Зборот на претседателот

16.07.19   10:52

Прочитано : 569

Print This Article

И повторно за жал, и не го велам ова со којзнае каква самобендисаност, сегашните резвој за Охрид е тотално обесхрабрувачки односно засега излезе според она моето: дека за рушење ги имаме само настрешницата на Науме и гаражата на Климе, и можеби една шупа, онаа на Трпе. Толку! На прстите на едната рака. Иако, сепак, како давеници за сламка можеби ќе кажеме дека за нас и за Охрид мора да постои надеж. Особено ако покрај „компетентните“ од извршната власт во проблемот се вклучува директно и претседателот на државата! Сакам да кажам: не можете да не му верувате на еден претседател на држава кога вели дека „мора да направиме се’ што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО, македонско и светско природно и културно наследство“. Затоа, впрочем, ова и го пишувам, и не само јас туку и едно чудо други луѓе, загрижени, секако, и со добра волја да помогнат. Не можете, велам, да не му верувате на еден претседател на држава зашто во вакви изјави тој го вложува својот збор, своето ветување, својот кредибилитет … своето претседателствување! Зашто, ако граѓаните од старт го запаметат како човек кој не си стои на зборот, понатаму се’ е џабе. Но затоа, претседателот треба да биде информиран за Охрид не само од македонската делегација од Баку која што, патем, покажа дека и не знаела за што оди таму, туку, а бидејќи често ќе навраќа летово во Охрид, и со претставници од сите оние невладини организации кои искажаа здушен јавен протест околу третманот на нивните предлози за т.н. Закон за Охрид, третманот на проблемот од страна на поединци од власта итн. И понатаму, претседателот на државата мора да се сретне и со независни експерти за истите прашања, ако сака да има прецизна слика за случувањата. И да не испадне дека, ете, јас се пикам меѓу таквите, ред е да кажам дека во Охрид не сум стапнал минимум 15 години и немам намера ни да стапнам дури не си поврати барем дел од стариот шарм на градот. (Што, според многу валидни прогнози – нема да се случи. Ама сепак!). Но, има доволно сериозни луѓе кои на претседателот на државата ќе му ја отворат пошироката слика за Охрид, за неговата иднина со ваков третман, за можните опции итн. Се разбира, на претседателот е да одлучи дали сето ова ќе го искористи или ќе остане на еднонасочниот колосек на (дез)информациите од несигурни извори, кои барем педесетина пати досега беа громогласно демантирани во јавноста!

Но, повторно, она што, мислам, дека мораме да го расчистиме овде, дома, е фактот дали ние навистина сакаме Охрид да остане под заштита на УНЕСКО како светско природно и културно наследство? Ако навистина сакаме, во што не сум сигурен, мора да постапуваме согласно препораките. Доколку не сакаме, во што, за жал, се’ повеќе сум убеден, мораме да престанеме да го лажеме УНЕСКО, светот, и домашната јавност. Зашто едното со другото никако не оди, тоест светот не познава град под заштита на УНЕСКО во кој што владее градежна експанзија токму во самото срце на заштитениот појас, каде урбаната, политичката и сета друга мафија работи здружено во заобиколувањето на сите нормативни решенија, каде градоначалник свечено отвора дивоградба на два чекори од заштитено природно богатство каков што е Чинарот, каде секоја приучена шушумига се самопрогласува за експерт и продава онакво за бубрези, каде истите злосторници кои илегално ровареа во заштитеното подрачје сега добиваат проширени ингеренции тоа легално односно со амин на власта да го прават, итн. Таков град (или негов дел) во светот – нема! Дури и да се задржиме во регионов или малку пошироко, без некаков логичен редослед, на пример Дубровник (стариот град), Котор, Валета, Ватикан, Фиренца (историскиот центар), Гран плас во Брисел, Акрополис, Мон Сент Мишел … Виена (историското јадро) … се’ се тоа импресивни вековни градови (или нивни делови, таканаречени историски јадра) кои успеале да одолеат и на тамошните налети на мафиите, како и на апетитите за богатење на поединци и групи. И станале – градови метузалеми, градови истории, градови скапоцени камења! Меѓу нив и еден Охрид, ама некогашен, не сегашен. Но никако не мислам дека светот е толку подобар од нас и дека и таму не се случуваат слични агресии и криминални напади врз градските јадра како профитабилен бизнис. Ама со една разлика: сите тие одолеваат и на туристичкиот притисок, на брзото богатење, на сите современи предизвици со цел да го сочуваат духот на времето, на традицијата, за идните генерации.Тоа пак подлежи на строги правила, на процедури, на стручни зафати кои што се во согласност со современите теории за заштитата на културното наследство.

Не сум сигурен дека ова нас навистина не’ интересира, дека токму ова ни е целта, како држава и како поединци кои, ете, се зафатиле со работа токму во таа област. Мислам дека и Охрид, како и целата држава, го плаќа данокот на трката по брзо богатење, притисоците на политикантството, на малограѓанштината и полтронството. Охрид не е ништо поразличен од примерот на Скопје – задушено од коли, луѓе и згради, притиснато од налетот на провинцијата која во него гледа единствен спас. Со таа разлика што Охрид (се’ уште) ја има значката на заштитено подрачје, а Скопје нема кој да го заштити од секојдневните напади. Се’ ми се чини дека и приказната на Охрид ќе заврши на истиот начин. Она што шизоидното „Скопје 2014“, малоумните амбиции на неколкумина и неконтролираниот прилив направија од главниот град, провинцијализмот, малограѓанштината и неукоста го прават во Охрид. Здушно помогнати со вечните партиски полтрони во служба на политикантството и брзиот профит!

Да заштитиш цел еден град односно неговото историско јадро не е ни мала ниту лесна работа. Да го „конзервираш“ времето во еден урбан дел, да го сочуваш неговиот дух, неговиот шарм на кој што „паднале“ генерации и генерации, особено град од типот на Охрид сосе езерото и еден поширок опфат со Галичица, е така-речи херојски потфат. Ама за таков потфат треба луѓе, сериозни професионалци а не шарлатани, луѓе со биографии а не самопрогласени стручњаци, експерти со визии а не туткуни со очи само за пари и власт. Е тоа е најтешкото кај нас, таквите секогаш ни недостасуваат, некако се малубројни. А оние партискине билмези … такви има(в)ме отповеќе, ама кој виде(л) некаква фајда од нив, за што и да е’?

Хистерии, велите? Е па ајде, живи били па видели!

Златко Теодосиевски

  Категории: