Јанус на историското наследство

Јанус на историското наследство
22.07.19   12:17

Прочитано : 381

Print This Article

Национализмот е неопходен за земјата да преживее, според поддржувачите на пројектот „Скопје 2014“. Фалсификување на историјата, тврдат кричарите.

Ова беше еден од заклучоците во истражувањата на Европската иницијатива за стабилност, ЕСИ, која ја следи работата на ЕУ на Балканот, меѓу другото со фокус на изградбата на национална држава. Притоа се поаѓа од искуствата кои зборуваат дека ЕУ, за оние земји кои сакале и сакаат да станат дел од европското заедништво, имала значајна улога за сузбивање на шовинизмот и ксенофобијата.

Не беше само Скопје посочувано како пример за настојувања да се зајакнат темелите на нацијата со споменици, кич и сопствено опишување на историјата. И како обид да се создаде заедништво околу триумфални капии и гигантски скулптури.

Вниманието на пошироката европска јавност го привлeче, на пример, и унгарскиот главен град Будимпешта, каде што се потхрануваат соништа за национален идентитет од подалечното минато – но притоа историскиот контекст се обликува на таков начин што се брише она што не одговора во новиот историски наратив.

Слично како и во Скопје, силни националистички струења во Унгарија претворија делови од Будимпешта во големо градилиште. Всушност, градската карта на унгарската престолнина е менувана повеќепати во текот на промената на режимите во претходното столетие. Таквата практика, со богати примеси на историско-ревизионистички посегања, и во Скопје повеќе не претставува никакво посебно изненадување.

Склоноста да се подобрува и романтизира како поблиската така и подалечната историја се чини има безвременски карактер. Но во една ограничена перспектива погрешните толкувања и лагите можат да изгледаат и безопасно. Сепак, колку што повеќе добиваат во димензии, дотолку повеќе се деформираат гледиштата, и историјата практично станува златен рудник за недоволно осветлените амбиции на современиот човек, отколку водилка од која би требало да се бара и ползува вистинско искуство.

Политичкиот историски ревизионизам обично се темели врз политичка агенда, наместо врз научни методи, и се користи за пропагандни цели. Но не е лесно да се утврди попрецизно дали историскиот ревизионизам е научено фундиран или е пак политички мотивиран, затоа што ретко кој е подготвен да ги признае политички цели околу историските гледишта и факти.

Токму затоа во рамки на ЕУ е усвоен предлог кој забранува извесни видови на ревизионизам. Тоа, меѓу другото, значи дека се забранува негирање на геноцидот Евреите. „Германија и Израел се поврзани со историјата, сеќавањето на геноцидот врз Евреите мора да се одржува“, рече по тој повод германската канцеларка Ангела Меркел.

Тоа се смета за неопходно бидејќи политичкиот историски ревизионизам се обидува да ги смени и „корегира“ историските вистини и податоци за геноцидот, масовните убиства и слични злосторства против човештвото.

Неоспорен факт е дека луѓето се развиваат и учат користејќи ги постигнувањата и искуствата на претходните генерации. Тоа што човештвото го придвижува напред е токму способноста да го ползува знаењето. Но ако се преземат чекори во насока на искривоколчување на фактите, или во насока на нивна посакувана заднинаа, со цел да бидат политички коректни, се зголемува ризикот во една краткорочна или подолгорочна перспектива да бидат потиснати и некритички покриени делови од знаењето и искуствата во заедничкото национално културно и историски наследство.

На таков начин, всушност, како што често се укажува, се отвора простор за повторување на грешките на претходните генерации, посебно кога станува збор за фалсификување на историските факти. Дали е разумно некому да му се дава исклучително право да проценува кои историски факти треба да бидат запазени и сочувани и со тоа да ја претставуваат основата на историјата која ќе ни биде понудена за читање?

Спротивставените ставови на опозицијата и власта во Македонија околу историјата и градењето на односите со оседите го карактеризира заматен поглед кој пропаѓа во спиралата која од една страна упорно влече кон минатото, а од друга се обидува да исфрли напред нова патека кон иднината, по која Владата на Заев грчевито се обидува зачекори.

Метафората Јанусовото лице можеби не е сосема за отфрлање, имајќи предвид дека римскиот бог Јанус го симболизира стравот од промени, иако неретко се поврзува и со предваство и двојна игра. Токму затоа често и погрешно се толкува, иако не бил никаков предвник или карактер со лош морал. Токму напротив, Јанус ги држел клучевите на небеското царство, а неговиите две лица се користат само за да може едновремено да се погледне и назад и напред во времето.

Некаде на долгиот пат низ времињата неговите намери, пораки и неговиот лик, светлината што зрачи од Јанусовото лице, почнале да се поврзуваат со нешто сосема друго.

 

И тоа според истиот принцип како што толку често е случај со – стравот од промени.

 

Ивица Челиковиќ

 

 

 

 

  Категории: