Џихадистите масакрирале десет цивили во ДР Конго

Џихадистите масакрирале десет цивили во ДР Конго

 

Десет лица се убиени во текот на ноќта во источните региони на ДР Конго, каде масакрите врз цивили од страна на бунтовниците предизвикаа протести против миротворците на ОН, изјавија претставници на локалните власти.

Француските медиуми пренесуваат дека десетте цивили се убиени во селото Каманго.

И тоа се случува само еден ден откако 22 други беа убиени во Нтомби, изјави денеска администраторот на територијата, Бени Донат Кибуана.

-Не беа ни погребаните убиените 22 лица од Нтомби, а веќе се убиени други цивили во Каманго, изјави тој.

Досега во мртовечницата се однесени десет трупа.

За најновиот напад лидерот на локалната заедница во округот Ваталинга, Паскал Саамбили, ги обвини Сојузните демократски сили (СДС), милиција обвинувана за убиства на стотици цивили.

-СДС се изживуваа врз цивилите во текот на ноќта во Каманго. Убистава ги сторија со мачети и пиштоли. Досега откривме 10 тела, а има и девет ранети, изјави Саамбили.

Фаустин Басвеки, кој раководи со асоцијацијата за млади луѓе во  Каманго, изјави дека бил сведок на масакрот.

-Кога војниците пристигнаа, терористите дадоа наредба да се повлечат и да го напуштат Каманго, говорејќи на киганда јазикот. Тоа е јазик што се зборува во соседна Уганда, чија  граница се наоѓа на 15 километри од местото, рече тој.

СДС е милиција чии историски корени се во Уганда и џихадизмот, а е активна во источните региони на ДР Конго, особено по војните во Конго во 90-те години на минатиот век.

Групата од 2014 година досега убила над 1.000 цивили, покажуваат резултатите на Истражната група за Конго (CRG).