Анима Мунди: Бараме во ниту еден случај да не сe евтаназираат животни кои можат да бидат излекувани

Анима Мунди: Бараме во ниту еден случај да не сe евтаназираат животни кои можат да бидат излекувани

Резерват за трајна дислокација на кучиња, бројни и скапи тестрирања за кучињата несвојствени и за многу побогати држави, правна и материјална одговорност од хуманите граѓани кои со сопствени ресурси се грижат и помагаат на заедницата за бездомните кучиња и ловење на кучиња исклучиво во саати кога речиси сите спијат и никој не гледа – се дел точките на кои реагираат од Здружението за права на животните „Анима Мунди“.

Според нив, во програмата има спорни и неприфатливи точки, кои бараат итно да се исфрлат и сменат во Програмата на претпријатието за третман на бездомните кучиња за 2020.

Во продолжение, во целост ги пренесуваме коментарите на „Анима Мунди“:

1. Измена на терминот кучиња (животни) „скитници“. Изразот е негативен и сугерира дека со однесува на нешто треба да се ерадицира. Повеќето се маалски миленици, одомаќени на локација, „community dogs“, кучиња кои не скитаат. Прифатен термин во светски рамки е “бездомни животни“. Во случајов бидејќи програмата се однесува само на кучиња, потребно е да стои терминот „бездомни кучиња“, освен ако во Програмата не бидат опфатени и мачки, што е повеќе од потребно и би го поддржале.

2. Со програмата на ЈП Лајка се воведува нејасна можност за стационирање на кучињата во „резервати“ која е исклучително сомнителна, опасна, која во ниту еден случај не ја сметаме за наивна, ниту прифатлива и инсистираме да се исклучи веднаш. Термин и третман кој е непознат во светски рамки и во најмала рака апсолутна новина во Европа, кој што би предизвика класичен природен дизбаланс (резервати се за диви животни) и нехуманост кон кучињата кои по својата природа живеат таму каде што е човекот, а не изолирани, во шума, или планина. Секое трајно изолирање и стационирање на животните е нехумано, неодржливо, скапо, претставува сериозна закана по здравјето на животните, граѓаните, ги нарушува еколошките и комунални стандарди и без исклучок претставува опасност.

3. Нејасно е како ЈП Лајка и Град Скопје и врз основ на што се определуваат на бројни, скапи тестирања на животните кои не се карактеристични за многу побогати градови (светски метрополи) и држави, што се наведува во Програмата. Освен сериозно оптоварување на буџетот на градот ја отежнува и брзината на спроведувањето на Програмата, која треба да биде клучна.

4. Наместо скапи тестирања и долготраен престој потребен е мерлив податок со кој капацитет на стерилизации/кастрации ќе работи ЈП Лајка на годишно ниво и ќе го оправда своето основање/финансирање/постоење.

5. **Заловувањето на кучињата не смее да се извршува само од 01:00 – 06:00 часот. **Доколку е хумано, стгандардизирано и изведено од стручни лица, доколку граѓаните кои се грижат за маалските миленици имаат доверба во ЈП Лајка, процесот ќе го потпомогнат и олеснат таквите граѓани . Заловувањето „кога никој не гледа“ индицира дека нешто се прави насилно, нехумано, што не би требало да се види и создава целосна недоверба во намерите на претпријатието и исходот по кучињата.

6. Бараме итно да се ревидира/исфрли потреба од тестирање за лишманија (во ниту една држава од нашето опкружување, на Балканот ова тестирање не е задолжително, ниту пак во земјите од ЕУ) и отфрлање на тестирањето за срцев црв. Бараме во ниту еден случај да не се убиваат животни кои можат да бидат излекувани (на пр. парвовироза) и за сите животни кои постои интерес да бидат згрижени/вдомени, а кои влегуваат во категоријата за еутаназија.

7. Бараме отворен стационар со јасно дефинирани процедури за соработка со граѓанскиот сектор и инклузивност на разни чинители, а не само програма за он лајн вдомување се суштински по важност. Никаде не се спомнува за отвореноста на стационарот и учеството на здруженијата, ниту пак приемни денови – напротив, нагласено е дека кучињата ќе бидат достапни да се видат на веб страна. Стационарот мора да биде од отворен тип, отворен за јавност во 2 смени со цел да сите граѓани, а пред се полнолетните (кои можат да вдомат миленик) да бидат во состојба да го посетат (надвор од стандардното работно време, или саатите кога се на училиште/факултет) и промовира вдомување, граѓански ангажман (волонтерство).

8. ЈП Лајка и Градот Скопје се финансирани од народни пари и да не бегаат од одговорност, и во ниту еден случај не смеат да наметнуваат правна и материјална одговорност на хуманите граѓани кои со сопствени ресурси се грижат и помагаат на заедницата за бездомните кучиња (ги хранат, вакцинираат, стерилизираат најчесто на сопствен трошок, дури и кога институциите не превземаат ништо) – а се грижат бидејќи ги има многу и бидејќи општеството – институциите – градот затаиле! Ова е до сега невиден преседан, своеволна злоупотреба и компромитирање на една од најуспешните практики во Европа кои ја засегаат оваа област, бидејќи се злоупотребува концептот кој постои во други земји и кој ние го предлагавме по пример на град Белград – воведување на статус „Старател на бездомни животни“.Старателот на бездомни животни е лице кое врши општествено корисна дејност и со своето волонтерско дејствување ѝ помага на заедницата во која живее. Таквите граѓани се фактор за намалување и контрола, а не зголемување на бројката на животни кои се на улица. Старателот на бездомни животни во ниту еден случај не одговара материјално ни кривично за штета (по одредбите за објективна одговорност од ЗОО) што евентуално би ја направиле бездомните животни за кои се грижи.“