Јанева понудила малку пари, затоа не излегла од притвор со гаранција

Јанева понудила малку пари, затоа не излегла од притвор со гаранција

Катица Јанева понудила малку пари за да излезе од притвор со гаранција. Вредноста на становите на нејзините деца од 160 илјади евра не биле доволни за да ги убеди апелационите судии поранешната шефица од СЈО да излезе од Шутка. И на вишото јавно обвинителство кога дало негативно мислење – за жалбата на Јанева го посочиле токму малиот износ на недвижниот имот, пишува Алсат.

Од Апелација и денеска убедуваат дека при нивната последна одлука биле исполнети условите и без гаранција таа да ја напушти ќелијата во Шутка . Но ваквиот став на Апелација ја изнервира Вилма Русковска која им се закани на судиите дека „ќе ги истресе од гаќи“. Министерката за правда, Рената Десковска денеска не сакаше да ја коментира содржината на СМС пораката – не коментирала одлуки на судот и обвинителството.

„Од позиција на министер за правда ич не смеам да коментирам судски и обвинителски одлуки, ниту пак изјави на обвинители“, рече Десковска.

Но, пред само шест дена, министерката коментираше изјава на претседателот на Кривичниот суд кој даде поддршка на судската служба која бараше поголеми плати.

„Јас искрено очекувам Претседателот на Кривичниот суд да излезе со протест со влијание кај своите колеги со јасност и гласност зошто некои судења не се закажуваат по три месеци. Зошто застаруваат предмети во неговиот суд“, додава Десковска.

За заканувачката СМС порака, Вилма Русковска ќе треба да даде објаснување до Советот на обвинители. Шефицата на обвинителството за организиран криминал на писмено до утре треба да испрати образложение што се случило и зошто така реагирала до судиите од скопска Апелација. Од Советот на обвинители за Алсат објаснуваат дека уште утре може да донесат заклучок. Во меѓувреме Катица Јанева веќе втор ден од дома ја следи кавгата на релација Апелација – Русковска.