Двосмислен говор

Двосмислен говор
15.08.19   14:57

Прочитано : 739

Print This Article

Историјата, па и македонската, памети многу последни битки, решавачки за опстанокот на државата, на народот. Но тоа е сепак историја. Совремиево заврши со такви „црносудбински“ нешта, не затоа што Фукујама нареди крај на историјата туку затоа што светот научи нешто од историјата па следствено функционира поинаку. (Иако не научи баш се’, зашто „светот“ неподготвен ја чека најголемата од сите битки: со самите себе, за опстанок токму на Светот!). Ние, по обичај, малку учиме, или учиме погрешни лекции. Ако „војсководците“ ви бегале од часови, тогаш е можно да наслушнале погрешни приказни и читале бајата литература. А ние знае(в)ме и такви! Но, дали ова што ни се подготвува навистина ќе ни биде последната битка, останува да видиме. Да гледаме онака, од страна, можеби малку да навиваме – да, глупав збор, ама сигурен сум дека и другата страна ќе има навивачи – и да се надеваме. Општа мобилизација се’ уште нема, власта мисли дека може самата да се справи со проблемите, не и’ треба нашата помош. Не сум многу сигурен во таа нивна логика, судејќи според справувањето со редица други, дури и помали по размер и жестина, но сепак – битки.

Ова го велам зашто најновиот потег на Владата со формирањето на она како-ли-се-викаше тело говори многу. Ама говори двосмислено, и за и – против нашата, поточно нивната подготвеност! Од една страна сака да упати силна порака на единство и спремност за борба, ама од друга говори за нивна недоверба во системот, во институциите и нивните раководства, кои сепак се под команда на истата таа Влада. Говорот за таа подготвеност за последната битка е јасно искажан, лесно е читлив, ама некој како да заборавил дека баш таа битка Владата не може, никако, по дефиниција, да ја води самата. Зашто, ако нема доверба во нејзините елитни единици, каква битка мисли да бие? Оттука, сосема логично е прашањето: има ли Владата воопшто доверба во нејзините институции? Ако нема, тоа треба отворено да се каже и токму затоа да се повика на општа мобилизација, а таму каде што треба и институционален „пресврт“, да не речам пуч: смена на први, втори, трети ешалони и сл. Ако пак има, зошто не ги користи? Или, не дај боже, (и) овде станува збор за „панаѓур на суети“? Велам не дај боже зашто оној некогашнион провинциско-фашизоиднион панаѓур, оној што го гледавме цели дванаесет години, не’ чинеше очајно многу. Втор – не ни треба. Но, овие дилеми вчера ги развеа самиот Премиер велејќи дека „Ова е оној дел од борбата за конечна победа на правдата (повторно таа Правда која никако да победи, м.з.) и демократијата врз криминалот и манипулациите за кој велам дека е трауматичен, но неопходен“! Ова, само на поинаков начин, го потенцираше и Претседателот на државата Пендаровски со апостроф на фактот дека овде станува збор за „информациска војна“, дури и за загрозување на националната безбедност. (Иако дијагнозите во самата суштина се разликуваат, ама тоа изгледа никој не го забележува?!). Да, сето ова полека добива облик на мека „специјална војна“ против власта! Од кого, против кого односно за што, останува да се види. Дали е само битка на Мафијата против Правдата (читај: Државата), како што вели Диневски, или сето ова има и подлабоки, политички корени (НАТО, ЕУ)? Но, дотолку повеќе, зарем Премиерот и неговите министри – не сите!? – самите ќе ја водат оваа (последна) битка? Тоа е мојата дилема, плус уште неколку други, можеби поситни, ама првата е драматично симптоматична. Зашто (пре)многу говори за состојбите во државава, за постапното распаѓање на системот во кој што институциите немаат контрола над случувањата, а Владата нема контрола над институциите? Или јас нешто погрешно сум разбрал? Допуштам и тоа, ама сегашниве потези упорно ме убедуваат дека не грешам. Инаку, зошто Владата така би се дистанцирала од институциите? А тоа не е само моја констатација. Да, знам, ова не ги подразбира двата најважни фактори во државата: војската и полицијата. А велат, кој ги „владее“ нив – владее со државата. Можеби, ама тоа е така во диктатурите, тоа беше така во времето на груевизмот … зошто и сега би било така? Зарем другите институции не се потребни на Владата? Ако е така, односно ако Владата може и сама, зошто не ги укине? Ќе го куртули државниот буџет од големи трошоци. Или толку многу ли се силни криминалните структури, толку многу ли се навлезени во порите на системот / институциите што Владата, сосе Премиерот, мора да смислува специјални „политики“ за нивно премостување? Ова, извинете, многу заличува на Џон ле Каре или на некој црно-бел филм од педесетите години. Но, прифаќам, тоа може да е само мој впечаток, без каква и да е’ реална подлога!

Како и да е’, дообјаснувањата на Премиерот (во неговото експресно интервју за МИА) фрлаат малку (нова) светлина на сите актуелни собитија во државава, но не ги (до)објаснуваат. А тоа е неопходно, тоа е императив во вакви ситуации! Ако е ова навистина таа „последна битка“, а сите назнаки упатуваат на тоа бидејќи и Премиерот говори за „конечна победа“, но и за „трауматичен, но неопходен“ дел од таа борба до онаа „конечна победа“, тогаш (повторно) се наметнуваат цела низа прашања на кои што некој, некогаш, ќе мора да даде одговор, ако не пред оваа јавност тогаш пред историјата. Да, тоа можеби прозвучува патетично, ама не е. И на оние фашизоиднине груевистички малограѓани во првите години од нивната стравовлада сите прашања им изгледаа смешни и депласирани, ама веќе – не, нели? Историјата, па дури и онаа на Фукујама, (за среќа) не простува! Е сега, прашањата би биле истите што ги поставуваме цели (веќе) три години. И тие не се (само) политички. На пример: зошто стасавме до ова дно? Нели мислевме дека ги допревме сите дна во времето на криминалецон од Будимпешта? Заради институциите, заради нивните раководства, заради службите во нив кои што не функционираат на бараното / очекуваното ниво … ? Веројатно, ама, повторно, нели токму Владата беше / е’ таа која ја има контролата над институциите што се во нејзина надлежност? Или – ја нема? И ако навистина ја нема, зошто тоа не се каже отворено, иако е болно, разбирам, ама тогаш се бара помош, домашна и/или меѓународна, ако веќе сме дошле до последната, одлучувачката битка? И што во тој општ контекст – да не речам хаос – прават оние силни советници во Владата? Кого советуваат, и за што? Има и многу други прашања, ама ми се чини дека ова е суштинското, круцијалното.

Не очекувам одговор, се разбира, како што никогаш и не сум очекувал, од оваа како ни од претходната власт. Иако, мене, (и) тоа ми говори многу! Од друга страна, нема да ги разглобувам сите други потенцијални прашања, кои во крајна линија резултираат во прилично непријатни – да не речам убиствени – констатации за некои политики на оваа власт. Ама, сепак, мислев дека некои нешта се / ќе бидат надминати. Не се, за жал!

Златко Теодосиевски

Извор

  Категории: