Бесот на “белците” кон Џон Сноу покажува тотален недостаток на самосвест за расата

Бесот на “белците” кон Џон Сноу покажува тотален недостаток на самосвест за расата
14.04.19   16:18

Прочитано : 683

Print This Article

„Никогаш не сум видел толку многу белци на едно место“.

Офком добил повеќе од 2.500 поплаки во врска со оваа забелешка на Џон Сноу презентер на вестите на Канал 4, изречена додека известувал од про-Брегзит демонстрациите минатиот месец во Лондон.
Медиумскиот регулатор отвори истрага за неговите коментари.

 

Се чини дека многу белци биле навредени едноставно за тоа што биле идентификувани како такви. Зошто се случило тоа?

Прво, белците не се навикнати да бидат обележани преку расата. И покрај тоа што вообичаено така ги квалификуваме другите, обично не прифаќаме добро да бидеме расно профолирани. Прифаќајќи ја нашата “белост” значи дека прифаќање дека нашиот светоглед не е универзален ниту објективен, туку е перспектива формирана на основа на одредено искуство. “Фактот за белоста”, да го парафразирам Франц Фенон, прави многу белци да се чувствуваат непријатно.

Oчигледно забелешката на Сноу предизвика повеќе гнев отколку фактот дека митингот што се одржа во град со 40 отсто обоено етничко малцинство беше речиси целосно бел. Радикалниот десничарски екстремист Томи Робинсон им се обрати на присутните на плоштадот пред Парламентот и ова никако не отвори прашања поврзани со расата? Ако не бевме толку заинтересирани за дистанцирање на белците од било каква интроспекција, самите белци можеби легитимно ќе се запрашаа зошто кампањата за Брегзит привлече толку многу расисти и толку малку обоени луѓе.

Стоењето до расист не ве прави расист, но доколку не се спротивставите на расист на митинг додека вели дека зборува и во ваше име, најверојатно сте. Границата помеѓу “белото е нормално” и “бело е правилно” е многу тенка.

Како што често е случај во дискусиите за расата, лутината на белците затоа што беа расно профилирани доби доминација. Избрзаното извинување на Канал 4 за коментарот на Сноу само ги увери белците дека нивната проценка на двојните стандарди е легитимна.

Во денешна Британија, витален дел од “белата митологија”, како што во една прилика ја нарече Жак Дерида, е идејата дека никој всушност не е расист. Американскиот академик Робин Ди Анџело истакнува дека ова е случај затоа што многу луѓе расизмот сè уште го толкуваат како “отпор кон луѓето поради расата”, наместо “систем во кој јас сум бил/а социјализиран”.

Во „Пронаоѓањето на Белата раса“, Теодор Ален објаснува дека “белата раса” е идеја создадена од владејачката класа во Америка од 17 век, како средство за наметнување социјална контрола. Во тоа време, слугите, црнци и белци (африканци и сиромашни европејци), се здружија во бунт. Слично како напорите денеска белата работничка класа да се изолира од пошироката работничка класа, категоријата раса се користела за да ја поткопа солидарноста базирана на класа, ефикасно успевајќи да ги исклучи афро-американците.

Со цел да се оправда оваа поделба, изградени биле цели конструкции на знаење. Псевдонауката тврдела дека белите луѓе се повеќе еволуирани. Нашите исклучувања на поробените од образованието и нивно  осиромашувањето, или подоцна колонизација, биле користени како доказ за инфериорноста на нивната култура.

Денес, многу од овие исти митови се рехабилитираат од страна на екстремно десничарските групи, чие чувство за моќ делумно лежи во нивната мисија да воскреснат “автентична” визија за Европа. Впрочем, надмоќта на белците еднаш беше официјална политика. Како можеме да се судриме со нејзиното вклучување во главните политики, ако ние, како бели луѓе, реагираме само на потсетувањето на нашата белост?

Со векови, белите луѓе веруваа дека целиот свет е наш – а во текот на најголемиот дел од минатиот век, така и беше. Ја имаме интернализирано перспективата дека сè во тој свет треба да биде потчинето на нашите каприци: се разбира, треба да служите сланина во мојот хотел во доминантно муслиманското Мароко. Зошто не зборувате англиски во Шпанија? Вашата филипинска дадилка очекува платен одмор? Како мислиш, не можам да се сликам со тоа африканско бебе?

Ние често веруваме дека единствено белата култура ги изградила идеите за универзални права и правда, кои благонаклоно ги споделивме со светот: ние го укинавме расизмот поради добрината во нашите просветлени срца, а  демократијата, еднаквоста и уметноста се едноставно производ на нашата “напредна” цивилизација.

Политиката на белоста денес можеби не е толку видлива како под системите на апартхејд или ропство. Тоа е многу потешко да се види во нејзината современа инкарнација – ограничена со законите против расната омраза и јурисдикцијата на ЕУ против дискриминацијата – но интелектуалното и културно уредување на белината никогаш не било вистински надминато. Пливаме во токсична белост, но се навредуваме на секој што укажува на тоа.

Коментарот на Сноу беше совршена можност за искрен разговор за расниот идентитет на белците. За нашето соучесништво во структурниот расизам. Без бели либерални исклучоци.

Но, останува нејасно дали сакаме да се соочиме со мит за „слепилото за бојата“ како маска за нашата бела привилегија – или, пак, дали повеќе или помалку свесно носиме копнеж за деновите кога привилегиите на белите луѓе едноставно не можеа да се доведат во прашање.

Честопати сакаме да го дистанцираме расизмот како нешто што го прават лошите луѓе таму некаде на маргините. Но, кога белиот национализам се впушта од маргините во мејнстримот – на незапирливите радио емисии, листата на бестселери на Амазон – и негови претставници се ангажирани од главните партии, мора да се запрашаме од каде доаѓа ова. И што точно правиме околу тоа.

Разговорот околу расата е секогаш непријатен, а белците, вклучувајќи ме и мене, не се навикнати да се чувствуваат непријатно. Но, првиот чекор е да се прифати прилично очигледниот факт дека да, некои од нас се “бели”. Сега ајде да зборуваме искрено за тоа како белината станува оружје.

Миријам Франсоа

Д-р Миријам Франсоа е истражувачка и соработничка во Центарот за исламски студии на Универзитетот Соас во Лондон, и основач на блогот Треба да зборуваме за белината

извор: Гардијан

превод: Лени Фрчкоска

  Категории: