Власт и опозиција: Претстава или кавга во контролирани услови?

Власт и опозиција: Претстава или кавга во контролирани услови?

Изборот на ДИК и други важни прашања за кои сѐ уште не постигнат договор со опозицијата, ќе се пеглаат на вечерашната лидерска средба. Според извори во власта и опозицијата, низ разговор разликите може да се надминат, пишува Дојче веле.

Нови антагонизми владеат на македонската политичка сцена. Откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ со недели го блокира процесот за избор на членови на Државната изборна комисија (ДИК), Владата вчера предложи, а Собранието ја изгласа потребата за измени во Изборниот законик по скратена постапка, според кои составот на ДИК наместо со двотретинско мнозинство (80) ќе се избира со 61 глас. Обидот на ваков начин да се избегне опозициската блокада за избор на ДИК, ги вжешти обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ до власта. Разликите за ова, но и други прашања за кои се уште не постигнат договор со опозицијата, ќе се пеглаат на лидерска средба која премиерот Заев ја закажа за вечерва (18.7) во 18:00 часот во Клубот на пратениците во Скопје.

Поделени „лекции“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера не беше достапен да ги соопшти чекорите на партијата. Но, извори од оваа партија кои не се во парламентот, но и не се овластени да даваат изјави, неофицијално коментираат дека вчера се случила „претстава“ која треба да биде вовед кон некаков договор.

„Вчера беа разменети наменски пораки. Власта сака да покаже дека има моќ на друг начин да избере нов состав на ДИК бидејќи роковите притискаат, а опозицијата – дека воопшто не е добро тоа да се прави без договор со неа. Практично, од двете страни беа разменети ‘лекции’ за вразумување. Доколку јазот беше преголем и непремостлив, ќе слушневме дека некој ќе ја бојкотира лидерската средба. Но такви пораки немаше, така што, разговорите би требало да завршат со договор меѓу партиите“, вели нашиот соговорник.

И координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, е оптимист дека на лидерската средба ќе се дојде до решение.

„Сите треба да бидат свесни дека носат одговорност, и дека не е добро да се блокираат или одолговлекуваат процесите во парламентот. Да, треба да се дебатира за пакетот закони кои се предмет на меѓупартиски договор, но веројатно не е лесно ако тој пакет постојано расте. Верувам дека претставниците на партиите вечерва ќе најдат решение за сите прашања“, уверен е Тунтев.

Епилогот од вечерашната лидерска средба ќе покаже дали се надминати разликите. Доколку партиите се договорат да не се блокира изборот на ДИК, тогаш составот на ова тело ќе може да се избере со двотретинско мнозинство, односно со 80 гласа, наместо со 61. Вакви најави доаѓаат од извори од власта, кои велат дека има волја да ги повлечат од собраниска процедура измените во Изборниот законик, ако ВМРО-ДПМНЕ се согласи да го деблокира изборот на ДИК според регулативата што беше донесена пред околу два месеции. Таков „тон“ имаше и во изјавата на владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

„Се разбира дека оставаме можност и се надеваме дека опозицијата на најавената лидерска средба ќе покаже волја, конструктивност, за поддршка на стратегиските цели на граѓаните на Македонија“, изјави портапаролот.

Пржинска влада“ или и нешто повеќе?

Со какви ставови ќе настапи опозициската ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба, засега е неизвесно. Партијата вчера упати остри критики до парламентарното мнозинство.

„СДСМ сака да ги заобиколи демократската процедура и воспоставената демократска практика, ваквите измени да се носат во консултација и согласност со опозицијата. Само на тој начин може да се гарантираат фер и демократски услови при изборен процес. ВМРО-ДПМНЕ останува на принципиелните барања, усогласени помеѓу работните групи уште во март, околу концептот за финансирање на политичките партии и за влада согласно со Договорот од Пржино како гарант за демократски услови за изборен процес“, соопшти партијата.

Поради недостапност на партиското раководство, засега не може да се потврдат информациите, според кои, оваа партија барала и одредени измени во Кривичниот законик, кои практично би воделе кон амнестија за одредени кривични дела.

СДСМ вчера уште еднаш го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека свесно го блокира изборот на ДИК, со што го доведува во прашање референдумот.

„Нема да дозволиме никој да го кочи членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Имаме обврска да обезбедиме граѓаните да го кажат последниот збор. Сепак, оставаме простор опозицијата на лидерска средба да покаже конструктвност и да се откаже од бојкотот. Бројните анализи и мислења на Венецијанската комисија посочуваат на потребата, избор или именување на членови на некое тело или носители на функции со квалификувано мнозинство, не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите“, порача СДСМ.

Опозицијата го отфрли и овој аргумент.

„Лажното подметнување на ставот на Венецијанската комисија е уште еден доказ дека СДСМ ги преминува сите граници на пристојност и демократска култура, што во целост не соодветствува со европските вредности“, критикуваше ВМРО-ДПМНЕ.

Сите на иста маса

Вечерашната лидерска средба ќе покаже дали „децибелите“ во комуникацијата ќе се намалат, а ќе се зголеми свеста за важноста на процесите што и претстојат на Македонија. Како што се објаснува во соопштението од владината прес-служба, „заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци, на лидерската средба во формат 1+1 (лидерот плус уште еден претставник на политичката партија), се поканети сите партии кои имаат повеќе од еден пратеник во Собранието“.

Според овој формат, покрај премиерот и лидер на СДСМ, на средбата треба да присуствуваат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, лидерите на двете крила на „Беса“ Билал Касами и Африм Гаши, на ДОМ Лилјана Поповска, на ДПА Мендух Тачи, на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на ЛДП, Горан Милевски, на НСДП Тито Петковски и на СПМ Љубисав Иванов – Ѕинго.