Јанковиќ: Земјата е на добар пат со реформите, наскоро ќе бидете 30-та членка на НАТО

Јанковиќ: Земјата е на добар пат со реформите, наскоро ќе бидете 30-та членка на НАТО
22.07.19   19:50

Прочитано : 281

Print This Article

Процесот на пристапување на Република Северна Македонија во НАТО се одвива многу брзо. Разговорите за пристапување веќе се успешно завршени. За само неколку месеци околу 20 земји го ратификуваа Протоколот за пристапување, додека некои од останатите најавија дека ќе го направат тоа наскоро. Се надеваме дека процесот ќе биде завршен до состанокот на лидерите на НАТО во декември во Лондон и дека Северна Македонија ќе може да учествува како полноправна членка.

Ова во интервју за е-весникот на Инфо центарот за eвроатлантски интеграции го вели полковникот Зоран Јанковиќ, шеф на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје.

Според него, сепак, процесот не може да се контролира бидејќи зависи од политичката динамика во земјите-членки и агендата на нивните национални парламенти.

– Со оглед на политичката посветеност и посветеноста на сите инволвирани, убеден сум дека сите активности ќе бидат успешно завршени во догледно време и дека до моментот на пристапување на Северна Македонија ќе ги имаме воспоставено сите потребни безбедносни механизми во согласност со стандардите за безбедност на НАТО, кои важат за сите земји-членки и тоа не само во однос на физичката, комуникациската и информациската (CIS) и индустриската, туку и во многу други области на безбедност. Сепак, процесот на интеграција продолжува за одреден период, обично една до три години, по пристапувањето – вели Јанковиќ.

Тој посочува дека стандардизацијата е еден од најважните аспекти на интеграцијата.

– Зборувам за административниот, оперативниот и техничкиот дел од стандардизацијата. Морате да ги синхронизирате колку што е можно повеќе сите национални процеси и стандарди со процесите и стандардите во НАТО. И тоа не само процесите и процедурите, туку и техничките стандарди за воената опрема и системите треба да постигнат интероперабилност на сите нивоа, од тактичка до стратешка. Ова е подолг процес и само што почнавте да ги добивате стандарди на НАТО кои не ви беа достапни како партнер нација. Има многу работа пред вас. Но, морам да кажам дека сте на добар пат по толку години како партнер – вели Јанковиќ.

Тој оценува дека земјава е на добар пат со реформите, а особено во одбранбениот и безбедносниот сектор.

– Со неодамнешните промени во законодавството за безбедност направивте одличен чекор напред. Исто така, Законот за одбрана и Законот за воена служба се на добар пат да бидат усвоени релативно скоро. Но, не е важна само документацијата. Ветивте два отсто од БДП за одбрана до 2024 година и веќе го зголемите буџетот за одбрана за 2019, што овозможува дел од него да се потроши за модернизација на вашите оружени сили. Можам да видам позитивни чекори за многу краток временски период во вашите процеси за модернизација и аквизиција. Успешно го завршивте PARP-процесот и сега се префрлате кон процесот на планирање на одбраната на НАТО – рече Јанковиќ.

Тој оценува дека покрај реформите во одбраната, исклучително важни се и пошироките реформи во безбедносниот сектор, како оние кои веќе се спроведоа, така и оние кои допрва треба да се спроведат.

– Но, она што го гледам како многу важно е да не се ветува нешто што не можете да го испорачате, од различни причини. Како што веќе рековме, не треба сè да се оствари до моментот на пристапување и реформите ќе продолжат понатаму и по тој момент, но вие, како земја, треба да бидете реални кога донесувате одлуки за тоа што можете да постигнете и во кој временски рок и така да изградите реноме на сигурен сојузник – рече тој.

Во однос на тоа дека МВР почна со процесот на „ветинг“, и дали НАТО има одредена методологија за тоа како да се спроведе овој процес, Јанковиќ вели дека произлегувајќи од сеопфатните концепти и политики на НАТО се воспоставуваат минимални стандардни безбедносни критериуми не само во делот за безбедноста на персоналот, туку и во други безбедносни области, како што се физичката безбедност, CIS-безбедноста и сл., кои сите земји-членки мора да ги исполнат.

– Националните стандарди во некои земји членки се построги од оние на НАТО. Разбирам дека и во случајот на Северна Македонија националните стандарди ги надминуваат оние на НАТО. Ова е добро, особено во областа на безбедноста на персоналот, бидејќи луѓето се најважниот фактор во секој безбедносен систем, тие го прават системот функционален – вели Јанковиќ.

Според него, „ветингот“ е национална обврска и националните органи се одговорни за спроведување на процесот, но, со оглед на барањето за усогласеност со стандардите на НАТО, безбедносните експерти на Алијансата помагаат и го надгледуваат неговото спроведување.

– Разбирам дека вашите безбедносни органи се имаат консултирано со своите колеги во повеќе земји-членки на НАТО, како што се САД, Велика Британија, Хрватска, а можеби и други. Верувам дека експертите од некои од овие земји исто така и помагаат – истакнува шеф на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје Зоран Јанковиќ.

  Категории:
view more articles

Останати вести