Експертска влада

Експертска влада
20.07.19   20:10

Прочитано : 1,590

Print This Article

Толкувањето на политичките избори, власта и ликот на политичарот е една од поголемите преокупации, ако не и заблуди во балканскиот политички менталитет. Не сакам многу да ламентирам околу фактот дека сме во жижата на една тажна и лоша политичка приказна. Сакам само на работите да гледаме многу појасно. Затоа што силно верувам дека тоа ќе биде дел од поединечното и колективното освестување.

Не ми се допаѓа тоа што првата и основна работа на која се заборава за време на политички избори се гласачите. Сѐ е поважно од нив! Кандидатите кои се натпреваруваат, стрелите кои си ги упатуваат, себеглорификацијата и целосното обезвреднување на Другиот, задкулисните играрии…И што ли уште не!?! И чуму се тука гласачите? Наместо да бидат главен фактор чиј удел во поличката приказна ќа зазема доминантно место, тие се третирани како трговски партнери, за нешто подоцна да станат маргинални точки на хоризонтот на новокомпонираните „преродбеници“. Точки кои полека ќе исчезнуваат од видикот, чиниш и не постоеле. Нивната улога завршила тука, со исполнувањето на математичката формула. После ги множат со нула!

На поведрата страна на нештата, има народи и држави кои нé сакаат и умеат да нѐ почитуваат. Некои од нив ги поминале идентитетските кризи и комплексите на инфериорност какви што има во нашата, Северна Македонија. Тие комплекси ни прават да се чувствуваме бедно и ништожно кога својот стандард го споредуваме со оној во Данска, Америка, Германија, Швајцарија, Шведска…Поради тоа што во континуитет сме биле жртви на донкихотовска политика, ни изгледало утопично тој стандард да го замислиме во нашите бедни населби и градови, чие што население сѐ почесто заминува со билет во еден правец.

Е, во таква една клима, нашиот стремеж да бидеме дел од ЕУ е можеби најправедниот избор што сме го направиле досега. Ама што е она што е важно за да го оправдаме тој избор? А пред сѐ да доживееме да бидеме дел од европското семејство? Исмаил Кадаре во „Палатата на соништата“, осврнувајќи се на начинот на кој функционира тоталитарниот режим, пишува за една измислена држава, за измислено министерство, во кое граѓаните мора секое утро да пријават што сонувале во текот на ноќта. Не сакам владината палата да ја поистоветувам со Палатата за која зборува Кадаре, но едно ќе кажам. Таа итно мора од своите одаи да ги острани сите ликови а ла Дон Кихот и Санчо Панса, оние кои бескруполозно ги полнат своите банкарски сметки, вкусувајќи луксузи кои обичниот граѓанин не ги видел ни на филмска лента, а камоли со голо око. Местото на овие дотерани криминалци не им е во Владата.

Не дека ние немаме експерти. Се разбира дека имаме и такви коишто се способни до степен другите, однадвор, да ги третираат како скапоцени, а ние, одвнатре, речиси и да не ги препознаваме. Но, тоа е друга приказна! Да застанеме кај ургентноста од формирање експертска влада. Нешто што треба да се стори сега, веднаш и без одложување!
Како лекар, многу добро го познавам значењето на поимот ургентност. Смислата за итност не смее да нѐ напушти ниту во дел од секунда.

Токму такво треба да биде дејствувањето и на владиното тело. Ургентно, неодложно и безусловно. Затворање на сцената за ликови кои се „служат“ со владините функции поради припадноста во партијата, а отворање за кадри кои ги одликуваат интелектуални и професионални вештини. Луѓе кои својот сон, замисла, идеја и потфат за подобро утре ќе им ги раскажат на граѓаните и ќе се разбираат со нив. Тоа ќе биде тој тим кој што земјата ќе може да ја одведе во ЕУ. А не оние арогантни ‘сезнајковци’ чиј што врвен стремеж е сопствената слобода да ја заслужат преку ропството на другите.

Затоа сум за експертска влада. Затоа што имаме непартиски обележани луѓе кои што сакаат да работат, придонесат, безусловно да се вложат и дејствуваат, оние кои што знаат дека учењето и иновацијата одат рака под рака. Оние кои што знаат дека она што го вложиле вчера и денес, ќе биде доволно за да се прооди на патот кон успехот. Патот кон Европа! Да ги задржиме таквите, а да ги испратиме оние, погрешните!
Убаво рекол Џим Рон „Ако не сте подготвени да го ризикувате вообичаеното, ќе морате да се согласите со обичното“

 

Арбен Таравари

  Категории: