Вилсон: НАТО е гаранција за иднината на Македонија

Вилсон: НАТО е гаранција за иднината на Македонија
12.07.18   15:10

Прочитано : 114

Print This Article
loading...

Македонија и Грција мора забрзано да работат на имплементација на договорот за името, вели за ДВ потпретседателот на Атлантскиот совет, Дејмон Вилсон. Одложувањето е ризично, вели тој

ДВ: Сенатот на САД вчера му изрази поддршка на НАТО со огромно мнозинство.Само двајца сенатори гласаа против, но еден од нив соопшти дека тоа го прави заради поддршка на претседателот на САД, Доналд Трамп и побара од него блокада на проширувањето на НАТО. Сметате ли дека е можно тоа да се случи?

Сенаторите Ранд Пол и Мајк Ли се конзистентни. Тие се скептични за американскиот ангажман во светот и сметаат дека се преоптоварени. Тие претставуваат еден специфичен дел од Републиканската партија, но за среќа тие се единствените со таков став. Го видовме тоа и за време на дебатата за проширување на НАТО со Црна Гора. Проблемот со Сенатот е што еден сенатор може да предизвика проблеми. За време на дебатата за Црна Гора, двајцата го блокираа брзото гласање во Сенатот и беше потребно долго маневрирање и долго време за да се закаже гласањето. Кога гласањето конечно беше закажано, епилогот беше 98 гласа за и два против, во корист на Црна Гора. Во Сенатот на САД има силна поддршка за НАТО и веројатно е посилна од било кога. Фактички, реториката на претседателот Трамп ја зголеми поддршката во Сенатот за НАТО, затоа што луѓето се загрижени за сигналите кои ги испраќаат САД. И демократите и републиканците се согласни во поддршка на сојузништвото, секако сакаме да видиме и фер поделба на товарот, но тие исто така покажаа дека остануваат на политиката на отворени врати за проширување.

Сигурен сум дека доколку Грците и Македонците го исполнат својот дел од договорот, американскиот Сенат ќе го исполни својот.

ДВ: Но не постои опасност дека претседателот Трамп би можел да го блокира проширувањето со Македонија, поради спорот околу буџетите за одбрана на европските земји-членки?

Не мислам дека тоа ќе се случи. Неговиот фокус воопшто не е на тоа, туку на фер распределбата на товарот. За него тоа се пренесува и на трговските проблеми, Германија, трошоците за одбрана итн. Знам дека претставниците на САД на самитот се многу заинтересирани за придодавање на 30 член во НАТО. Соработниците на претседателот Трамп беа клучни во обидот да му се даде поддршка на договорот за името, да им се помогне на Атина и Скопје да го спроведат тоа, во очекување дека ќе и посакаат добредојде на 30 земја-членка. Секогаш во глобалната политика има одредена несигурност, и ништо не може да се земе здраво за готово. Затоа во моментите кога постои голема поддршка, а таа поддршка ја чувствуваме тука на самитот, ги повикувам двете страни да работат брзо и да ја завршат работата. Не знаеме што носи иднината, но во моментов сме во многу несигурен период и нешто сосема неповрзано со Балканот би можело да ги наруши работите.

ДВ: Очигледно ја апострофирате брзината како најважна во процесот на имплементација на договорот меѓу Македонија и Грција. На кои временски рокови конкретно мислите?

Има многу работи кои треба да се сторат. И двете земји се демократски општества, и тоа е одлична работа, но тоа значи и дека нештата се покомпликувани. Тоа значи дека ќе биде потребно време и дека премиерите Заев и Ципрас ќе треба да им го „продадат” ова и да изградат поддршка кај нивните граѓани и во парламентот. Но мислам дека е ризично доколку трае предолго. Би сакал ова да се движи најбрзо што може, и мислам дека би било идеално доколку заврши пред почетокот на кампањата за изборите во Грција. Се надевам дека од страна на Скопје ќе бидат вложени напори да се забрза рамката за имплементација на договорот.

ДВ: Колку се САД инволвирани во следните чекори за реализација на договорот меѓу Македонија и Грција?

Мислам дека САД се длабоко ангажирани. Тукушто доаѓам од Атина и неверојатно е колку работи нашиот амбасадор во Атина за да го протурка договорот. Истото го видов и со амбасадорот Џес Бејли во Скопје- тие се длабоко во ова и работат напорно. И функционерите во Вашингтон, како помошникот секретар Вес Мичел и други се длабоко инволвирани во ова и го поддржуваат процесот. Мислам дека и во наредниот период ќе ни биде потребна „работа на мускули”. Во САД, со оглед на силните врски со Грција и Македонија, ќе треба уште посилно да работиме со политичките актери во двете земји. Во Атина имав средба со лидерот на Нова Демократија Мицотакис и тој има многу силни врски со САД. Многу Американци имаат многу силни врски со ВМРО-ДПМНЕ и ние треба да ги искористиме тие врски за да ја искористиме историската шанса и да отвориме ново поглавје за обете земји кое ќе отвори многу нови можности за целиот регион. Во САД имаме луѓе како поранешниот претседател Џорџ Буш или поранешниот потпретседател Џон Бајден кои се многу почитувани во ВМРО-ДПМНЕ или во Нова Демократија, и мислам дека е време да ги искористиме овие гласови за да помогнеме да се спроведе договорот.

ДВ: Која е поентата од влезот на мала, сиромашна земја како Македонија во НАТО? Со што може Македонија да придонесе?

Тука се работи за постојано сојузништво во мирни времиња на земји кои споделуваат заеднички интереси и вредности. Во суштина тоа е нашата гаранција против војна на континентот какви што имавме во минатото.

За земја како Македонија ова е речиси постојана гаранција за нејзиниот суверенитет, независност и контролата врз сопствената судбина , и тоа е одлична работа за земја како Македонија, која во минатото не секогаш можела да се потпре на такви гаранции. Тоа ќе и овозможи на Македонија квалитативно да влезе во ново поглавје во кое веќе не постојат сомнежи дека земјата ќе постои. Второ, и тука се работи за прагматичност и практичност, влегувањето во оваа Алијанса ја лансира формулата која ја создаде Европа таква каква што е денеска. Таа формула е американската стратегија да обезбеди безбедност која ќе овозможи зголемена политичка соработка и економски развој. Во случајот на Македонија, таа сигурност и безбедност ќе ги направи граѓаните по самоуверени во однос на политичкиот ангажман и интеграција и тоа ќе помогне да се засили економскиот развој.

ДВ: Еден од аргументите за ново проширување на НАТО кој често се споменува е и наводната закана од Русија. Каде е точно опасноста од Русија, според Вас?

Стратегијата на Русија е да прави проблеми. Таа не е доволно силна за отворено да се спротивстави или наметне. Проблемот е што Русија може да биде успешна кога постојат несигурност и двосмисленост , и тоа Русија се обидува да го искористи во Западниот Балкан, за кој што постои одредена амбивалентност во европските главни градови или во Вашингтон. Русија се обидува да го пополни тој вакуум и тоа го прави со пари, со испраќање свои агенти- го видовме тоа во екстремна верзија со обидот за пуч во Црна Гора, но го гледаме и во Македонија. Русија не се обидува да изгради нешто, туку да уништи. Мора да бидеме и натаму многу внимателни на Западниот Балкан, затоа што Русија и натаму е концентрирана на него, но мислам дека и покрај деструктивната улога која ја играат во Македонија, тие ќе ја загубат таа игра.

ДВ: Можете ли конкретно да ми кажете каде точно ја гледате таа деструктивна улога на Русија?

Руската стратегија низ целиот Западен Балкан е да предизвика незадоволство, хаос и несигурност. Да подметнува приказни, идеи, двоумење, да го наруши изборниот интегритет итн. Целта е да се сее конфузија, сомнеж кон демократските институции, кон САД, ЕУ… Гледаме дека им даваат финансиска поддршка на екстремистички гласови и партии, го гледаме тоа со некои медиумски канали, а го гледаме и во православната црква. Тоа се случува и во САД, но е многу ефективно и во Западниот Балкан.

Дејмон Вилсон е потпретседател на Атлантскиот совет од САД и поранешен функционер во Белата куќа.

loading...
  Категории:
view more articles

Актуелно