Белградски „Danas“ со врвни оценки за романот „Зад аголот“ на Томислав Османли

Белградски „Danas“ со врвни оценки за романот „Зад аголот“ на Томислав Османли
14.07.19   11:44

Прочитано : 193

Print This Article

„Сложениот роман на Томислав Османли го одликува префинетиот, отмен стил, мудро осмислените, долги реченици за чијашто убавина на српски секако е заслужен и преведувачот; имагинацијата, духовноста, ерудицијата, речиси филмската смена на временските планови, брзината со која се менуваат сцените под будното внимание на писателот…“
– пишува во својот опсежен аналитички осврт, литературната критичарка на угледниот српски деневен весник.

Во саботно-неделниот број на угледниот српски дневен весник „Danas“ објавен е книжевен осврт на авторката Анѓелка Цвијиќ, посветен на српското изание на македонскиот роман „Зад аголот“од Томислав Османли. Со наднаслов „Патот по кој оди светот“ и насловот „Селидбите на страдните души“ авторката на опсежниот книжевен осврт создава критичарски омаж на книгата од нашиот автор оценувајќи го неговото комплекстно романескно остварување со врвни оценки. Анѓелка Цвијиќ е книжевна критичарка која соработува со повеќе српски литературни медиуми и е надворешна соработничка на весникот „Danas“. Таа има педигре на истакната новинарка и уредник во културата меѓу кои и на културната рубрика на реномираната белградска „Политика“.
„ Зошто, и во кое име, човекот ја манифестира садистичката потреба да ја демонстрира својата сила над понемоќниот? – реторички прашува критичарката во уводниот дел од својот текст посветен на романот „Зад аголот“, и продолжува – Со оваа загатка човекот се занимава уште од времето на антиката до 21 век, а писателите или ја расчленуваат по аспекти или сеопфатно ја набљудуваат низ времето, барајќи го непроменливиот образец на човечкото однесување во коренот на општата нечовечност. Токму по тој потежок пат тргнал Томислав Османли, еден од најдобрите современи македонски писатели, а книгата во која ја следиме трагата на неговите чекори е романот Зад аголот („Албатрос плус“, 2017). Османли (Битола, 1956) на нашите читатели им е познат по романот XXI („Дерета“, 2015, Бгд.), а оваа година во изданеи на „Прометеј“ од Нови Сад објавена му е книгата Збир-ка-прича, со поднаслов Елегии и гротески. Апсурди во проза; сите три книги од македонски на српски сјајно ги преведе Зоран Ж. Пауновиќ.“

Критичарката потоа ја претставува структурата на романот „Зад аголот“ – „замислен мошне амбициозно, и доследно остварен како полифоно дело“ – укажува на неговите девет текови на приказната и близу педесет и петте ликови – „од кои сите совршено функционираат самостојно, и во единство. Она што им ја дава ускладеноста и урамнотеженоста се идеите на еден од најзначајните филозофи на антиката, Питагора, којшто извел коренита промена на ставот за духовното битие“ – пишува литературната критичарка на белградски „Danas“ и додава: „Идејата за метемпсихозата Османли ја вградува во својот роман, така што душите на античките мислители, влегуваат во телата на денешните луѓе, главно залудно обидувајќи се да им ги отворат очите и да им укажат на најбитното начело на нашето постоење, а тоа е урамнотеженоста на сопстото со принципот на доброто.“
Потоа таа го опишува светско-историскиот опфат на романот чие главно дејство се случува последната година на минатиот век и милениум на повеќе локации ширум светот и на Балканот, и го поставува новото книжевно-филозофско прашање: „Можат ли, душата на Питагора и душите на неговите ученици застрашени од иднината, да го ’спасат’ светот така што на денешните луѓе упорно ќе им шепотат дека итаат кон провалија. Романот на Томислав Османли го држи токму тој страв од она што се доближува, што стои зад аголот, што – до колку ја ослушнеме историјата, можеме и да го избегнеме.“

Потоа следат највисоките оценки на српската критичарка за книжевното остварување на македонскиот автор:

„Османли восхитувачки суверено ги вкрстува животите на своите јунаци со идеите на питагорејското братство. Но навистина; навистина ретко се среќава роман во које речиси не постои одвишок: се’ е во совршен склад со основната хуманистичка замисла за живот без моќници кои владеат со другите. Таа сериозна тема, ’претресувајќи’ го Балканот од кадешто основната приказна се развива и концентрично се шири низ просторот и низ времето, писателот ја зачинил со детали како што е критичкиот однос кон нео-десницата; кон „транзицијата од најизопачен вид“ во бившите источни земји, во којашто се раѓаат богаташи и вечни сиромаси подготвени да жртвуваат дел од сопственото тело за на семејствата да им овозмошат понекоја бедна сума; кон царството на осаменоста и на илузијата на љубовта.“

„За да ја намали горчината на својата проза“, пишува натаму истакнатата српска литературна критичарка, „Османли сјајно се брани со хуморот со кој го сенча она што им се случува со неговите јунаци, во суштина се’ сами осаменици. Тој хумор час искри, час е стивнат, но е секогаш присутен како одговор на стравотиите кои ги сведочиме тука, насекаде, и сега во светот кој, наспроти севкупното духовно и материјално разорување, и натаму опстојува како амалгам од скапоцениот камен на ’духот на цивилизацијата’ “.

„Сложениот роман Зад аголот на Томислав Османли го одликува префинетиот, отмен стил, мудро осмислените, долги реченици за чијашто убавина на српски секако е заслужен и преведувачот; имагинацијата, духовноста, ерудицијата, речиси филмската смена на временските планови, брзината со која се сменуваат сцените под будното внимание на писателот… се’ се тоа особини на ова дело кое е додатно збогатено со умни есеистички пасажи за филозофијата, математиката и литературата“.

На крајот, авторката на критичкиот осврт исполнет со врвни оценки за македонскиот роман „Зад аголот“ ја пренесува очудената сцена која Османли ја создава во своето дело: апокалиптичкото помрачување на сонцето во Скопје и навидум спокојниот„мрак над Женева на чие темно небо шагаловски летаат јатата души на сите невини жртви на Стариот и на Новиот континент, низ нивните вечни инкарнации“:потврдувајќи на тој начин дека ова е еден, ненадејно смален, и во суштина, неизменет свет на подеднакво страдни души, како што пишува самиот Османли на крајот од својата книга. „На оние“, заклучува Анѓелка Цвијиќ во својот исклучителен осврт, “кои се веќе Зад аголот, очекувајќи не’, вразумени“.

Инаку, штотуку објавениот книжевен осврт на Анѓелка Цвијиќ доаѓа точно година дена по објавувањето на нејзиното интервју со Т. Османли (насловено „Ова е доба на призраци“) по повод појавата на неговиот роман во Србија и објавено исто така на страниците за култура и книжевност на белградски „Danas“.

  Категории: