Ако ги именуваме нештата со вистинското име

Ако ги именуваме нештата со вистинското име
10.06.19   16:36

Прочитано : 223

Print This Article

Ако ги именуваме нештата со вистинското име, а тоа одамна ни е обврска не само заради ветените промени, тогаш вкупната перцепција за државата, но и за општеството, ќе се промени. Впрочем, така ги именувавме нештата не само ние „надворешните“ партиципиенти во промените, туку истото го правеше и сегашниот премиер, па и неговата партија.

И тоа е единствениот начин да се дојде до вистината! Затоа, кога нештата се нарекуваат така како што треба, како што прилега односно каква што им е суштината, тогаш и „опозицијата“ останува злосторничко здружение, а богами и оние нивни пајтон-партии кои така настојчиво ги следеа / следат не само во бившите криминали туку и во сегашното глупирање околу поканата за започнување на преговори со Европската Унија. Која што ќе дојде, ако не утре, тогаш задутре, или малку подоцна … нешто за што криминалецон од Будимпешта и неговите јатаци во Македонијава можеа само да сонуваат. (Иако, всушност, тие сонуваа за нешто друго, а делумно тоа и си го исполнија!). Ако така ги именуваме (и) нив, а Европа одамна така ги именува зашто исказот „заробена држава“ го говори токму тоа, тогаш сметките стануваат почисти а нештата појасни. Да немаме дилеми барем околу тоа, а лаењето на оној „асистентон на тато“ навистина веќе станува напорно и не знам зошто и него некој не го постави на вистинското место. Добро, можеби нештата се движат побавно од мојот метаболизам, од моите желби, ама мислев дека овие од власта се помлади и поагилни од мене. Испаѓа – обратно, тоест во моја (нестрплива и „младешка“) полза!

Затоа, не знам кому му служи денешново фемкање, шминкање на изјавите и соопштенијата ако веќе претходно, во времето на протестите и најавите за промени, нештата беа именувани така како што треба(ше) за да луѓето / народот точно знае за што говориме. Да, некој ќе каже: овој повторно ко слеп за стап, ама зошто оние криминалцине до вчера беа злосторничко здружение а сега им признаваме статус на – опозициска партија? И’ продаваме на Европа љубезност, кооперативност, култура … што ли? Таа, колку што знам, од нас тоа не го бара. Бара – промени, ама не во тонот туку во праксата! И не се проблем само криминалцине, иако од нив се’ почнува. Проблем се вкупните оценки за состојбите и нивното именување со вистинските имиња. Е тоа е малку потешко. Зашто, на пример, кога велиме Министерство за култура тоа за Европа звучи прилично сериозно, нели. Ама сите знаеме дека во праксата тоа најмалку е државен орган одговорен за културата туку, во најголемиот дел, е некаков инертен етничко-партиски конгломерат неспоив со основните задачи што треба да ги извршува. Секоја чест на одделни и за жал малубројни исклучоци кои само го потврдуваа правилото дека тој орган не ќе може да ја помести културата ни еден милиметар во насоката кон задачите што Европа ги очекува. Иако таму, нели, седат околу 170 персони, меѓу кои еден дел со највисоки административни звања во државава (почестени уште од времето на пуфлата). Ако тој „апарат“ имаше нешто експертско во него, ќе беше ли културата на ова дереџе односно сето она констатирано во Националната стратегија (која што, изгледа, веќе ја заборавивме), или културното наследство, на пример, за кое што. очигледно, Европа, ама и светот, имаат сериозен интерес? И тука состојбата е сосема слична, ако не и полоша, а за жал така е и во Управата за заштита на културното наследство како „газда“ на истото, од каде произлегоа и „Скопје 2014“, и Плаошник, и новите фасади во Скопје и сите други погубни за наследството „мерки и активности“. Па и Охрид, ако сме веќе кај тоа. А така е, ако не и полошо, и во сите други културни институции. Инаку, повторно, да беше поинаку, не ќе бевме на ова дереџе. Толку за стручноста и експертноста на / во македонската култура. И сега, со таа „експертиза“ ние ќе се шлепаме во ЕУ? Тоа се нешта што мора да се именуваат прецизно, за утре да немаме дилеми или изненадувања.

Или, можеби, во оваа насока ќе помогнат новите „експерти“? А сепак, би било интересно да се види на што (ќе) се темелат нивните анализи и активности кои што ќе ги предлагаат до премиерот ако се знае дека конкретно во меѓународната соработка македонската култура е труба, или тромбон, како милувате. Особено, на пример, во функционирањето на нашите т.н. културни центри, оние два и половина, или три (зашто оној во Њујорк е некаков чуден хермафродит!), колку што ги имаме. Бидејќи, прво, ни имало, ниту пак има серизна анализа и истражување за потребата од отворање на такви „центри“, особено оној во Њујорк, и второ, уште помалку ние имаме некакво, какво и да е’ искуство во таа работа. Но, сказната за жабата и коњот кај нас е широко распространета. И не сакам да кажам дека такви културни центри на Македонија не и’ требаат. Напротив. Но тие се отвораат и работат после опсежни анализи и елаборати за нивната потреба, организација, кадровска и друга опременост итн. Нешто што ние го немаме, како што впрочем основаме и нови институции онака, од ракав, без елементарни општествено-стручни експертизи (кои ниту пак има кој да ги направи!). Ние, во суштина, цели триесет години (не само) во културата исполнуваме лични или групни желби издигнати на степенот на државна потреба. Затоа така и ни одат работите. А на тоа ми мириса и ова со последниве „експерти“. Зашто, ако го имаме предвид досегашното функционирање на оние два и половина културни центри, нам на крај памет не би било да бараме уште еден, па нека е и во Белград. Иако таму навистина и би требало да го имаме. Со ова не сакам да кажам дека тие не работеле односно не сработиле ништо. Ама тие „работат“ врз основа на собрани предлози од институциите, а не врз основа на утврдени прироритети / програма од страна на државата! Што ќе рече: работата е од почеток поставена наопаку, па така си тера и понатаму. Затоа, впрочем, тие центри во културата малку цинички ги нарекуваме и наши државни туристички агенции кои прифаќаат гости од Македонија како наши истурени тур-оператори, ги „угостуваат“ колку можат и умеат, па ги пакуваат назад. И ги евидентираат „резултатите“, се разбира. Не ми излегува од глава онаа археолошка изложба наречена „Праисториски дами од Македонија“, со оригинални експонати, изложена во 2013 година во оние 20тина квадрати во КИЦ-от во Софија, онака на отворено, без витрини, без заштита, ама со „голем интерес од публиката“! Како да Софија нема музеи, особено археолошки, како да нема соодветни други простори туку моравме да ја напикаме таа изложба, и не само таа туку и многу други, во крајно несоодветни услови. Да не говорам за нашите „изложби“ и „настапи“ во Њујорк, по правило пред 20-30 посетители, главно нашинци … итн. Е сега, вака ли ќе функционира и новиот „центар“ во Белград, на пример? Или нашата идна „културна“ соработка со Бенелукс? Ама таму немаме културен центар? Па – да отвориме, зошто да не, односно да ја прошириме „задачата“ на оној писателон сега маскиран во експерт за културни центри?

Колку да потсетам, бидејќи веќе ја спомнав Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година, каде децидно стои: „Итна процена и, по потреба, ревидирање на активноста на македонските културни центри во Софија и во Њујорк, како и на планираниот културен центар во Истанбул“. Мислите дека нешто е направено во оваа насока? Не е. А Стратегијата, нели, не предвидува отворање на нов културен центар, па баш во Белград?

Златко Теодосиевски

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести