Еден од 56

Еден од 56

Деновиве, на четиригодишно дете непромислено му ја уништив фантазијата, откривајќи му дека не постои временска машина што може да го врати времето назад. Бараше да му се наштелува играчката („временска машина“), за да го врати времето пред да си го изгуби неговото милениче – кученце. Не сакаше друг миленик. Тагуваше по изгубеното пријателче.

Не ми помина објаснувањето дека временската машина во моментов е расипана. На крајот, мислејќи дека нема друг излез, ја кажав страшната вистина – дека временска машина не постои. Исто како да сум му рекла дека не постои Дедо Мраз.

Веднаш ми стигна демант – дека постои и временска машина, и Дедо Мраз! Ендемскиот вид на временска машина што постои кај нас, имал добри перформанси: од декември 2019 година може да нè врати, на пример, на 12 април 2016 година. Не е битно дали машината работи на погон на Уставниот суд, на подземен политички договор, на нечие прегрупирање…

Исходот од нејзиното функционирање води кон иста можност: како општество да се вратиме на местото на злосторството пред три години, да го гледаме во живо воскреснувањето на амнестијата од Иванов, да ја поздравиме трипати со вообичаениот поздрав на надземното подземје „амнестија воскресе – навистина воскресе“, а потоа колективно да се посипеме со пепел, бензин или сами да си поставиме динамит.

И, како што би му рекол Груевски на Миле – „да не ја тупиме многу“, туку веднаш да го разнесеме на парчиња и последниот атом надеж дека овде смее да никне правда.

Фактот дека по цели три години, Уставниот суд токму пред избори одлучи да решава дали ќе ја оживее амнестијата од Иванов, навестува интересни политички игри и интриги. Некои повикуваат на протести, на силна општествена реакција.

А зошто да протестираме? Зошто да не засадиме цвеќиња пред Народната канцеларија на претседателот, таму каде што пред три години гореа сликите на Иванов и канцеларискиот инвентар? Зошто патеката до Уставниот суд да не ја постелеме со рози? Зошто да не испечатиме маици со парола „еден од 56“?

Колумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја тука