Данок за неморалот и нестручноста

Данок за неморалот и нестручноста
12.06.19   20:25

Прочитано : 441

Print This Article

Морам да се вратам на мојата констатација од пред неколку дена дека Владата, или барем премиерот и оние неколку поагилни министри кои (и) вчера гостуваа на една од националните телевизии објаснувајќи и’ ги на јавноста резултатите од нивната двегодишна работа, морат тоа да го прават почесто, барем еднаш во месецот. И тоа е така зашто луѓето очигледно не ги знаат постигнувањата на оваа Влада во повеќето области, или пак тие информации не се соодветно пласирани во јавноста.

Тука не мислам на онаа поранешна налудничава мегафонична навика на бандитон и неговото злосторничко здружение да трубат ден и ноќ и за тоа што сработиле а уште повеќе и за она што не го сработиле ама лажеа дека го сработиле. Не, но мислам на оној тип едноставно, разложно и прецизно информирање за се’, па и за најбаналните нешта во кои што често се крие сложеноста на зафатите. Како што впрочем и сега, прв пат, барем за мене, премиерот објасни зошто отстапил од идејата за целосна реформа на правосудниот систем преку (на времето) најавената комплетна реконструкција според системот „надвор-внатре“. Односно, преку распуштање на целиот судски апарат и негово повторно ангажирање врз база на строги стручни, професионални, морални / етички стандарди! Одговорот на премиерот беше фрапантен: ние мора да ги толерираме „сваровски“ судиите зашто немаме со кои други да ги замениме! Поточно: ако во државава има 750 судиски места, а тие се пополнети само со 522 судии – што ќе рече недостасуваат повеќе од 200 (какви-такви) судии – и ако сега на тоа додадеме некаква апроксимативна проценка дека барем, најмалку 200 корумпирани судии не би биле повторно ангажирани во судовите, останува страшниот факт дека нам би ни останале непополнети повеќе од половината систематизирани судиски места. А нема со кого да ги пополните! Што ќе рече – ќе предизвикате целосен застој, да не речам крах на судскиот систем. И мислите дека тоа онаа организирана судска банда не го знае? Го знае итекако, затоа е и така комотна, затоа и ни се смее в лице, на чело со оној „Превара“! Е сега, некој, па и јас, ќе рече: сеедно, ама еднаш мора да се расчисти со таа банда на која што и’ плаќаме таков данок, дури и по цена на колапс на судството. Ама, тој некој, па и јас, не сме политичари, ние би рескирале, ама Заев е’ политичар и бара долгорочни решенија.

Но, ако тоа му го признаеме на премиерот, а мораме, сепак ни останува можноста да бараме резолутни, па и драстични промени во другите ресори, каде што дрскоста во справувањето не би предизвикала такви застои. Иако ситуацијата е секаде горе-долу иста, во сите области: нема доволно, односно има дефицит на стручни и чесни луѓе! Земете го за пример здравството, каде имаме хроничен недостаток на кадар. Кога тоа ќе си го признаеме, нештата стануваат појасни. Ние во континуитет од неколку години започнуваме да го плаќаме данокот на нестручноста и неморалот наследени не само од будимпештанскион бандит и неговите јатаци туку и на некои претходни влади / власти. Дури сега ни станува појасна и формулацијата „заробена држава“ која што не се однесува само на партизацијата на државата, на киднапирањето на админстрацијата, на криминализацијата на апаратот … туку и на ригорозната нивелација на стандардите, на професионалноста, на моралот. Сето тоа оди заедно во насоката на целосна девастација на државата и нејзините функции, од горе (од онаа будала која до неодамна спиеше во вилата на Водно) до долу, до најситниот механизам во државната администрација. И овој данок е долгорочен данок, дури дуплиран со рапидното напуштање на државата од страната на младите и способни генерации кои, де факто, требаа да бидат таа свежа крв во системот.

Оттука, прангите на заробената држава не се кршат преку ноќ. Иако изминативе две години видоа многу проспани ноќи. Па и денови. Зборот ми е: ако немаме што да му противречиме на премиерот на објаснувањето за судскиот систем, сепак можеме да сугерираме дека некои други области не беа / не се засегнати со такви поразителни бројки. На пример културата, па науката, па голем дел од државната администрација. Не дека е баш така лесно да се најдат екстра стручни луѓе за сите области, ама можат да се регрутираат доволно стручни а сепак морални и професионални поединци. А тоа не се (на)прави, што е дополнителен разочарувачки елемент за јавноста. На пример, од кого зависат промените во третманот на македонската наука? Или промените во МАНУ, ако баш сакате? Па таму се’ уште седат главните иницијатори и промотори на заробената држава! Или културата? Радодајните „експерти“ кои коленичеа и снисходливо му служеа на криминалецон од Будимпешта повторно ги водат ората: едно напред – две назад! Политиката и ескпертизата во времето на режимот се споија, станаа едно. Се лажеше и во политиката, се лажеше и во струката; во политичари и експерти се промовираа и келнери и инкасатори, советници станаа најголемите незналици. Сетете се само како онаа пуфлана беше промовирана во културен стручњак. Ама претходно и братучедката и’, не заборавајте. Па уште цела една чета, море бригада, од приучени партиски морончиња и миленичиња кои упропастуваа се’ што ќе допрат. Но зошто мора да ја продолжуваме неуспешната приказна, а сме ветиле – друга, нова, суштински различна?

Овој данок на нестручност и неморал може да го укине само власта, Владата, Премиерот. Никој друг. И треба да почнат од внатре, како што впрочем и почнаа во партиските редови. Ако судството мора и понатаму да остане „бела мечка“ заради икс причини, тој данок не мора да важи во другите области каде не сме толку дефицитарни. Иако, впрочем, и во судството може чекор по чекор да се исчистат судниците од најкорумпираните – а тие барем се познати – од оние најнестручните. Неморалните. Зашто струка / експертиза без морал – нема. Такво нешто во светот не постои. Освен кај нас, се разбира.

Златко Теодосиевски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести