиот кандидат во трка за функцијата на Жан Клод Јункер, холандскиот политичар и во моментов потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс, порача дека верува во европско единство и повика на реформи за што поголема еднаквост, владеење на правото и борба против климатските промени и насилството над жените.

-Луѓе кои гласаа за мојата и за други партии овде, сега гласаат за националистите, понекогаш и за екстремистите. Самите сме виновни. Не ги убедивме да останат со нас. Веруваа во тие предлози, но сега се разочарани. Погледнете што и направи Брегзит на Британија – денес изгледа како Игра на троновите на стероиди, рече Тимерманс.

За време на дебатата, кандидатите не споменаа ништо за проширувањето на ЕУ. Изборните анкети покажуваат дека десницата од центарот ќе остане најголема група. Но една друга анкета покажува дека поголемиот дел Европејци веруваат дека Унијата може да се распадне во наредните 10 до 20 години. Според анкетата нарачана од Европскиот Совет за надворешни односи, а изработена од ЈуГов, третина од Французите и Полјаците и над четвртина од Германците веруваат дека може да почне војна меѓу земјите членки.

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести