Две жртви по уривањето висечки мост во југозападна Франција

Две жртви по уривањето висечки мост во југозападна Франција

Возач на камион и 15-годишно девојче загинаа откако се урна висечки мост над река долг 150 метри при што и неколку возила паднаа во вода, јави дописникот на МИА.

Регионалниот обвинител Доминик Алзеари изјави дека мајката на девојчето е спасена од луѓе близу мостот што ги поврзува градовите Мирепоекс-сур-Тарн и Бесиер, во југозападна Франција. Мостот се урнал поради преголема тежина на камионот.

– Неговата тежина се проценува над 40 тони, а мостот можел да издржи товар до 19 тони, изјави градоначалникот на Мирпо-сур-тар, Ерик Оге.

Девојчето, наводно, било во автомобилот заедно со родителите во моментот на уривање на мостот.

Неколку часа подоцна, Оге објави дека е пронајдено и телото на возачот на камионот што паднал во реката и дека во несреќата се повредени пет лица, меѓу кои и двајца пожарникари.

Мостот датира од 1931 година – долг е 150 метри и широк пет метри, и реновиран во 2003 година.

Несреќата сепак, повторно го отвори прашањето за исправноста на мостовите во Франција. Според некои проценки, во Франција 25.000 мостови имаат безбедносен проблем, додека на 23 најголеми мостови им е потребна интервенција.