Есенска криза

Есенска криза
9.10.19   15:31

Прочитано : 858

Print This Article

Сите очекуваат одлуката за почеток на преговорите помеѓу Македонија и ЕУ да биде смирувачка пресвртница во политичкиот дискурс во земјата.  Граѓаните очекуваат инстант гратификација во смисла на подобар општествен амбиент, партиите најверојатно очекуваат некакви помирни политички води, во кои стабилизацијата на курсот по кој се движи државата ќе донесе некакво психолошко и политичко олеснување.  Но, дали датумот навистина ќе значи пресвртница во политиката и нашиот општ амбиент, дали наеднаш сите ќе станат конструктивни и посветени на европските интеграции, дали во еден ден политичарите ќе ги пасивизираат своите партиски агенди?  Звучи како научна фантастика.

Зошто мислам дека навидум едноставниот премин кон подобро нема да се случи, односно зошто медениот политички пост европски месец, на кој се надеваат политичките елити, нема да трае? Има неколку причини кои ги сметам за клучни, а потекнуваат од проценката за начинот на кој после датумот ќе се однесуваат сите релевантни фактори на јавната сцена, но и какви очекувања ќе има публиката. Едно е јасно – политичките води нема да се смират.

EU Nord-Mazedonien Premierminister Zaev bei Juncker (picture-alliance/AP Photo/O. Matthys)

СДСМ ќе биде под притисок, пред се од јавноста, која и претходно многу очекуваше по промена на власта, за побрза испорака на политики и реформи. Нивната европска приказна во која инвестираа буквално се, во голем дел се издишува со почетокот на преговори, кога се заокружува значаен наратив на оваа власт.  Но, истовремено, граѓаните се жедни за испорака на ветувања зато што три години посветеноста на Владата кон евроатланските процеси ги канибализира другите политики на владата. Во годината што останува до избори, ако тие се одржат во октомври, според најавата на премиерот, тогаш не знам дали СДСМ има голем простор да промени нешто во другите области макар и за двојка, оти петката со ЕУ не значи и одлична година. Дали можеби на крајот СДСМ ќе процени дека датумот за ЕУ и влезот во НАТО им се главните адути на кои потрошиле три години, но сработиле и нешто кое претходно не било можно со децении, па да се премислат за порани избори?

ВМРО ДПМНЕ после датумот ќе ги разбрани водите со објава на нови скандали за власта ако останат на зборот дека поседуваат докази за низа коруптивни афери. Периодов Христијан Мицковски со промоција на нови лица, со дистанцирање од Груевски, сака да се прикаже како конструктивен опозиционер. Оваа тактика на притаен змеј Мицковски ќе ја игра до денот кога ЕУ ќе објави датум за почеток на преговори, за потоа како тигар да започне со сите сили и средства да удира по власта со крајна цел да изнуди предвремени избори на пролет. Впрочем, главна задача на опозицијата ќе биде како да го минимизира успехот од стартот на преговарачкиот процес, а тоа сигурно нема да биде мирно, за да може бродот на Заев да патува на меден месец.

ДУИ исто така, како партија која е најдолго на власт во државата, ќе нема повеќе реална агенда пред своите гласачи. Тие до сега мудро играа на две карти, едната национална – етноцентрична, со постојани притисоци за јазикот, образованието, квотите… другата за НАТО и ЕУ. Но, сега, после датумот, нивната европска агенда завршува, а претходно исполнети им се речиси сите барања во врска со заштита на националниот и јазичниот идентитет на Албанците. Навидум Али Ахмети нема што повеќе да им продава на Албанците, па ДУИ ќе биде приморана да почне да се занимава со заштита на сопствените позиции и луѓе, кои стигаат и до важни државни функции, како што впрочем го прави тоа и сега но со смален интензитет. Тоа ќе продуцира тензии внатре во владата кои несомнено ќе го отвораат патот до предвремени избори.

Mazedonischer Premierminister Zoran Zaev Rede vor dem Europaparlament (Reuters/V. Kessler)

Меѓународната заедница исто така, ќе има право да ги засили критиките. Периодов и тие се во ситуација кога се конструктивни, вниматели, со охрабрувачки пораки… но до кога? Кога ќе започне преговарачкиот процес нив ќе ги интересираат само резултати и со право ќе очекуваат брзи промени во целото општество, но дали промените ќе се можни со вакви позиции на главните партии? Така што, притисокот од “странците” ќе расте во правец на подобрување и реформирање на животот во Македонија, но тоа ќе доведува до подлабока политичка криза меѓу домашните играчи.

Јавноста сепак е еден од клучните фактори. Откако ќе и помине еуфоријата ќе ѝ светне дека конечно е време некој да ги засука ракавите и да започне со работа. И на граѓаните нема да им се губи уште цела година во партиски конфронтирања и статус кво ситуација. После датумот ќе се засили притисокот за побрзи реформи, поради очекувањата евроатлантската пресвртница да се реперкуира на засилена домашна агенда.

Затоа, моите предвидувања се дека ќе имаме фаза на славење која малку ќе ни го покачи националниот адреналин и навидум ќе не сплоти сите во едно, потоа ќе следи фаза на исчекување во која публиката ќе очекува нови престројувања и заземање позиции, за на крајот да дојдеме до фазата нетрпение кога народот ќе сака резултати, а партиите ќе говорат дека ги испорачуваат. Со едни вакви бранови на политичката сцена тешко дека ќе пловиме низ мирни води.

Петар Арсовски

извор: ДВ

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести