Број на објавени текстови денеска: 65

Анализа: Се стега ременот околу буџетските трошења – долговите треба да загазат во надолна траекторија

Анализа: Се стега ременот околу буџетските трошења – долговите треба да загазат во надолна траекторија
12.06.19   20:56

Прочитано : 219

Print This Article

Намалување на буџетските трошења, економски раст и од 5%. Новата Фискална стратегија 2020-2022 година ги црта контурите на економијата во период што следува – оптимистички прогнози за инвестициите, за приходите, за јавниот долг, за намалување на невработеност и раст на вработеноста, но документот навестува и засилена контрола на трошењата на поединечните буџетски корисници. Дел од економистите за „Порталб“ велат дека во пакет со новиот концепт на менаџирање на јавните финансии мора да се отвори и фронт против корупција и злоупотребите на парите на граѓаните и на локално и на централно ниво.

Во име на дисциплинирано трошење – буџетските расходи ќе се симнат под 30% од БДП…

Постепено намалување на буџетските расходи (трошења) во однос на БДП предвидува Владата со новата Фискална стратегија. Се работи за “нов“ модел на менаџирање на јавните финансии според кој се воведуваат лимити на растот на вкупните расходи, но и на расходите на поединечните буџетски корисници.

„Во таа насока, годишната стапка на раст на вкупните расходи на Буџетот постепено ќе забавува од 14,2% во 2019 година на 5,2% во 2022 година. Во комбинација со очекуваната наплата на приходите, ова ќе обезбеди постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 2,5% од БДП во 2019 година на 2,3% во 2020 година и по 2% од БДП во 2021 и 2022 година. Во овој дел важно е да се истакне дека лимитите за буџетскиот дефицит се задржани на исто ниво од Фискалната стратегија 2019-2021 година. Примарниот буџетски дефицит исто така ќе се намали од 1,2% од БДП во 2019 година, задржување на исто ниво на 1,2% во 2020 година, и понатаму на 0,8% и 0,5% соодветно во 2021 и 2022 година“ – се наведува во документот.

Еве како изгледа планираната динамика на движење на буџетските расходи и приходи во следните години:

 

Според дел од економистите, овој концепт на “лимити“ во буџетските расходи мора да биде проследен со остварување на буџетските приходи – во спротивно ќе се “активира“ спиралата на нови задолжувања.

„Основните причини за ограничување на растот на јавната потрошувачка преку буџетските расходи во текот на следните години треба да се бараат во обидот за зголемување на фискланата дисциплина но во исто време намалувањето треба да биде проследено со раст на јавните приходи. Во спротивно ќе се предизвика натамошно зголемување на јавниот долг а тоа повеќе не смее да се дозволи бидејќи ваквиот концепт ќе води кон состојба на висока и неодржлива задолженост. Прво, ова ќе значи раст на буџетскиот дефици, второ низок коефициент на поврат на средствата од јавната потрошувачка, и трето тоа ќе значи висок степен на корупција и криминал на централно и на локално ниво во трошењето на јавните средства. Сепак, главна причина за “рестрикции“ во буџетските расходи е претпазливоста да не се влезе во зона на висока задолженост, а со тоа ќе се избегне можноста за несолвентност на домашната економија“ – вели професорот Сами Бислими.

За социјални надоместоци 53% од вкупните буџетски расходи…

Според креаторите на фискалните политики, иако постепено ќе се стеснува “појасот“ околку буџетските расходи, тековната исплата на плати, пензии, социјални трансфери, трансфери до локалната власт, нема да биде доведена во прашање.

„Во делот на расходите за плати и надоместоци, во проекциите за 2020 година отсликани се ефектите од покачувањето на платите за 5% за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од 2019 годината, продолжување на стриктната контрола на новите вработувања и етапно зголемување на платите на одделни сектори согласно фискалните можности, навремена исплата на пензиските примања и социјалните надоместоци, со цел обезбедување подобра материјална состојба на корисниците на овие права, обезбедување значителни износи за исплата на субвенции во земјоделството, во овие рамки се вклучува и ефектот од повратот на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица, како дел од реформите во даночната сфера“ – се наведува меѓудругото во новообјавениот документ на Министерството за финансии.

Според проекциите од Фискалната стратегија, следните две години, најголемиот дел од тековните буџтески расходи или 53% ќе зафаќаат социјалните трансфери, 13% ќе бидат за плати, 10% отпаѓаат на субвенции, 9,5% се за трансфери до локалната власт, 9,1 се за материјални трошоци а 4,8% од буџетските тековни расходи ќе отпаднат на камати.

Дел од економистите велат дека концептот на лимитирање на растот на буџетските расходи мора да се спроведе во пакет со санкционирање на злоупотребите на јавните пари и на локално и на централно ниво.

„Лично сметам дека нам не ни треба лимитирање на јавната потрошувачка, оти со тоа се ограничуваат можностите за економски развој, нашата економија се соочува со т.н. временска дистанца во технолошкиот развој, во примената на нови знаења и технологии, а без инвестиции нема можности за зголемување на пазарот на физичкиот и хуманиот капитал, како основа за зголемување, односно проширување на производните можности на домашната економија“ – вели професорот Бислими и додава:

„Лошото менаџирање со јавните средства, лошиот избор во финансирањето на непродуктивни проекти, расипништвото во трошењето на јавните средства не се решава со лимитирање на јавната потрошувачка, туку тој проблем се решава со санкционирање на злоупотребите во трошењето на јавните средства. Дека имаме погрешен пристап во изборот на приоритетите во финансирањето со јавни средства покажува фактот што коефициентот на поврат (ефектите од финансирањето) е околу еден или помал од еден“.

Според прогнозите исцртани во Фискалната стратегија, Бруто домашниот производ во следните години ќе биде во постојан раст, па така во 2020 година се проектира стапка на раст од 4,2%, во 2021 година и 2022 година се предвидува раст на БДП од 5%. Стапката на инфлација ќе се движи од 2% до 2,2% а невработноста во 2022 година треба да се симне на 16,2%.

Извор: Порталб

  Категории: