Детскиот плач сѐ поретко се слуша во родилиштето во Крива Паланка – некогаш се раѓале и по 300 бебиња годишно, а лани само 3

Детскиот плач сѐ поретко се слуша во родилиштето во Крива Паланка – некогаш се раѓале и по 300 бебиња годишно, а лани само 3
4.04.18   10:46

Прочитано : 230

Print This Article

Некогаш се раѓале и по триста бебиња годишно, а лани само три. Бројот на новороденчиња родени во гинеколошко-акушерското одделение во здравствен дом „Димитар Арсов“ во Крива Паланка во 2017 година е помал од  бројката на бебиња кои се раѓале во минатото овде во текот на едно деноноќие.

Ова е реалната состојба која, за жал, трае со години, поради немање специјалисти-гинеколози, педијатри и останати стручни медицински лица во јавното здравство во Крива Паланка, а придонесе за немање редовни породувања во родилиштето.

Сега, тука се вршат породувања само на трудници со итност, односно на случаите каде веќе породувањето е во тек или „in traсtu“, вели д-р. Ацо Младеновски, специјалист гинеколог кој работи во приватно здравство.

доктор паланка гинекологија

– Во породилното одделение годишно се раѓаа околу 300 деца, но редовните породувања прекинаа во 2013 година. Оттогаш годишно се вршат најмногу десетина породувања и тоа во случај кога раѓањето е in traktu т.е. веќе е во тек. Нема доволно специјалисти гинеколози во општината, а јас и мојот колега работиме во приватни здравствени установи. Крива Паланка има квалитетен персонал, специјалисти, гинеколози и хирурзи, но повеќето од нив се пензионирани. Нема искусен кадар кој работи во оваа дејност во јавно здравство, а и не се обучуваат тековно, изјави доктор Младеновски.

Според него, за да функционира гинеколошко-акушерското одделение потребна е комплетна екипа од анестезиолог, трансфузиолог, четири гинеколози, акушерки, анестетичари, инструментарки.

– Нема крвни деривати, ниту медицински кадар, трансфузијата не работи, треба да има четири гинеколози кои ќе покриваат 24-часова работа. Нема нова опрема, а неопходен е и адекватен простор, хируршка сала и породилна сала. Ваков тим нема и не може да се екипира во моментот, па поради тоа, сметам дека времено решение би било да се воведе навремена „тријажа“. Тоа подразбира ред на итност: брзо, и навремено транспортирање на трудниците до најблиските соодветно опремени медицински центри каде може да се врши породувањето, додава доктор Младеновски.

Нагласува дека во иднина не очекува дека ќе има гинеколози во секоја здравствена установа, туку само во региони-регионални центри, додека, како што рече, најверојатно семејниот лекар ќе ја преземе улогата на лекар кој покрај останатото, ќе ја води и бременоста на жените.

Породувања во Крива Паланка најпрвин се вршеле во некогашниот родилен дом, кој се наоѓал на друга локација во градот, се сеќава Борка Ристовска. Најпрвин родилиштето било лоцирано во т.н Лучка куќа, па подоцна кај старата Спомен-костурница.

Подоцна, во 1958 година е формирано гинеколошко-акушерското одделение во здравствениот дом „Димитар Арсов“. Прв доктор специјалист-гинеколог бил Раде Младеновски, кој почна со работа во 1971 година. Одделението денес го носи неговото име.

Неговата работа ја продолжува и неговиот син, доктор Горан Младеновски, кој е еден до двајцата приватни гинеколози што ги опслужуваат пациентките, не само од Крива Паланка, туку и од Ранковце и Кратово.

– Проблемот е поливалентен, а многу фактори диктираат дали ќе може да се возобнови. По мојата специјализација, од 1998 до 2006 година Одделението работеше интензивно, имавме одличен персонал во јавно здравство, тогаш се опреми и модернизираше ГАК, имаше искусни акушерки, стручњаци-специјалисти, анестезиолог, целиот потребен кадар. Во 2006-та година, први септември, со трансформацијата на државното здарвство, јас и колегата преминавме во примарна медицина, приватни матични гинеколози. По ова, не се водеше сметка за обучување нов кадар во јавно здравство, а и многу млади лекари заминаа во западноевропските земји, изјави доктор Горан Младеновски, специјалист-гинеколог.

паланка бабица

Посочи дека според здравствената мапа на Министерство за здравство, предвидено е на територијата на Ранковце и Крива Паланка да работат четири гинеколози, еден во Ранковце и три во Крива Паланка, а сега има само двајца.

Секојдневно  имало по повеќе бебиња на одделението

Љубица Ѓоргиевска,  пензионирана акушерка- бабица со 43-годишен работен стаж

– Прво па машко, вака би го опишала моето прво искуство во праксата и моето прво  самостојно породување кое го извршив на 16 години, во втора година гимназија, кога бев на пракса токму во нашата болница. Беше тоа во јули, 1971 година. Јас бев  на пракса, а акушерката задолжена за мене ме остави на одделението бидејќи  мораше да замине на посета во домашни услови. Во меѓувреме пристигна една трудница од село Отошница, општина Ранковце, која мораше да биде породена, па јас  го извршив породувањето, се сеќава тетка Бубе.

