АНАЛИЗА: Избегнување на двојно оданочување и заштита на инвестиции – преку Преспа до економски развој!

АНАЛИЗА: Избегнување на двојно оданочување и заштита на инвестиции – преку Преспа до економски развој!
13.04.19   11:13

Прочитано : 93

Print This Article

За Грција – Република Северна Македонија е идеална извозна и трговска дестинација, за Република Северна Македонија – Грција е стратешки инвеститор, транзитна рута по поморски пат но и топ дестинација за летување. Географски блиски, но до неодамна надворешно-политички далечни, две земји, според најавите на премиерите Ципрас и Заев започнуваат нова епоха во знакот на економијата, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Дали е можна трговска и инвестициска експанзија по решавањето на спорот за името ?

Грчкиот капитал – устоличен во Македонија .. 

Трговија, банкарство, тешка и прехранбена индустрија, нафтен бизнис, градежништво, речиси да не постои сектор во земјава во кој успешно работат компании со доминантен грчки капитал.  Во земјава, една од годините во кои грчките инвестиции достигнаа пик од повеќе од 450 милиони евра беше 2008 година. Увидот во официјалните податоци за движењето на грчките инвестиции во земјава покажа дека од 2008 година  инвестициите од Грција во земјава главно се во пораст, одржувајќи удел од 12 % до 10% од вредноста на вкупните СДИ во државава. Од 1997 година до крајот на 2017 година вкупната вредност на грчките инвестиции во Република Северна Македонија изнесува скоро 474 милиони евра, а еве како се движеше инвестицискиот тренд во последните три години: 

2016 година   -15,69 милиони евра

2017 година     47,59 милиони евра

2018 година     26,12 милиони евра 

Грција, според вредноста на инвестициите е трет по големина партнер на Македонија, пред Грција се Австрија со удел од 13,6% и Обединето Кралство со удел во вкупното инвестициско салдо од 11,3%. Дека грчките бизнис  доминираа во приватен сектор покажува и податокот според кој македонски компании во грчка или мешовита сопственост предничат според големината, бројот на вработени и профитабилноста а меѓу нив се рафинеријата “Окта” – групација Хеленик Петролеум, компанијата “Усје-Титан”, од секторот трговија “Веропулус”, тука се и “Стопанска Банка – Скопје”,  членка на НБГ Групацијата како и “Пивара – Скопје”, “Жито Лукс” и “Мермерен комбинат” – Прилеп. Една од грчките фирми која доби голем бизнис од градежниот сектор, “Актор”, беше ангажирана за изградба на делницата Демир Капија – Смоквица, но лани, во март Специјалното јавно обвинителство објави дека отвора предмет кој се однесува на фаворизирање на грчката компанија при изборот на фирми за изградба токму на оваа стратешка делница во земјава, која беше пуштена во употреба само еден месец по објавата на СЈО за отворање на случајот. Јужниот сосед освен според висината на инвестициите, високо е рангиран и на листата стратешки  трговски партнер на земјава. 

Вкупната трговска размена меѓу двете земји лани била 992 милиони долари, од кои 766 милиони долари е вредноста на грчкиот увоз во земјава а 225 милиони долари е нашиот извоз во Грција. Во 2018 година во однос на 2017 година вкупната размена е зголемена за 20,’% , пришто со поголема динамика расте грчкиот увоз во Република Северна Македонија во однос на нашиот извоз во Грција. 

Што очекуваат бизнисмените и економистите… 

Голем оптимизам за економски развој меѓу Грција и Северна Македонија испорачаа премиерите Зеав и Ципрас на големиот бизнис форум што се одржа во Скопје пред повеќе од 400 бизнисмени. Според оценките на економистите овој форум праќа силна порака дека е крајно време да се нормализираат но и засилат економските релации меѓу двете земји.  

“Се чини дека после јасниот меѓународен, односно политичкиот дискурс и разните нормативни обврски што произлегуваат од Преспанскиот договор, на ред доаѓа и вистинска нормализација на односите меѓу Македонија и Грција во сферата на економијата. Соработката меѓу македонски и грчки компании и покрај политичките пречки во минатото постојано била интензивна, со исклучок на периодот на веќе подзаборавената блокада од деведесеттите години на минатиот век. Потврда на интересот за економска соработка е бројноста на компаниите учеснички од двете земји на одржаниот бизнис форум во Скопје, во рамки на првата посета на грчкиот премиер Ципрас на Македонија” – вели за Порталб, економистот Павле Гацов.  

Еве кои се клучните точки за кои двете страни најавија конкретни потези и решенија: формирање на мешовитата комисија од експерти што треба да решава околу називите на трговските марки кои го содржат терминот Македонија, македонско, македонска и слично ќе се формира кон средината на мај, решение за избегнување на двојно оданочување, развој на Солунското пристаниште, отворање на два нови гранични премини Промахои – Мајден и Maркова Нога – Агиос Германос. За бизнисмените од земјава, Грција е значајна транзит-дестинација, конкретно само низ Солунското пристаниште поминува 37 % од стоката и 6 % од  контејнерскиот превоз на македонските бизнисмени. 

“Нас со Грција не поврзува солунското пристаниште, за бизнисот е пречка ако тоа не е во функција. Затоа имаме иницијатива да се добие специјален статус на користење и да се користи во полн капацитет” – изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора. 

Овој форум може да се смета за давање на шанса на економската соработка, и потребни се видливи резултати од договореното, сметаат економистите.

 “Сепак, за вистинско давање шанса на економската соработка меѓу двете земји, нејзино збогатување и олеснување, а со тоа и нејзино интензивирање, потребно е потпишување на два важни договори, првиот, за заштите на инвестициите и вториот за одбегнување на двојното оданочување. Грчките инвеститори во Македонија, заради немањето договор за одбегнување на двојното оданочување, го оданочуваат трансферот на добивката (дивиденда) во својата земја со 10%. Ова не ги мотивира грчките компании да основата фирми кај нас. Македонските компании кои плаќаат разни услуги на грчки компании исто така плаќаат задржан данок по стапка од 10%. Ако користат исти услуги од земји со кои имаме потпишано договор за одбегнување на двојното оданочување, ваков данок нема. Без потпишан и ратификуван договор, можност за ослободување од овој данок не постои. Со цел на намалување на даночниот товар и олеснување на економската соработка Македонија има потпишано вакви договори со преку 40 главно европски земји. Вистинско време е за потпишување на ваков договор со Грција. a eномските ефекти од него ќе бидат брзо видливи” – вели Гацов.

Можен исчекор се очекува и нафтоводот Солун – Скопје бидејќи според најавите групацијата Хеленик Петролеум е во напредни разговори со властите во Северна Македонија за повторно пуштање во употреба на оваа стратешка нафтоводна траса.

Како дел од грчката делегација предводена од премиерот Ципрас беа околу 140 бизнисмени од различни сектори: градежништвото, енергетиката, прехранбената индустрија и нови технологии.