Бјорнстад: Тешко е да се прифати промена на името, но тешко е и да се биде на алтернативен пат кон ЕУ и НАТО

Бјорнстад: Тешко е да се прифати промена на името, но тешко е и да се биде на алтернативен пат кон ЕУ и НАТО
20.10.18   20:39

Прочитано : 420

Print This Article
loading...
Тешко е да се прифати промена на името, тоа е прашање со голема емоционална тежина, но тешко е и да се биде на алтернативен пат за членство во ЕУ и во НАТО, додека Грција како членка го условува влезот на Македонија.

Ова го порача амбасадорот на Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, во интервју во кое нагласи дека верува оти сите ги избираат евроатлантските интеграции, но оти секако таа одлука ја донесуваат граѓаните на земјата и нивните демократски избрани претставници на власта.

Норвешкиот амбасадор, кој е задолжен и за Србија и Црна Гора, а чија канцеларија е во Белград, во интервјуто за МИА говореше за состојбите во регионот, за придобивките од членството во НАТО. Нагласува дека да се остане надвор од ЕУ има своја политичка и економска цена, која е некако помала за земјите членки на НАТО.

Тој во интервјуто зборува и за НОктоберфест, фестивал што првпат оваа година ќе се одржи и во Македонија, а кој има цел на граѓаните да им ја приближи норвешката култура.

Господине Бјорнстад, вие сте амбасадор на Норвешка, задолжен за Македонија, Србија и Црна Гора од 2015 година. Добро го познавате регионот. Како ја оценувате состојбата во него? 

Стабилноста и опшествено-економскиот развој одат во нагорна линија, но сѐ уште не се консолидирани. И натаму се чувствуваат остатоци од минатото, кое беше проткаено со мултиетнички конфликти и авторитарни власти. Но, од друга страна, и токму од тие причини напредокот што го гледаме е импресивен, иако не е подеднакво распореден во регионот. Албанија и Црна Гора се приклучија кон НАТО, како и Романија и Бугарија. Црна Гора доста напредуваше на својот пат кон ЕУ, а ниту Србија не заостанува на тој пат. Се надевам дека Македонија наскоро ќе биде во таа група. Тој напредок во процесот на интеграција не само што ќе донесе нова стабилност во регионот, туку се надевам дека ќе креира и нова иднина. Меѓутоа и натаму постојат препреки кон достигнување една таква иднина, но јас сум оптимист.

Ваша оцена за случувањата во Македонија по референдумот за Договорот со Грција и интегрирањето на земјата во ЕУ и во НАТО и откако уставните измени влегоа во Парламентот?

Македонија мораше да избере за нешто што e емоционално многу тешко. Навистина разбирам дека е тешко да се прифати промена на името на својата земја. Но тешко е и да бидете на алтернативен пат кон членството во НАТО и во ЕУ додека Грција како членка ве условува со решавање на спорот за името. Верувам дека сите ги избираат евроатлантските интеграции, но секако тоа е одлука што треба да ја донесат граѓаните и граѓанките на Македонија, како и претставниците на власта.

Норвешка е членка на НАТО од самото формирање на Алијансата. Што ќе добие Македонија со приклучувањето кон најголемиот воено-политички сојуз во светот?

Членството на Норвешка во НАТО ѝ обезбедува сигурност. Како сосед на Русија, тоа ѝ беше единствена причина на Норвешка за членство. Од друга страна, членството исто така носи инвестиции, помага во развојот на хајтек-индустријата, како и на различни НАТО-патенти и истражувачки капацитети поврзани со нив. На политичко ниво, членството ѝ помага на Норвешка да се слушне нејзиниот глас. НАТО не е само воена алијанса, туку и инструмент за политичка соработка.

Вашата земја не е членка на ЕУ, но со Унијата соработува на различни начини. Сметате ли дека Македонија може да напредува надвор од Унијата?

Да останете надвор од ЕУ има своја политичка и економска цена, која е некако помала за нас, членките на НАТО. Иако не е во ЕУ, Норвешка е дел од Европската економска зона (ЕЕА) во рамките на која остварува значителна соработка со ЕУ и на тој начин ужива голем број бенефиции, што ги имаат и самите членки на ЕУ. Од друга страна, Норвешка е една од најбогатите земји во Европа, така што Македонија и Норвешка немаат баш иста стартна позиција. За Македонија, членството во ЕУ ќе значи квалитативна промена на подобро, ќе донесе нови инвестиции, работни места и ќе креира подобри општествени услови. Членството во ЕУ е и многу повеќе од тоа – делење на заедничкиот европски идентитет на вредности, а историјата и културата на Македонија секако се најсилен аргумент за членство.

Оваа година првпат во Македонија ќе се одржи НОктобeр. Ќе можете ли да ни појасните, што е всушност НОктобер, дали досега е одржан во некои други земји во регионот или пошироко?

На идејата за НОктобер дојдовме пред три години во Белград. Имено сакавме луѓето подобро да ги запознаеме со норвешката култура и наједноставна опција беше да се фокусираме на постојните случувања, како што се Саемот на книгите и Џез-фестивалот во Белград. Така остваривме партнерство со етаблирани институции од областа на културата, со цел тие секоја година да вклучат и некој аспект од норвешката култура.

Ќе можете ли да ни откриете детали од програмата? 

Со оглед на тоа што оваа година првпат тестираме како НОктобер ќе изгледа во Македонија, одлучивме преку соработка со Скопје џез-фестивалот да ја донесеме норвешката група „Trondheim Voices“. Следната година секако ќе се прошириме и во вашата земја, бидејќи сепак НОктобер е проект што сѐ уште е во зародиш.

loading...
  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести