Здружен проглас на младите во Македонија и Грција во однос на преговорите за името

Здружен проглас на младите во Македонија и Грција во однос на преговорите за името
16.04.18   20:09

Прочитано : 1,200

Print This Article
loading...

Стотици млади луѓе, претежно студенти, од Македонија и од Грција напишаа здружен проглас кој го изразува нивниот став за преговорите околу името. Прогласот е напишан на четири јазици, македонски, грчки, албански и англиски јазик.

Тектот го објавуваме во целост:

„Ние, младите во Република Македонија и во Грција, затекнати во виорот на констатирања, толкувања и предложени решенија на билатералниот спор, зад кои препознаваме дека се испреплетуваат низа интереси на политичко-економските елити во нашите земји, кои ги засенуваат нашите колективни интереси, се чувствуваме повикани да се објавиме!

Во овој обид за решавање на спорот, препознаваме само нов облик на старата политика, која, како и порано, ги потиснува горливите социо-економски прашања. Во изминативе години, таа политика, водејќи се по принципот „раздели па владеј“, создаде (како антитеза) свест дека меѓу нас не постои суштинска разлика, туку дека споделуваме ист реалитет. Оваа свест, од никулец до зрелост, беше посредувана од политиката на кратење на нашите права во име на политичкиот императив на слободниот пазар, проникнат со митовите на национализмот.

Слободното и квалитетно образование, и во Грција и во Република Македонија, од цивилизациска придобивка што треба да ја уживаат сите, беше систематски трансформирано во привилегија на малкумина. На внатрешен план, пак, профитот постепено го истиснуваше просветителскиот карактер на образовниот процес. Згора на тоа, нашето секојдневие е исполнето со социо-економското обесправување на младиот човек, кое стана еден од приоритетните принципи на владеење. Воедно, како последица на воспоставениот економски модел, прекарната состојба и младинската невработеност станаа неизбежна карактеристика на нашите општества, која постојано сее социјална, економска и егзистенцијална несигурност. Оттука, младите во нашите општества засилено се иселуваат, резигнираат, деполитизираат и самоуништуваат.

Пазарните принципи, врз кои се засновани политиките на нашите досегашни влади, неизбежно, имаат ефект во распределбата на јавното, преку континуирано истиснување на младите од системот на социјалната, здравствената и еколошката грижа на државата. Политичката интеракција, пак, беше соодветно структурирана за да оневозможи младиот човек да размислува, развива и пласира нови општествени хипотези. Национализмот, од една, а сиромаштијата, од друга страна, влијаат и врз младинската мобилност. Ние имаме сè помалку услови, а – поради потхрануваната меѓусебна омраза – и мотиви за соработка, за да делуваме и да се развиваме заедно. Додека капиталот патува непопречен од национализмот, ние, управувани од обата, остануваме усидрени во границите на своите земји.

„Македонија е наша!“, во нашиот контекст, е националистичкото кредо со кое се изместува причинско-последичната врска на нашиот социјален пад. Тоа е формулата што причината за сопствената обезмоќена положба ја сместува во Другиот, наместо во економско-социјалните политики на центрите на моќ.

Денес, повеќе од кога било досега, дојде време да ги огласиме прогресивните сили во нашите општества. Да го покажеме нашето единство во борбата против заедничиот непријател, бидејќи, во Грција и во Република Македонија, непријателот се наоѓа во банките и министерствата. Да нагласиме јасно дека овој проблем не е наш и дека, во екот на омразата, поделбата и шовинизмот предизвикани од него, постојат луѓе кои се наоѓаат за пријатели и сојузници против оној кој им го погазува заедничкиот интерес.

Ние сакаме мир, пријателство и соработка помеѓу нашите земји. Застануваме во заедничка борба против политиките на штедење, осиромашување и маргинализација на младината. Ние сме против приклонувањето на нашите земји кон воено-империјалистичките сојузи и бараме мир на Балканот. Го сметаме горенаведеново за многу посуштинско од опсесиите и неразумниот фанатизам во однос на ова или она име. Цврсто веруваме дека проблемот со името може и мора да биде решен низ консензус базиран на мир и соработка меѓу луѓето од двете држави, кој ќе ги рефлектира вредностите на солидарноста меѓу работниците и младината, како и борбата против какви било националистички убедувања, кои генерираат омраза.“

Ако сакате да го потпишете прогласот притиснете тука.