Блокадите на патот за РЕК Битола се црвен аларм за енормното загадување

Блокадите на патот за РЕК Битола се црвен аларм за енормното загадување
30.11.16   18:04

Прочитано : 322

Print This Article

Утрешната најава за блокада на патот кој од Битола води кон РЕК Битола е црвен аларм за загадувањето на градот, велат активистите од здружението „За нас се работи“. Од РЕК Битола пак возвраќаат дека барањата на здружението се на погрешна адреса и на погрешен субјект.

blokada-zagaduvanje-na-vozduhot-267x200-2

Илија Балтовски, еден од организаторите на блокадата вели дека комбинатот не е случајно одбран за искажување на револтот на битолчани, бидејќи тој е посочен од Министерството за животна средина како најголемиот загадувач на воздухот во овој крај.

– Блокадата на патот кон РЕК Битола е крајно решение за да почувствуваат сите дека имаме тежок и голем проблем со загадувањето на воздухот во овој регион. Згора на тоа во РЕК Битола се вработени преку 3.000 работници кои со своите семејства исто така го дишат загадениот воздух. Ние сочувствуваме со нив бидејќи тие се најизложени на загадувањето. Очекуваме да ни се придружат, бидејќи ова е аларм за надлежните крајно да преземат мерки за справување со овој проблем – вели Балтовски пред утрешниот протест на кој ќе бараат субвенционирање на електрична енергија до спроведување на гасификација, како и спроведување на режим на сообраќај во централното градско подрачје.

Од РЕК Битола велат дека од медиумите разбрале за најавените блокади на патот. Од таму додаваат дека проблем ќе биде како вработените од прва смена ќе си заминат дома, бидејќи комбинатот користи услуги од превозници и нема сопствен превоз за да може да бара алтернативни патишта за да ги однесе работниците во Битола.

-Барањата не здружението не се упатени до комбинатот, ниту пак ние можеме да ги исполниме. Сметаме дека се на погрешна адреса- вели Јован Колевски од прес-службата на РЕК Битола.

Случајно или не блокадите на битолчани против загадениот воздух се поклопуваат со митинзите на две најголеми политички партии од македонскиот блок. Блокадите почнуваа во четврток од 15 до 17 часот пред најавениот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и завршуваат во сабота пред митингот на СДСМ.

извор: Мета

  Категории: