ЕФБ: Декларација за европско партнерство со Балканот-се бара искреност и брзина

ЕФБ: Декларација за европско партнерство со Балканот-се бара искреност и брзина
17.04.18   09:38

Прочитано : 85

Print This Article
loading...

Европското партнерство со Балканот мора да се темели на поискрени и потранспарентни односи кои ѝ даваат предност на демократската трансформација – се наведува во Декларацијата за европско партнерство со Балканот што беше промовирана синоќа во Белград од страна на повеќе угледни јавни личности и политичари од Европа и Балканот, собрани на регионална конференција по повод 10 годишнината од Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ).

На одбележувањето и на промоцијата присуствува и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој беше и еден од главните говорници синоќа.

„Членството во ЕУ не е прашање на политички опортунизам, туку генерациска политичка и социјално-економска определба – се вели во Декларацијата. Во нејзе се истакнува и историскиот момент, со потсетување на Првата Светска Војна: „Сто години по завршувањето на Првата светска војна, 2018. година треба да значи историска пресвртница. Новата стратегија на Европската комисија и самитот за Западен Балкан закажан во мај, 2018 година ја потврдуваат цврстата определеност на ЕУ за исполнување на оваа цел“.

Но, истовремено се предупредува од можна дестабилизација доколку не се искористи моментот: „Ако регионот ја искористи оваа шанса, тој може да стане дел од ЕУ… Но, ако Западен Балкан ја испушти оваа шанса, ризикува да заостане зад ЕУ, без јасна визија, изложен на дополнителна дестабилизација“- се вели во Декларацијата.

Обраќајќи му се на собирот како главен говорник, Димитров, поранешен алумнист на ЕФБ синоќа потсети дека сме во „ист чамец“: „Крајно време е подрачјето на Западен Балкан во процесот на пристапување кон Европската унија храбро да се соочи со проблемите што го оптоваруваат и заеднички да гради иднина“, додавајќи дека сме во „ист чамец и што поскоро тоа го разбереме, ќе биде полесно да ги решиме нашите проблеми“.

На перспективите, но и можните негативни сценарија за Балканот, се осврна и поранешниот потпретседател на Европскиот парламент Ханес Свобода, кој се заложи за брзо „условено членство“: „Помалку права и обврски, а доколку државата кандидат ги исполни сите услови успешно, станува полноправен член. Во спротивно ќе се случи катастрофа“, вели австрискиот социјалдемократ, додавајќи дека тука се Русија, Кина и Турција, а ЕУ не се снаоѓа баш најдобро.

Конференцијата продолжува и денеска со учество на повеќе познати сегашни и поранешни политичари, меѓу кои се Димитров, Свобода, Ерхард Бусек, Горан Свилановиќ, како и околу 200 други угледни јавни личности, претставници на тинк-тенк организации или вработени во министерствата од земјите од регионот.

  Категории: