Експлицитен говор на омраза и отворена најава за инциденти на Мечкин Камен

Експлицитен говор на омраза и отворена најава за инциденти на Мечкин Камен

На десет дена пред одбележувањето на „Илинден“ во Крушево, на Фејсбук се организира „патриотски дочек“ на владиниот врв, односно хулиганите се организираат да прават инциденти.

 

„Топло да ја поздравиме стоката северџанска на Мечкин Камен“, гласи настанот кој е организиран на Фејсбук од извесна Марија Котовска.


Скриншот од повикот за насилство на Фејсбук
„Браќа и сестри Македонци и Македонки, на 2 ри август на Мечкин Камен, побројни од лани, да и покажеме среден прст на стоката северџанска со јасна порака дека на комунистичките изроди не им е таму местото. Македонија на Македонците, никогаш Северна само Македонија“, стои во повикот.

Дотичната организаторка Котовска на профилната фотографија на Фејсбук е со пушка во рацете и носи маица на која пишува „Боже чувај ја Македонија“. На едно видео се гледа и како пука со пушка. Според нејзиниот профил на Фејсбук, може да се заклучи дека е членка или симпатизерка на навивачката група Комити.

Минатата година на Мачкин Камен група навивачи предизвика скандал за време на доаѓањето на делегациите, а по завршувањето на манифестацијата тргнала кон претставниците на Владата, но била спречена од полициското обезбедување. Хулиганите фрлаа со пластични шишиња, запалки, свирежи и извикуваа пароли со говор на омраза кон владината и собраниската делегација, како и кон дел од дипломатскиот кор кој присуствуваше на одбележување на Илинден во Крушево.

„Ова не е единствен повик на насилство врз институциите и врз националните симболи, од структури што ги има и во македонската и во албанската етничка заедница. За среќа, тие се малубројни, но нивната деструкција има несогледливи размери. Институциите секогаш мора да реагираат навремено и решително. Јасно е дека зад „храбрите“ поединци се кријат поголеми и посериозни политички и финансиски спонзори. Тие мора да се соочат со полната сила на законот. На тие што организираат вакви наци настани, им порачувам: Илинденското востание им припаѓа на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија. Нека го прочитаат Крушевскиот манифест за почеток“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ ги осудува сите повици за насилство и говор на омраза и бара од надлежните институции соодветно да реагираат. Министерсвото за внатрешни работи треба веднаш да реагира и да преземе соодветни мерки и да ги санкционира сите кои повикуваат на насилство, соодветно со законските прописи.

Извор: цивил