Брисел загрижен и разочаран од нападите во говорот на Груевски

Европската унија е разочарана од вчерашната изјава на поранешниот премиер Никола Груевски, дознава „Мета“ од официјални извори во ЕУ.

eu evropska unija

„Веќе ја изразивме нашата загриженост и разочараност од изјавата на поранешниот премиер во врска со почитувањето на политичкиот договор – изјави за „Мета“ висок претставник на ЕУ, кој побара да остане анонимен, на прашањето како ги коментира нападите на Груевски врз олеснувачот Питер Ванхауте и обвинителката Катица Јанева.

Европскиот претставник потсети дека Брисел денеска веќе реагирал преку својата Делегацијата во Скопје, која, пак, на својот твитер-профил напиша дека потписниците на Договорот од Пржино мора да ја почитуваат работата на специјалната обвинителка Катица Јанева и на белгискиот експерт Питер Ванхауте.

Белгискиот експерт Ванхауте, пред почетокот на средбата на работните групи, во врска со вчерашната изјава на Груевски,рече: „Ако не ви се допаѓа пораката, убијте го гласникот“.

Груевски вчера во говорот на конференцијата на унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека ќе помине долго време „пред на некој политичар да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, Чауши, Ванхојтовци, Катици и со продавачи на магла, со типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град“.