Боки 13 во „Рекет“: Се чувствувам како политички затвореник

Боки 13 во „Рекет“: Се чувствувам како политички затвореник

– Првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 на денешното судско рочиште изјави дека се чувствува како политички затвореник и дека вистината за случајот ќе се дознае само ако има правичен процес.

Доколку Судот носи одлуки под притисок, како што истакна тој, не исклучува да штрајкува со глад.

-Го молам Судот да носи одлуки без странични закани и притисоци. Денеска испратив писма до  амбасадорите на САД, ЕУ и Франција, Брнс, Жбогар и Тимоние, како и до  Хелсиншки комитет и побарав посета од нив во затворот, рече Јовановски пред судиите.

Тој се пожали на здравствената состојба и нееднаквата положба пред Уставот и законите. До овој момент, како што кажа, нема забелешка на Судечкиот совет иако, како што додаде, се чувствува како лице на кое се тренира правда.

По ова Јовановски доби препорака од судијата Васка Николовска – Масевска да се пожали до институциите. Таа му рече дека ги уважуваат медицинските белешки во кои се вели дека има здравствени проблеми, но не толку големи.

На денешното рочиште сведочеше обвинителката Елизабета Јосифовска, која рече дека го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на Јордан Камчев, обвинет во предметот на Специјалното јавно обвинителство, „Империја“, по налог на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

Во СЈО, како што кажа Јосифовска, била изработена процедура во која вработените ги доставуваат сите документи до кабинетот на Јанева и откако од службите ќе ги добиле назад значело дека Јанева ги одобрила, а таа и обвинителката Ленче Ристовска ги потпишувале кога Јанева била отсутна.

На 2 мај, како што додаде, токму затоа го потпишала мислењето со кое се уважува барањето на одбраната да се даде согласност за издавање времена патна исправа за обвинетиот Камчев.

– Документот не дојде на вообичаениот начин преку шефот на кабинетот на Јанева, туку ми го донесе стручен соработник кој работеше во тимот на обвинителката Лиле Стефанова. Бидејќи не дојде од шефот на Кабинетот, Сања Димоска ми рече дека била повикана и и рекле да го изготви јавното мислење и да ми го достави, рече Јосифовска.

Таа веднаш ја контактирала Стефанова по телефон, која и рекла дека не е запознаена, по што ја контактирала телефонски и Димоска. Димоска пак и одговорила дека и го доставиле предметот заради итност по налог на Јанева. Иако Стефанова била против, посочи, немала избор и морала да го потпише мислењето. Во документот не смееле да менуваат ништо што е суштинско, туку само да исправаат технички грешки што и го направила. Како образложение за барањето за патната исправ стоело дека Камчев треба да оди во Аџибадем во Турција и на некоја обука.

Досега освен Јордан Камчев во судот за „Рекет“ сведочеа и неговата сопруга, Ана Камчева, бизнисмени, поранешен новинар во 1ТВ, како и куќната помошничка на првообвинетиот, Бојан Јовановски –  Боки 13.

Судењето за случајот „Рекет“ продолжува на 20 јануари.