Урсула фон дер Лајен – политичарка со богато искуство (биографија)

Урсула фон дер Лајен – политичарка со богато искуство (биографија)
17.07.19   09:49

Прочитано : 128

Print This Article
ursul

Новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен има 60 години и доаѓа од редовите на германската конзервативна Хритијанско демократска унија (ЦДУ).

Во политиката е од 1990 година, а германските медиуми ја опишуваат како блиска и „секогаш лојална“ на канцеларката Ангела Меркел.

Фон дер Лајен е родена во Брисел. Нејзиниот татко своевремено бил премиер на Долна Саксонија, а Урсула фон дер Лајен во 2003 година станува министерка за социјални прашања на таа германска сојузна држава. Влегува во претседателството на ЦДУ во 2004 година, а во 2010 година е именувана за заменик претседателка на партијата на Меркел.

Таа важеше и за наследничка на Ангела Меркел како лидер на ЦДУ, а пред ненадејниот влез во трката за функцијата претседател на ЕК се споменуваше и како наследничка на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Урсула фон дер Лајен се наоѓа во кабинетот на Меркел од 2005 година и тоа прво како федерална министерка за семејство, потоа за труд и социјални прашања, а во 2013 година доаѓа на местото министер за одбрана на Германија и станува прва жена на таа функција.

Таа е политичирка со богато искуство, а со доаѓањето на чело на Европската комисија всушност се враќа во седиштето на ЕУ.

Од 1977 до 1980 година студирала економија на угледниот London School of Economics. Во Лондон, поради страв од терористите на Фракцијата на Црвената Армија (РАФ), кои во тоа време им се заканувале на германските политичари и членови на нивните семејства, таа студирала под лажно име Роуз Ладсон.

По враќањето во Германија студирала медицина, а докторирала и специјализирала гинекологија.

Во 2015 година се појавија обвиненија дека Фон дер Лајен го препишала поголемиот дел од својот докторат, но истрагата спроведена на Универзитетот во Хановер утврдила дека трудот „има грешки“, но таа може да ја задржи докторската титула.

Поради нејзиното добро познавање на сите три главни европски јазици и искуството во НАТО, аналитичарите ја сметаат за вистинска личност на функцијата претседател на Европската комисија.

Урсула фон дер Лајен е мажена и има седум деца.

  Категории: