Десет стипендии за постдипломски студии за најдобрите студенти на пет факултети на УКИМ

Десет стипендии за постдипломски студии за најдобрите студенти на пет факултети на УКИМ

Десет стипендии за постдипломски студии за најдобрите студенти ќе добијат Машинскиот, Технолошко-металуршкиот, Природно-математичкиот и Економскиот факултет, како и Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Ова го овозможува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски и главниот извршен директор на ОКТА, Јанис Геруланос. Секој од факултетите ќе добие по две стипендии.

По потпишувањето на Меморандумот во Ректоратот на Универзитетот, проф. д-р Јанкуловски рече дека на овој начин компанијата симболично ги отсликува и сопствените потреби и кадровските приоритети. Посочи дека со потпишувањето на Меморандумот се гради и се зајакнува врската меѓу Универзитетот, бизнис секторот и општеството.

– На овој начин Универзитетот ќе може успешно да ја извршува својата функција во насока на развој и унапредување на општеството. Само така Универзитетот како витален центар за создавање високо квалитетни и стручни кадри ќе продолжи да ги исполнува високите стандарди за нивно вклучување во пазарот на трудот и ќе ги следи потребите на стопанството, додаде проф. д-р Јанкуловски.