Баша побара предвремени избори: Владата да го следи примерот на Македонија

Баша побара предвремени избори: Владата да го следи примерот на Македонија
21.10.19   15:09

Прочитано : 65

Print This Article

Најголемата политичка сила во Албанија, Демократската партија (ПД) побара спроведување предвремени парламентарни избори, исто како и во Македонија.

Лидерот на партијата, Љуљзим Баша истакна дека албанската Влада треба да преземе одговорност за неуспехот на преговорите и да му го врати мандатот на албанскиот народ.

-Време е Владата да го следи примерот на Македонија, да преземе одговорност за нејзините неуспеси и да му го врати мандатот на албанскиот народ. Со нова, легитимна влада која го води процесот на преговори, можен е напредок. Ние сме талентиран, добро образован и вреден народ. Ни треба нова влада, влада која ќе ја води земјата напред во процесот на европските интеграции, влада која ќе произлезе од слободни и фер избори. Условите на ЕУ се наш водич за излез од кризата, за градење демократска Албанија, со можности за сите свои граѓани, вели Баша.

Според него, Советот на ЕУ со одлуката на 18 октомври ја отфрли Владата на Рама, а не Албанија.

-Европа го отфрли Еди Рама, а не Албанија. Неуспехот е на Еди Рама, а не на Албанија. Оваа порака е посилна од кога и да било од Германија која и рече „да“ на Албанија и „не“ на владата преку девет услови што треба да бидат исполнети. Во Европа се оди така што прво ги градите европските стандарди во вашата земја, порача Баша.

Додава дека оценувањето според заслугите „е цврст став на земјите членки за земјите што сакаат да влезат во ЕУ“.

-Повеќето земји се согласија дека албанската Влада не заслужува започнување преговори. За ова беа артикулирани неколку услови. Тешката економска состојба, недостатокот на можности кои се резултат на заробените институциите и нееднаквоста пред законот, ги принудија Албанците да заминат во рекордни бројки во земјите на ЕУ, како баратели на азил,обвини Баша.

Криминалот и корупцијата во земјата, оценува тој, ги загрижуваат земјите од Европската унија.

-Казнувањето за купувањето гласови, фукционирањето на високите судови во земјава, изведувањето пред лицето на правдата на инкриминираните и корумпираните на високо ниво, се барањата за кои нема дискусија за започнување на преговорите, вели Баша.

Тој заклучува дека тоа не се проблеми на Европската унија, како што наведува „пропагандата во режија на актуелниот премиер“, туку „проблеми на неговата влада“.

  Категории: