Една година од формирањето на војската на Косово

Една година од формирањето на војската на Косово

 

На денешен ден пред една година, Собранието на Косово со 106 гласа за и еден воздржан го усвои пакетот од три закони со кои се промени мандатот на Безбедносните сили на Косово (ФСК) и тие практично прераснаа во војска на Косово, без да им се смени името.

Промената на мандатот на ФСК беше изведена со изгласување на нацрт-законите за ФСК, за Министерството за одбрана и за службување во ФСК.

Седницата ја напуштија десетмината пратеници на партијата на косовските Срби, Српска Листа, која, како и официјален Белград, категорично се спротивстави на формирањето на вооружени сили на Косово, нагласувајќи дека единствена вооружена формација во Косово, според Резолуцијата 1244 на Обединетите нации, е КФОР.

Лидерите на косовските институции изгласувањето на законите за војската го оценија како „историски ден и една од најзначајните одлуки од прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, по повод оваа годишнина вчера Министерството за одбрана го посети премиерот во оставка Рамуш Харадинај, кој изрази уверување дека во наредните неколку години ФСК ќе прераснат во војска со полн капацитет и ќе застанат рамо до рамо со силите на земјите на НАТО.

Харадинај по тој повод го одликува командантот на ФСК Рахман Рама со орденот „Ѓерѓ Кастриоти Скендербег“.