Автократите ја сакаат пандемијата

Автократите ја сакаат пандемијата

Виктор Орбан го замрзна парламентот и ја презеде целокупната власт во Унгарија. Тоа е еден вид авторитарно претприемништо. Со тоа тој ја тестира не само својата земја, туку и Европската унија

„Ние сме во војна“ – порача неодамна во телевизиското обраќање францускиот претседател Емануел Макрон за да ја отслика драматичноста на ситуацијата во која се наоѓа неговата земја, и да објасни зошто треба да бидат воведени драстични мерки за ограничување на движењето на граѓаните. Сите знаат дека Макрон не е исклучок во оценувањето на оваа несекојдневна војна со невидливиот непријател, коронавирусот, и дека исти или подрастични мерки се спроведуваат речиси насекаде во светот – и кај нас, и во Србија, и во Шпанија, и во Италија, и во САД, и во Русија…

Како и во секоја војна, мерките се груби и ограничувачки, тие задираат во демократските права на граѓаните, не само во ограничувањето на движењето. Стабилните демократии се обидуваат да најдат мерка во ограничувањето на граѓанските слободи, но некои авторитарни владетели во пандемијата гледаат извонредна можност да ја прошират својата власт и на оние малку неосвоени простори. Оправдувањето е едноставно – во име на јавното здравје треба да се узурпира тотална моќ, да се елиминира слободата, да се замолчуваат критичарите.

Минатата недела во интервјуто за емисијата „Трилинг“ на ТВ24 лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето зошто на 9 март заминал во посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан, рече: „Еднаш засекогаш во нашата земја треба да престане антикампањата против Република Унгарија“. Потоа образложуваше дека еврокомесарот за проширување номиниран од Орбан бил член на владејачката партија Фидес (што не е вистина) и тие како сестринска партија можеле многу да помогнат во остварувањето на европските цели на Македонија. Тој вака ја објасни целта на посетата: „Посетата таму беше исклучиво од консултативен карактер за идните политики во рамките на Европската народна партија (ЕПП) и што е можно повеќе да се излобира за Македонија“.

Веќе утредента по емитувањето на интервјуто Виктор Орбан се најде на удар во Европа и во Америка поради тоа што парламентот со двотретинско мнозинство (обезбедено од неговата партија) донесе закон со кој целата власт на неодредено време ѝ се предава на владата да владее со декрети без никаква контрола. За тоа недифинирано време (за укинување на таа одлука повторно ќе треба двотретинско мнозинство) суспендирани се сите можни избори и се ограничуваат граѓанските права, а владата ќе може да затвори – до пет години – новинари за кои смета дека шират лажни или искривени информации.

Оваа одлука предизвика огромна реакција, затоа што отиде многу чекори подалеку од рамките за вонредни состојби во другите земји и го стави Виктор Орбан во единствена ситуација – да може да владее онака како што ќе посака, без и најмала контрола. Мицкоски побара „еднаш засекогаш во нашата земја да престане антикампањата против Унгарија“, но во групацијата каде што членува ВМРО-ДПМНЕ, Европската народна партија, црвениот аларм засвети на најсилно.

Во четвртокот 13 лидери на национални партии кои се членки на ЕПП, му успратија писмо на претседателот на групацијата, Доналд Туск, во кое бараат партијата на Орбан конечно да се исклучи од нивните редови. Членството на Фидес во ЕПП е замрзнато уште од март минатата година, а во јануари оваа година таа суспензија ѝ беше продолжена на неодредено време. Додека трае суспензијата (поради илибералната политика и големото мешање во судството и подјармувањето на медиумите), на Фидес ѝ е забрането да учествува во работата на сите форуми на Европската народна партија и нема право на никаков глас. Едноставно, нејзиното членство е хибернирано. Поради математиките во Европскиот парламент членовите на Фидес уште се во рамките на пратеничката група на ЕПП.

Од писмо до писмо

Писмото беше иницирано од шведската Умерена партија, а него, меѓу другите го потпишаа и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и норвешката премиерка Ерна Солберг. Во него се употребуваат исклучително остри зборови.

Во писмото, меѓу другото, се вели дека чекорот во Унгарија е „јасно кршење на основните принципи на либералната демократија и европските вредности. Ние сакаме да изразиме целосна поддршка на претседателот Доналд Туск и на целото раководство на ЕПП во зачувување на интегритетот на нашето политичко семејство. Повикуваме на исклучување на Фидес од ЕПП, во согласност со член 9 од статутите на ЕПП. Се плашиме дека премиерот Орбан ќе ги искористи своите нови овластувања за понатамошно проширување на владината контрола врз граѓанското општество“, се вели во писмото.

Меѓу потписниците на писмото не се лидерите на некои од најголемите национални партии од ЕПП, како што се германските владејачки христијански демократи (ЦДУ), француските Републиканци или шпанската Народна партија. Но, проблемот за Орбан е што на писмото има доволно потписи (потребни се најмалку седум) за прашањето да се постави за гласање на следното политичко собрание на ЕПП. Следниот состанок на собранието е закажан за јуни, но претставниците на ЕПП велат дека писмото може да ги забрза работите.

Ден претходно, Доналд Туск испрати писмо до вработените во Европската народна партија во кое предупреди дека некои влади ја користат кризата со коронавирусот за да ја заграбат власта што е „политички опасно и морално неприфатливо“. Ова беше отворен напад врз Орбан без да се споменува неговото име.

Во писмото поранешниот претседател на Европскиот совет вели дека кризата не смее да се искористи за целосно да се заграби власта. „Вонредната состојба или опасната состојба мора да им служат на владите во нивната борба против вирусот, а не да ја засилуваат својата моќ над граѓаните. Употребата на пандемијата за да се изгради постојана вонредна состојба е политички опасно и морално неприфатливо.

Ова е причината зошто се појавуваат толку многу прашања и загрижености во врска со ситуацијата во Унгарија, каде според многумина, воведените мерки за вонредна состојба се непропорционални и несоодветни, а уште повеќе, тие се воведени за неопределено време“, додаде тој.

Работата околу опстанокот на партијата на Фидес на Орбан во ЕПП изгледа дека веќе станува неодржлива, а тоа му станува јасно и на унгарскиот лидер. За да остане во централно-десничарското семејство на одреден начин тој сака да го подели или да го пренасочи кон некои вредности за кои тој се залага, а не мнозинството партии.

Затоа, вчера веднаш ѝ испрати писмо на Европската народна партија во кое вели дека тој го посветува „целото мое време“ во борбата против коронавирусот и нема простор за „фантазии“ за исклучување на неговата партија Фидес од централно-десничарското политичко семејство.

Во писмото испратено до Антонио Лопез-Истуриз, генералниот секретар на ЕПП, Орбан рече дека тој и другите светски лидери ја „концентрираме нашата енергија за донесување на ефективни и навремени одлуки со цел да се спасат животите ида се заштити здравјето и безбедноста на нашите граѓани“.

„Едвај можам да замислам дека некој од нас има време за фантазии за намерите на другите земји“, напиша Орбан. „Со целосна почит, немам време за ова!“

Последниот број на потврдени случаи во Унгарија е 623, а починати се 26.

Ова не е игра

Но, не беше само ова писмо. Пред обраќањето на Туск до вработените во ЕПП Орбан ѝ испрати писмо на претседателката на германската Христијанско-демократска унија, Анегрет Крамп-Каренбауер, во кое изнесе многу обвинувања за претседателот на ЕПП, Доналд Туск. Во писмото до Крамп-Каренбауер испратено на 27 март, Орбан го обвини Туск дека ja користи ЕПП како „игралиште за неговите полски домашни политички игри“. Тој ја повика Крамп-Каренбауер „да го убеди претседателот Туск да престане да го сее семето на поделба во нашето политичко семејство и да започне да се фокусира на она што сега е потребно“. Но не само тоа, Орбан тврди дека Туск влегол во сојуз со либералите и левицата, па бара „оние кои не се во можност да помогнат, барем треба да се воздржат од попречување на напорите на другите. Ова не е игра. Животите на нашите граѓани во секоја земја членка се во прашање“.

Точно, ова не е игра, како што не е игра и посегањето по авторитарни мерки без никаква контрола на владеењето. Затоа реакциите не беа само во рамките на ЕПП, ниту во рамките на Европа, туку осудата стигна и од Америка. Поранешниот шведски премиер Карл Билт изјави дека „ова ги враќа назад сеќавањата на мрачните периоди од историјата на Европа“. Додека шефовите на германската ЦДУ уште молчат, еден од кандидатите за лидер на партијата, Норберт Ретген на Твитер изјави дека законот на Орбан за вонредна состојба „ефективно ја елиминира опозицијата и ги крши основните принципи кои ЕУ не може да ги прифати. Европската комисија мора веднаш да реагира. Земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, мора да ја демонстрираат нивната волја дека нема да толерираат ваква злоупотреба на корона кризата“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен (која е важна фигура во рамките на ЦДУ) не ја спомна Унгарија по име, но во вторникот рече дека „сите мерки за итни случаи мора да бидат ограничени на она што е неопходно и строго пропорционално. Тие не смеат да траат на неодредено време“.

Гневот дојде и од САД. Конгресменот Мајкл Мекол, водечки републиканец во комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, изјави дека е „срамно што Виктор Орбан ја искористи пандемијата на коронавирусот да преземе диктаторски овластувања“. А претседателот на комитетот, Елиот Енгел, кој е демократ, постапката на Орбан ја нарече „заграбување на моќ“.

Не се само овие реакции, има уште стотици други, но се извонредно илустративни да покажат како се раслојува политичката сцена во Европа и како авторитарните лидери сакаат да освојат уште повеќе власт.

Спротивно на ова што се случува во Унгарија околу вонредната состојба, во Полска опозицијата го бара токму тоа. Вистинскиот владетел на земјата, лидерот на партијата Право и правда (ПиС), Јарослав Качињски, по секоја цена сака да избегне воведување вонредна состојба за да може да се одржат закажаните претседателски избори на 10 мај и со победа на сегашниов претседател, Анджеј Дуда, уште повеќе да ја цементира власта. Опозициските кандидати ги откажаа кампањите, Дуда уште оди по градовите, наводно да проверува како се справуваат со вирусот и за тоа добива огромно покривање од државните медиуми. Последните бројки во Полска се дека има 3.266 заразени и 65 мртви, но таму има многу малку тестирани.

Парламентот, во кој ПиС има целосна доминација сега подготвува легислатива гласањето на претседателските избори да биде целосно по пошта, само да не дојде до одложување, иако притисокот на јавноста е голем. Овие потези на Качињски доаѓаат од анкетите. Доколку опозицијата учествува на изборите Дуда би освоил 44 отсто од гласовите и ќе мора да има втор круг и тогаш битката со водечкиот кандидат на опозицијата, Малгоржата Кидава-Блонска, би била целосно неизвесна. Но ако опозицијата ги бојкотира изборите, Дуда би победил уште во првиот круг со околу 60 отсто од гласовите, но анкетите велат дека излезноста би била само 31 отсто.

Дуда и ПиС се соочија со многу проблеми во јануари и февруари, кога беше откриено дека одвоиле невидена сума од 480 милиони долари за јавните медиуми во Полска, кои се најсилната пропагандна алатка на Качињски. Тогаш опозицијата бараше средствата да се насочат кон јавното здравство, но владата го одби тоа. Сега таа одлука изгледа неверојатно скандалозна.

Коронавирусот забрзано ги убива демократиите во посткомунистичките земји кои повеќе години потклекнуваат под авторитарните лидери. Тоа можеби изгледа како иронија на судбината. Веќе е сосема јасно дека европската политика нема да биде иста по завршувањето на пандемијата. Не само поради отсуството на солидарност за помош на најзагрозените или барањето на северните земји јужните држави да исполнат строги правила за да бидат издадени таканаречени корона обврзници. Некои од земјите веќе зачекорија од авторитаризам до помека форма на диктатура. Европската народна партија пука по рабовите поради однесувањето на Виктор Орбан. Најсилните партии во неа уште се плашат да преземат поостри мерки против Орбан водејќи сметка за бројките во Европскиот парламент, а можеби и поради тактиката да не го отфрлат целосно унгарскиот премиер и со тоа целосно да ја загубат Унгарија во наредните години (а таа да се префрли во некогаш омразената руска прегратка). Но нешто очигледно треба да се направи, затоа што ако постапката на Орбан помине премолчено, со какво право би можело да се реагира во други случаи. Ветеранот на европската политика, министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, даде јасен правец за постапките на ЕУ за да не биде премногу доцна. Во изјавата за германски „Велт“ тој рече: „На Унгарија треба да ѝ се одземе правото да учествува во Советот на министри на ЕУ, главното тело за одлучување на Унијата. Унгарија припаѓа во строг политичка карантин. Не можеме да го прифатиме фактот дека постои диктаторска влада во ЕУ“.

Љупчо Поповски

Извор: Дојче веле