„Бубачки“ на секој ревер: Кој и зошто ги снима Груевски, Пешевски, Ставрески и Тодоров?

„Бубачки“ на секој ревер: Кој и зошто ги снима Груевски, Пешевски, Ставрески и Тодоров?

Откако почна кампањата на премиерот Никола Груевски за посета на граѓаните низ Македонија, покрај тоа што постојано има нови ветувања, уште една работа е константна. Имено, на сите настани, без исклучок, тој и функционерите на партијата и високи членови на Владата (Владимир Пешевски, Никола Тодоров, Зоран Ставрески) се озвучени, имаат нов моден додадок, односно носат безжичен микрофон, т.н. „бубачка“, пишува Мета.

kolaz[1]

Со неа, секој збор квалитетно се снима (или само се пренесува). Засега нема одговор кој и зошто ги снима (или ги пренесува) разговорите со граѓаните на владините функционери и дали нивните настапи и интеракции со граѓаните ќе се користат за изработка на пропагандни владини или партиски видеозаписи во пресрет на предвремените избори или се само за архивирање?

Така, од последните настапи, премиерот Никола Груевски „бубачка“ носеше на следниве места:

  • Работна посета на Македонски Брод, каде изврши увид во неколку проекти што ги реализира Владата, како и во неколку проекти што се реализирани изминатиот период;
  • На поставувањето на камен-темелникот на објектот на „ОДВ Електрик“ во технолошката зона Охрид-Струга;
  • На пуштањето во употреба на две тениски игралишта во Спортско-рекреативниот центар „Шеталиште“ во Битола;
  • На поставувањето камен-темелник за изградба на спортска сала во општина „Шуто Оризари“;
  • Во посета на општина Сопиште.

Вадимир Пешевски, пак, беше „озвучен“ при посетата во Петровец и при работната посета на општина Илинден, а Никола Тодоров – на посетата на селото Горно Агларци и при поставувањето камен-темелник на нова амбуланта во Миладиновци во општината Илинден.

Дека нема ништо спорно и неисправно во носењето на овие мали „бубачки“, потврдува и аналитичарот Петар Аросовски, според кој, може само да има етички проблем во делот на мешањето на државата и на партијата.

– Носењето безжичен микрофон може да биде од две причини. Од технички причини – за подобар звук на снимката од телевизиите што го пренесуваат настанот, но и за подобар звук за кампања која би се правела пред предвремените парламентарни избори. Тука нема етичка дилема и тоа е прашање на избор на луѓето од службата за односи со јавноста на функционерите – вели Арсовски.