Јајце и Лондон

Јајце и Лондон

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

И – што има ново? Како, што има? Па ВМРО-ДПМНЕ бара итна ратификација на протоколот за членство во НАТО. Откако го видоа македонското знаме како се вее помеѓу американското и британското пред Бакингемската палата и откако се уверија дека групната фотографија на триесетте државници со кралицата Елизабета не е „сечена, лепена и монтирана“, одеднаш се загрижија дека можеби ратификацијата за НАТО нема да помине во македонското Собрание.

Христијан Мицкоски пушти орелски нокти само за да не помине Преспанскиот договор. Какви кампањи водеше, колку предавници измислуваше, што ли не направи за да не успее референдумот за промена на името што гарантираше влез во НАТО. Тој ги тераше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да стојат до ѕид во Собранието кога се гласаше промената на Уставот што гарантираше влез во НАТО. Какви притисоци им правеше на неговите пратеници што гласаа, им испраќаше луѓе да им протестираат пред домовите оти гласале за НАТО. Сами си се нарекуваат „северџани“ иако и НАТО и цел свет го признава постоењето и на македонски народ и на македонски јазик. И уште ќе бараат предавници, уште ќе се закануваат и уште и на следните избори ќе ветуваат дека ќе го сменат Преспанскиот договор со кој успеавме да влеземе во НАТО.

Тие сега велат дека ќе одат таму каде што Заев не го примале. Ќе ја спасуваат Македонија. Што ќе спасуваат? Од кого ќе ја спасуваат? Влеговме во НАТО. Со скршената глава на Заев, со амнестираните вратари од 27 април 2017, со избеганиот осуден криминалец Груевски, со судиите од тефтерчињата, со бојкотот на референдумот, со специјалната обвинителка обвинета дека ги рекетирала тие што ги истражувала, се избеганите обвинети за нелегалното прислушување, сосе егзибиционизмот на Боки 13, сосе рекордното загадување, сосе ѓубрето, сосе старите и новите контејнери, сосе партизираната и мрзелива администрација, сосе клиентелистите што чекаат милост од партијата за да ги вработи „на државно“, сосе дивоградбите и хаотичното градење, со калта пред куќата на Перса и низ цела држава, со Александар и мадињата на Букефал, со гипсаниот барок и неокласицизам и со галиите што чекаме да ги однесе Вардар…

Доцна е, дами и господа од кругот на Мицкоски и од чуварите на делото на Груевски. Ние сме НАТО. Вас реалноста ве прегази.

Целата колумна на СДК на следниот линк.