За децата се работи

За децата се работи
21.01.17   09:23

Прочитано : 1,310

Print This Article

Добро е што почнавме да мислиме за децата. Добро е и што почнавме од децата на бившиот премиер, a сегашен мандатар. Не се тие ич виновни што татко им си порачал „Тоа на М“ од речиси 600 илјади евра со скапи екрани за неговите деца. Не се тие ич криви што татко им политички ги злоупотребува на фото сесии секогаш кога медиумски ќе му загусти.

zarko-trajanovski

Ама ај да помислиме малку и на другите деца.

Да помислиме малку на сиромашните деца во „најбрзо растечката економија во Европа“.

Да помислиме малку на стотиците илјади иселени деца, затоа што нивните родители не можеле да им обезбедат достоинствен живот во Македонија.

Да помислиме малку на децата чии сиромашни родители земаат дури 716 денари детски додаток (за дете од предучилишна возраст и за дете ученик во основно училиште).

Да помислиме малку и на толку посакуваните „трети деца“ од кои 52.2% живеат во сиромашни домаќинства, а стапката на сиромаштија кај повеќедетните домаќинства од година во година расте.

Да помислиме малку и на децата на оние што сензационалистички беа апсени во политички процеси во 4 или 5 часот наутро, со тешко вооружени специјалци.

Да помислиме малку на децата на критичарите и политичките противници што беа судени од „Сваровски“ судиите по налог на „големиот братучед“ на премиерот.

И невините што со години гнијат во затвори имаат деца.

Деца имаат и неправедно лустрираните и јавно жигосаните.

Да помислиме и на децата на оние кои последниве 10 години беа изложени на јавен линч и прогласувани за предавници, странски платеници, државни непријатели, агенти на странски служби, „кодоши“ и што уште не, само затоа што ги критикувале погубните политики на „пастирот“.

Да, да, деца имаат и тие што беа ограбени од извршителите кои упаѓаа во приватни сметки, за да ги платат драконските политички казни за ситни прекршоци.

И Мартин Нешковски беше нечие дете.

Помислете малку и на децата на загинатите специјалци во Куманово и поставете си го прашањето: Кој им го даде на тацна оружјето на платениците во Гошинце, и кој им дозволи на вооружените платеници да влезат и да се вкопаат во Куманово?

Помислете малку и на децата без родители, кои откако добија право на глас, беа политички злоупотребени да гласаат за „пастирот“.

Помислете малку и на децата на стечајците, кои беа омаловажувани додека протестираа против „Скопје 2014“ каде што „пастирот“ фрлаше стотици милиони евра за да си ги задоволи своите диктаторски барокни фантазии.

Помислете малку и на децата кои се принудени да просјачат, а кои беа први апсени во „Преродбата од 100 чекори“ небаре се најголеми криминалци.

Помислете на децата кои се навлечени на дроги, а кои нема каде да се лекуваат.

Помислете на стотиците деца чии родители се принудени да бараат милостина за да се лекуваат во странство.

Помислете на Тамара и на стотиците деца жртви на административна негрижа.

Помислете малку и на тоа дека Македонија е со години рекордер по смртност на доенчиња.

Помислете за тоа кој беше на власт 10 години и кој е најмногу одговорен што најголем дел од децата во Македонија не ги уживаат основните права на децата.

За децата се работи. Да, за децата, ама не за привилегираните деца на „пастирот“ и неговите послушници.

Жарко Трајановски – Фејсбук статус

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести