АНАЛИЗА: На 1,8 вработени - 1 пензионер: како се исплаќале пензии а како се полнела касата на ПИОМ!

АНАЛИЗА: На 1,8 вработени - 1 пензионер: како се исплаќале пензии а како се полнела касата на ПИОМ!

Приходите од неплатениот придонес од ПИО секоја година се намалува, буџетските трансфери за покривање на “дупката” во државнит Фонд за пензиско осигурување се зголемуваат. Слабости во чување и ажурирање на податоците за корисниците на пензија, грешки во евиденција на осигурениците поради што дел од нив иако требало, не се распоредени во вториот пензиски столб, пишува неделната економска анализа на Порталб.мк. Ова се дел од наодите објавени во новиот Ревизорски извештај кој го опфаќа работењето на државниот фонд во 2018 та година.

Ревизиорите се воздржуваат од давање на мислење за вистинитоста и објективноста на дел од елементите од финансиските извештаи како и за усогласеноста на активностите и финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.

Како се исплаќале пензии, како се наплаќале придонеси ….

Буџетската финансиска инјекција за редовна исплата на пензии од година во година е се посилна, додека од друга страна наплатата на неплатениот приоднес од ПИО се намалува, што покажува дека финансиската состојба во државниот фонд не се подбрила до крајот на 2018 година. Ревизорите во најновиот извештај посочуваат дека зависноста на ПИОМ од Буџетот постојано расте, па така во 2011 година средствата што се одвојувале од Буџетот во вкупните приходи на ПИОМ учествувале со 35,7% а во 2018 година биле на ниво од43%.

“Во 2018 година за покривање на дефицитот трансферирани се средства во износ од 478,0 милиони евра. Утврдената состојба е резултат на стапката на невработеност, законските решенија за ослободување и повластеното плаќање придонес, неповолниот соооднос на бројот на вработени и пензионери, 1,83 вработени на 1 пензионер, висината на стапката на задолжитеното ПИО која согласно законските решенија на Фондот изнесува 18% заклучно со 2018 година” – пишуваат ревизорите.

Иако во 2009 та година се воведе систем на интегрирана наплата на приходи од придонеси, пришто бројни институции добија обврска за размена на податоци, ревизијата открива низа на слабости и пропусти.

“Постоењето на повеќе паралелни бази на податоци на сите обврзници за плаќање придонес за различни институции, кои се разликуваат меѓу себе, ја оневозможува и ограничува контролата на УЈП за комплетноста и точноста на утврдениот и неплатениот придонес. Може да се констатира дека воспоставениот систем за утврдување, контрола и наплата на придонес не се базира на целосно ажурно и точно интегрирање и навремена размена на податоци на институциите, што не е во согласност со Законот за придонеси” – се наведува во ревизорскиот извештај.

Ревизијата го става под лупа распоредување на осигурениците во вториот пензиски столб , пришто ги констатира следниве состојби:

“Од 2006 та година поради грешки се појавувале невалидни пријави, поради што дел од осигурениците не се распоредувале во втриот пензиски столб. Од вкупниот број нераспоредени осигреници, 12 103 на 31.12.2018 година, повеќе од половина се појавиле на почетокот на воведување на системот, кога е и извршено најголемото префрлување од првиот во вториот пензиски столб на членовите ги исполниле законските услови. Отсуството на законски дефиниран рок за за разрешување на ваквите состојби придонело проблемот да се провлекува со години. И покрај тоа што Фондот и надлежното Министерството ги воочиле проблемите, до крајот на 2018 година не се преземени активности за префрлување на осигурениците во вториот пензиски столб а средствата уплаќани за нив останале на сметката на Фондот”

Поради ваквата состојба  на крајот од 2018 година вкупниот износ на неидентификувани и неалоцирани уплати изнесувал 1,8 милиони евра, бројот на констатирани нераспоредени осигуреници изнесува 12 103 лица а состојбата на уплатен придонес од потенцијално нераспоредените осигуренци изнесува 14,9 милиони евра, пришто во овие пресметки не е вклучен износот на приносот на средства кој требало да го добијат осигренците.

“Наведеното влијае одреден број на осигуренци да не се во можност да ги остварат правата од ПИО” – констатира ревизијата и посочува дека од почетокот на 2019 та година е започната реформа на пензискиот систем со која се обезбедуваат пари од Буџетот за исплата на средствата од принос на “оштетените” осигуреници, воспоставени се повеќе критериуми за непречено вршење на точна распределба на членството, променет е условот за задолжително членство, воведени се нови критериуми за членство во вториот пензиски столб со кои 30 000 осигуреници се вратија во првиот пензиски столб.

Во Билансот на состојба, на крајот од 2018 година државниот фонд прикажува побарувања во износ од 210 милиони евра,што претставува 48% од вкупната актива на фондот.

И во однос на исплатата на пензии, ревизорите констираат бројни недоследности, меѓу нив:

“Не е предвидено усогласување на податоците меѓу одделението за исплата на пензии и одделението за сметководство во однос на пресметаниот износ за исплата, хартиените финансиски досиеја без соодветна заштита се чуваат во архивата на Одделението за исплата на пензиски примања, и покрај преземените активности за поврзување на базите на различни институции за размена на податоци, истите не секогаш  навремено и комплетно се добиваат. Во електронскиот систем нема вградена контрола за престанок на правото на користење на семејна пензија во случаите кога корисникот го изгубил законското право за нејзино користење, поради што постои да се исплаќа семејна пензија на корисници кои не ги исполнуваат условите. По утврдување на ваквите случаи, на крајот од 2018 година фондот по основ на штета побарува скоро 4 милиони евра” – наведуваат ревизорите.

Раководството на ПИОМ ги прифатило наодите од Нацрт-ревизорскиот извештај, оценувајќи дека тој ја прикажува објективно состојбата во услови, како што наведуваат во одговорот,  кога има неусогласеност на вкупната законска регулатива во земјава, недостасува кадар за спроведување на дејноста на Фондот како и недостаток на квалитетни податоци кои ПИОМ ги добива од другите институции.