„Ефектот на среќа“ ќе го отвори „Синедејс“ на 7 ноември

„Ефектот на среќа“ ќе го отвори „Синедејс“ на 7 ноември
5.11.19   11:54

Прочитано : 99

Print This Article

Oд 7 до 15 ноември 2019 година, во организација на Младинскиот културен центар ќе се одржи осумнаесеттото издание на Фестивалот за европски филм „Синедејс“. Годинава е најавен и специјален „Off Cinedays” настан, кој е закажан за 16 ноември.

„Синедејс“ се приклучува и кон светската прослава на 50 години од првото емитување на комичната серија „Monty Python’s Flying Circus” преку специјални проекции на нивните пет филмски остварувања (“And now for something completely different”, “The Meaning of Life”, “Live at the Hollywood Bowl”, “Monty Python and the Holy Grail”, како и “Life of Brian”). Специјален гостин во рамките на оваа програма е продуцентот Стив Абот, кому ќе му биде врачена наградата за животно дело за неговата работа со Монти Пајтон, а ќе има и мастерклас за пошироката јавност и филмската публика.

Отворањето на фестивалот е со премиерата на филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски, a за затворањето е резервиран „Beyond the Horizon” во режија на швајцарската режисерка Delphine Lehericey. Филмот е снимен како македонско–швајцарска копродукција, каде што малцински продуцент е Кино Око на продуцентот Роберт Насков, а во филмот главната улога ја толкува познатата француска актерка Летиција Каста.

Публиката на фестивалот ќе има можност да го види последното остварување на Џим Џармуш „The Dead Don’t Lie”, како и „Rainy Day in NY” на Вуди Ален, канскиот победник „Parasite”, „Sorry We Missed You”, на режисерот Кен Лоуч, „By the Grace of God”, на Франсоа Озон, „The Golden Glove” на Фатих Акин, „An Officer and a Spy” на Роман Полански, „Young Ahmed” на браќата Дарден, „Pain and Glory” во режија на Алмодовар, берлинскиот победник „Synonyms” во режија на израелецот Надав Лапид и други.

За прв годинава е воведена Наградата за најдобра филмска музика на авторски филм, каде што жирито во состав: Александар Пејовски, композитор, Дарија Андовска, композитор, пијанист и музички автор, како и Влатко Галевски, филмски критичар, ќе одлучи за најдобрата музика на филм од компетитивните селекции.

  Категории: