ЕУ и затворање на вратата за сиромашните

ЕУ и затворање на вратата за сиромашните

Станува ли ЕУ посилна доколку се прошири и биде поголема? Тоа е едно од прашањата кое и понатаму предизвикува контроверзи откако Емануел Макрон најави иницијатива како обид за преземање на лидерска улога во европската политика. Француското „не“ за отворање на преговорите за ЕУ-членство на Македонија и Албанија, како и изјавата на Макрон за „клиничка смрт“ на НАТО, се дел од прашањата кои укажуваат на можно поместување на моќта од Берлин кон Париз, каде што Меркел, како што се тврди, иницијативата делумно ја препушта во тишина.

Едновремено не престанува ни иритираноста на критичарите на ваквиот развој, поради создадениот вакуум во кој се движи европската политика. Но мислењата се и понатаму поделени и откриваат разлики во пристапот што ни најмалку не се занемарливи.

Во преден план доминира решеноста на ЕУ-лидерите дека Унијата мора да биде посилна, позелена и порамноправна. Токму затоа скептиците го поставуваат прашањето: дали натамошното проширување е на таква линија, што придонесува кон јакнење на ЕУ.

Во тој контекст во некои анализи се укажува дека, меѓу другото, се чини сосема парадоксално она што можеше да се слушне на самитот на ЕПП во Загреб, каде што сите што зборуваа се заложија за посилна ЕУ-соработка и во исто време за јакнење на европската перспектива за двете земји во Западен Балкан, што ќе рече ветување за идно членство.

Но уште поконтрадикторно звучеше кога во Загреб зборуваа претставниците на двете земји аспиранти. Христијан Мицковски ја обвини македонската Влада дека е „синоним за раширена корупција, и дека нејзините активности „вклучуваат непочитување на владеењето на правото, целокупната политизација на општеството и неспособност да се создадат економски и социјални промени во 21-от век“. Кои од овие „црнила“, според описот на Мицковски, може да се сфатат како прилог и аргумент за јакнење на европската перспектива и ставање на Македонија на „побрза лента“ во евроинтеграцискиот процес? Кому, всушност, му се упатуваат вакви пораки?

Но поддршката на европерспективата на Македонија и Албанија не се слуша само во дискусиите на конзервативните и демохристијанските партии што ја сочинуваат ЕПП. Слично звучат и пораките меѓу европските социјалдемократи и либерали, кои сметаат дека и двете земји треба да добијат шанса за да го продолжат својот пат кон членството во ЕУ.

Оттаму и бројните реакции и критики кои се насочуваат кон ветото на Макрон, бидејќи е единствениот европски лидер кој јасно истапи со „не“ за отворање на преговорите за двете западнобалкански земји. Во интервју за „Економист“ Макрон укажа дека е чудно земјите што енергично се борат за намалување на ЕУ-буџетот истовремено сакаат да ја прошират Унијата со нови членки кои ќе бараат голема економска поддршка. Сакаат сендвичот да биде поголем, – како што тоа го илустрира Макрон, – но одбиваат да намачкаат повеќе путер на него.

А меѓу критичарите и скептиците, кои не гледаат јасни предности со забрзување на проширувањето доминира токму таква слика, бидејќи се смета дека дискусијата околу проширувањето се води одвоено од предизвиците кои се веќе присутни во Унијата.

Во новите ЕУ-членки се случуваат миграции од внатрешноста кон големите урбани центри, и уште повеќе од источноевропските кон богатите западни членки. Приближно 400.000 хрватски граѓани живеат и „привремено работат“ во Германија. Иселувањето од Хрвтаска по нејзиното зачленување во ЕУ во 2013 година, како, впрочем, и од Бугарија, Романија и другите поранешни источноевропски комунистички земји, трае континуирано и не покажува никакви знаци на намалување.

Иселеувањето, пред сé на квалификувана работна сила, во комбинација со ниски стапки на наталитетот, создаваат неодржлива ситуација и дисбаланс во развојните перспективи на подрачјето на ЕУ, а што доведе и до воведување на посебен еврокомесар за прашањата поврзани со демографијата. На самитот на ЕПП исто така беше усвоена резолуција што се однесува токму на демографијата.

Но имајќи го предвид актуелниот развој, сосема е јасно дека оној ден кога Македонија и Албанија, како и другите западнобалкански земји, би се зачлениле во ЕУ, мигрантските трендови кои подразбираат „одлив на мозоци“ и празнење на сиромашните неразвиени европски региони, не само што не би се намалиле, туку со отстранување на административните бариери само би добиле во интензитет.

Скептичните гледишта го допираат и најсилниот аргумент што се понудува во прилог на потребата од натамошно проширување, бидејќи во спротивно просторот ќе остане отворен за иницијатива на Русија и други сили. Но прашање е во колкава мера тоа може да го мотивира оптоварувањето што го подразбира  солидарноста и ресурсите неопходни за проширувањето со нови членки, посебно кога станува збор за земји кои се далеку од оценката да бидат сметани за стабилни демократии.

ЕУ можеби автоматски не станува посилна доколку биде поголема. Реформите на ЕУ ќе бидат неопходни за вратата за нови членки, која Макрно ја подзатвори, да не биде и заклучана. Без оглед дали процесот на проширување се смета за неефикасен, спор и тешко запирлив, тоа не би требало да биде причина и за негово опструирање и нејасно пролонгирање, при што дополнителните стратегиски и геополитички гледишта околу европското обединување ризикуваат да доведат до уште поголеми потешкотии за единството на ЕУ и нејзината способност да функционира.

Па дури и во политичкиот вакуум во кој Макрон сега не виде можности за задравување на мозокот, туку – клиничка смрт.

Ивица Челиковиќ