паланка бабица

Раскажува дека тогаш, во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, многу породувања се вршеле и во домашни услови, во селата, кои како што вели, биле полни со луѓе.

– Тогаш помалку жители броеше општината, но селата беа полни со луѓе и сите се породуваа тука. Секојдневно сме имале по повеќе бебиња на одделение, зашто родилките се затекнуваа, седеа минимум пет дена по породување, вели тетка Бубе.

Прв гинеколог –специјалист кој работел во ГАК, при кривопаланечкиот здравствен дом бил доктор Раде Младеновски.

– Доктор Раде беше првиот и единствен гинеколог кога јас се вработив, подоцна дојде и доктор Стојан, двајцата врвни стручњаци и добри луѓе. Се работеше многу, и работевме како добро оркестриран тим, што секако се должеше на стручноста и професионалноста, кои беа пред се.

Вели, во тоа време имало и над 400 породувања годишно, а во период од 24 часа се раѓале и по пет бебиња.

– Работевме дење, ноќе, во секакви временски услови и во домашни услови по селата. Така го „печевме“занаетот. Бевме некогаш пет, некогаш четири акушерки и покривавме и терен, и дежурства и амбуланти. Сите совесно си ја работевме работата, рече тетка Бубе.

Како што рече, при какви било компликации, во тоа време не ги прифаќале родилките во Куманово, па морале да бидат транспортирани 100-тина километри, до клиниките во Скопје.

Одделението не е затворено, но нема редовни породувања

При преминот на двајцата педијатри и двајцата гинеколози во приватно здравство, јавното здравство во Крива Паланка остана без овие специјалисти. Оттогаш, во Здравствениот дом нема гинеколози, вработени во јавно здравство. Во моментов на специјализација – предијатрија е испратен еден лекар, а од Министерство за здравство е  побарана специјализација за гинеколог.

Д-р. Бранко Стаменковски, директор на Јавна здравствена установа здравствен дом, „Димитар Арсов“, Крива Паланка, рече дека гинеколошко –акушерското одделение функционирало беспрекорно, но во моментот јавното здравство нема специјалисти гинеколози, ниту педијатри и друг неопходен кадар. ГАК-одделението не е нефункционално во целост, се вршат само итни породувања.

-Одделението не е затворено, но нема редовни породувања, освен во итни случаи, кога веќе е почнато породување и не е безбедно  да се транспортира трудницата, секако во интерес на пациентката, и на новороденчето, со што се намалува здравствениот ризик. Инаку, Здравствениот дом Крива Паланка и покрај немање породилиште, трудниците ги опслужува во смисла на соодветна грижа за нив  преку овозможување санитетско возило и медицинска екипа која ги транспортира до најблискиот регионален здравствен центар во Куманово, во секое време, посочи директорот Стаменковски.

Посочи дека се работи на решавање на моменталната ситуација, се прават напори и консултации со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, во координација со двајцата гинеколози од приватните здравствени  установи во градот.

-Се надевам дека во најскоро време ќе се постигне некаква соработка за да се најде времено решение за згрижување и породување на трудниците во ГАК- одделението во Здравствениот дом „Димитар Арсов“ во интерес на целото население од општината. Постои разбирање и добра воља и од Министерството за здравство и од гинеколозите и се надевам ќе се изнајде позитивно решение, додава Стаменковски.

Без добро екипиран тим-не треба да има редовни породувања

И според доктор Стојне Величковски, специјалист педијатар, Крива Паланка во моментот нема услови за да се рестартира гинеколошко-акушерското одделение.

– За да се прифати родилка неопходен е добро екипиран и стручен тим, а познато е дека нема специјалисти кои би го сочиниле тој тим. Не може ниту да се споредуваат некогашните услови со денешните, во однос на сложените ситуации со кои сме се соочувале  тогаш, пред десетина и дваесет години. Ама тогаш имаше специјалисти кои работеа беа во јавно здравство, а сега ги нема. Дел се пензионирани, дел се приватизиравме, така што реставрација на одделението не е решение, вели д-р Величковски.

Рече дека сега и условите се други, пациентите се и повеќе информирани и имаат високи барања, очекувања од лекарите, а тие пак, зависат од многу фактори и услови, а не само од самиот лекар-специјалист.

-Она што е најдобра алтернатива за, пред се, безбедноста по здравјето и на родилките и на бебињата, е брз транспорт. Тоа подразбира тим од добро едуцирани, остручени акушерки и лекар, добро и соодветно санитетско возило да може да ги транспортираат родилките до најблискиет соодветно опремени здравствени установи, додава Величковски.

Во насока на реализација на предложените решенија за проблемот, неминовна е и реконструкција-рехабилитација на патниот правец Крива паланка – Куманово, што е во лоша состојба или изградба на најавениот експресен пат Страцин-Крива Паланка.

Според податоците од матично одделение во Крива Паланка, во 2017 година на подрачјето на оваа општина се родиле три бебиња. Во насока на трајно решавање на проблемот, без малтретирање на трудниците по патиштата, очекуваме секојдневно детскиот плач да биде алармот кој ќе ги буди жителите од околината на здравствениот дом „Димитар Арсов“, Крива Паланка.

Ирена Димитровска

Извор: МИА

  Категории: