АРМ и НАТО – сè уште лабаво!

АРМ и НАТО – сè уште лабаво!

На неколку дена пред ратификацијата на Протоколот за нашето членство во НАТО, закажано за 11 февруари во нашето Собрание, началникот на Генералштабот на АРМ, генералот Васко Ѓурчиновски, го поканил во тридневна официјална посета на Македонија својот колега од Србија, од 4-7 февруари. Како што велат од Генералштабот на АРМ, тоа е дел од „годишниот План за меѓународна соработка на Началникот на Генералштабот за 2020 година“.

Како што е познато, Република Србија е единствената држава од нашето соседство која не е членка на НАТО, бидејќи покрај Грција, Бугарија и Албанија, Косово, во безбедносна смисла, го третирам како „сопственост“ на западната воена Алијанса.

Човек би помислил дека е прашање на елементарен политички такт во историскиот момент кога Македонија станува членка на НАТО, шефот на нашиот Генералштаб да покаже повеќе сојузнички усет во својата меѓународна активност… Но, ете, така „испаднало“ (согласно „годишниот план…“ итн.) дека ќе го угостиме во четиридневна посета (?!) токму армискиот шеф на нашиот северен сосед.

Генералот Ѓурчиновски, како поранешен постојан претставник на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, во спомнатиот историски контекст, би требало подобро да ги разбира „неуниформираните“ суптилитети на својата сегашна функција. Но, генералот Ѓурчиновски, поранешен аѓутант на Ѓорге Иванов кој и го именуваше во 2018 година на сегашнава функција, изгледа дека такви деликатни аспекти во извршување на својата функција, сепак, не ги разбира. Или, можеби, напротив, грешам?

Но, откако во официјалната преписка со Генералштабот на АРМ за претстојнава посета разбрав дека се одобрени финансиски средства од Министерството за одбрана, а и друга „координација на сите меѓународни активности предложени од Генералштабот“, сфатив дека за меѓународните активности на Генералштабот, всушност, нема цивилно ниво во државава кое би можело да интервенира со свои политички сугестии, ако веќе не и со конкретни „упатства за постапување“. Бидејќи, на моето прашање дали врховниот командант на АРМ, претседателот Пендаровски, знае за планиранава посета, од Генералштабот ми одговорија дека „пред реализација на ваков вид највисоки воени посети Генералштабот е должен да го информира како и да изврши координација со претседателскиот кабинет доколку Претседателот одлучи да учествува во дел од активностите како што секогаш било случај досега“…

„Информира“ и „врши координација“ – така, прилично лабаво.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука