Засега (сеуште) без добaр наслов

Засега (сеуште) без добaр наслов
15.06.18   00:17

Прочитано : 1,762

Print This Article
loading...

Да не се лажеме, со должна почит кон искрено загриженото тивко мнозинство, галамаџиската тензија во јавноста околу договорот со Грција е минимално поради името на земјата и максимално поради имињата на лидерите.
Договорот како капитулација или победа? Обата става имаат солидна основа за промислување. Но доколку дозволете троа соломонштина, договорот повеќе потсетува на славните маалски бандити од 70-тите кои продаваа цигла пред семафор. Светлата на семафорот можат да се палат и гасат, но додека не купиш цигла – не минуваш. И потоа, на пат кон Трст со цигла во гепек, пред децата и сопругата со изнасилена насмевка објаснуваш дека станува збор за мала “шега од колега”, но во душата се чувствуваш ништожно а во мозокот кастрирано. Елем, патот за Европите ни се отвори, со цигла-Договор во гепек. Но какво е чувството на кастриранот се покажа синоќа кога од православните Грци и Руси кастрираните “христијански братства” си ја вежбаа националната мажевноста со „гасни комори за шиптарите”. Гревчиња.

 

;

Впрочем, како што се тераше процесот, така се заокружи и наводниот епилог – со форсирање на правното и бегство од политичкото. Иако спорот беше, е, и понатаму ќе биде апсолутно политички мотивиран и како таков невозможно да се санитаризира со правни флоскули. Па барем ние од Поранешната Југословенска би требало да ја знаеме разликата помеѓу уставно-правните перфекционизми и реал-политичките темпирани бомби. Не, наместо слепа верба дека правото ќе ја реши политиката, поупатно е да се молиме и надеваме дека наместо лек, легалистиката нема да се пресврти во вода фрлена врз запалено масло. А според она што можев да го прочитам (и разберам, демек) од Договорот, мотивите за скепса се поубедливи од причините за надеж.

Депресивноста на моментот би била можеби и поподнослива, доколку не бевме како јавност принудени на бегство во ров врз кој двете страни разменуваат клетви и пцости, несвршени мината и прерани ејакулати, пакти за капитулации и интегративни спогодби, добри гробови и лоши робови. Остра борба про и контра помеѓу патриотските денаристи и космполитските евроисти, зададени во судир помеѓу минато-режимските профитери на 80.000 евра грантови од државни буџети за одбрана на името, за гуша фатени со сегашно-режимските профитери на 80.000 евра грантови од државни буџети за одбрана на името. Идентификувањето на двата кампа со партиски или невладини кратенки ја обесмислува суштината на нивниот спор и замаглува природата на опортунизмот на обете страни. Сегашните противници на Договорот би биле први кои со заби и нокти и вили и секири би го бранеле токму овој Договор, под услов да беше зготвен и сервиран од нивниот Лидер. Додека пак сегашните чесни и пречесни, пресвети и провидливи бранители на Договорот би биле првите кои со пет вагона повеќе пцости, клетви, мајки, шајки и нечист би блуеле гној и огин доколку истиот беше потпишан од спротивниот Лидер. Принципиелност? Да не се лажеме, со должна почит кон искрено загриженото тивко мнозинство, галмаџијската тензија во јавноста е минимално поради името на земјата и максимално поради имињата на лидерите. И пред да залаете “обесете го релативизаторот”, прочитајте ги изјавите за спорот за името на (посебно) Заев, Груевски, Ахмети од последните 5-6 години.

Да повториме, Договорот е поместување од статус квото, но ниту приближно не може да се оцени како решение на спорот. Замислената правна процедура на мачење на рати е доволна за да се потврди оваа оценка, без притоа да заборавиме за политичките реперкусии кои допрва ќе уследат. Како таков, Договорот е само уште една фасцикла со главоболки, алфабетски сместена во непосредна близина на Уставот, Рамковниот, Солунските Визии, Копенхашките Критериуми, Партнерства за Мир итн. Сите испишани со беспрекорен правнички линго, ниту еден потпишан со демократски заверена политичка воља. Претеран песимизам? На неполни 24 часа по објавувањето на Надежниот Договор, Москва со подршка кон Договорот ја збриша аргументацијата на западњаците дека итањето во НАТО е спас од Русија. На 24 часа од договорот, Ципрас потврдува дека што и да пишува во Договорот славо-македонците и понатаму ќе се нарекуваат така. На 24 часа по Договорот, Столтенберг порача дека потписот е суперишка една, но ни Договорот ни Русија и шармот на тета Шеќеринска и баце Димитров не се доволни да нашето знаме завиори среде Брисел. На 24 часа по Договорот, Франција и Холандија ни честитаа со “не цркнете магариња” до втората половина на следната година за ттапкање по рамо. На 24 часа по Договорот, Софија прво побара разјаснување од Скопје и Атина и дисциплирање на срамниот секако, килав апсолутно, дволичен недвојбено но сепак суверен државник на земјата сосед. На 24 часа по Договорот, реакциите од Вашингтон се мерени на капки од пипета. На 24 часа, сета приказна на Владата е сведена на религијско убедување на рајата да веруваат во неа, додека пак опозицијата моли и бара да народот верува во себе. И никој не го забележува апсурдот на ситуацијата во која Заев, Шеќеринска, Ахмети, Османи како портрет-модели на лажење без усул бараат доверба во нив, додека пак истата опозиција која од идентитетот на народот направи глобална пародија бара да тој истиот народ има доверба во себе?! Кој овде не е луд!

Албанците. Албанците се единствените кои не се луди. Само збудалени до веселост и дигање раце од било какво очекување на разум во државата во целост, и нивните жално-смешни политички лидери во посебност. Албанците се временски патници од македонската иднина, Луди Августи кои се кревелат пред развеселените македонци кои – ох! така весело – не се препознаваат во имитативните гестикулации на нивниот омилен објект на омраза и лечење комплекси. До следниот договор, кога истите македонци ќе разберат зошто ниту еден Албанец веќе не наоѓа за сходно да побара објаснување од нивните “водачи” за начинот на кој Договорот го дефинира и разграничува нивниот национален, граѓански, етнички и јазичен идентитет. А од кого да бараат одговор? Од Илиндитските Бујар Османи и Артан Груби!?

Традиционално во оваа земја, Албанците се маалски предвесници на она што следува на државно ниво. Игнорантскиот третман вперен кон нив од страна на Заев-Димитров е засега утешителен amouse bouche за итроманско ситнење на Македонците (пардон: Словенофоните!) – додека не помине извесно време и не заигра истата мечка во нивниот двор. Не разочарувачки, туку сосема освестувачки се реакциите на квази-либералната македонска интелектуала која слично со подршката за религијската основа на Илинден, повторно изразува “позитивно изненадување” што Заев успеал да го спаси македонскиот идентитет и јазик. А притоа, без ниту една најмала дилема за природата и опасноста на еден Договор во кој, наводно, се форсира граѓанскиот идентитет, но во реалноста се импонира славјанскиот и елинскиот етно-егоизам. Албанците проџвакаа доволно отровни Договори за да се освестат за криминалната природа на нивните лидери. Овој Договор е првиот низ кој ќе се освестат за етно-егоистичката суштина на интелектуално-полицијско-дипломатската природа на македонските борци за граѓански вредности (со стриктно славјанско-елинистички шмек). Без ракавици, молам, дали етничките чувства на македонците (уважени од албанците) се прерогатив резервиран единствено за македонците? Или пак македонските составувачи ваистину мислат дека сите Албанци си ги имаат рентирано етничките чувства како албанофонските министерски буреконосачи во Владата?

Сумирано, ниту членството во ОН не направи држава, ниту членството во Советот на Европа не направи општество, ниту пак ОБСЕ не направи побезбедно. Жалам, но ниту членството во НАТО ќе не направи рај за инвестиции, ниту преговорите со ЕУ ќе донесат повисок стандард. Со Договор или без Договор, под него или врз него, реалноста е дека уште многу години судбините ќе ни ги кројат коруптократи и ноторни криминалци а очите ќе ни ги мачкаат истите дипломати кои час до вчера ссо полни усти лаги ги фалеа Груевски и Ахмети, идентично како и Заев и Ахмети денес. Со таа домашна реалност и надворешно фарисејство, ние, граѓаните ќе останеме уценето киднапирани во оперетите на епизодни кризи, минуциозно изрежирани така да ганстер-политичките волци си го менуваат влакното, но никогаш природата. Како што ниедна книга не треба да се суди според насловната, така ни било кое славно име нема да ја осамне нашата патетична судбина. И се додека ни е побитно името над портите отколку борделот зад портите, Македонецот, Северно Македонецот, античкиот Македонец, Мaqedonasi, Macedonian, slavo-makedono ќе си остане заглавен во споредна улога на статист во филмот “засега без добар наслов”

Арсим Зеколи

Извор: дв

  Категории: