(ВИДЕО) Заев: Испланиравме нови 600 километри автопати, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта

7.12.16   15:11

Прочитано : 156

Print This Article
loading...

Во Планот за живот во Македонија испланиравме нови 600 километри автопати, 550 километри магистрални и 1.000 километри локални патишта. Само во првите две години ќе вложиме 600 милиони евра за изградба на патишта, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес конференција во Струмица.

– На мапата може да ги погледнете главните патишта кои планираме да ги изградиме. Велес – Прилеп – Битола – Меџитлија;  Штип – Радовиш – Струмица; – Граница со Бугарија; Штип – Кочани – Виница – Делчево; Западниот дел: Гостивар – Кичево, Требеништа – Струга – Ќафасан; Источниот дел: Романовце – Крива Паланка – Граница со Бугарија, првата фаза експресен пат – рече тој.

Заев истакна дека патиштата низ Македонија се оштетени, руинирани и полни со црни точки, небезбедени за граѓаните, дека власта остави пустош во патната инфраструктура, како и во сите други области.

– Ќе ги модернизираме патиштата со современа сигнализација и ќе ја зголемиме безбедноста во сообраќајот со санирање на сите црни точки. Исто така, ќе ја намалиме цената на зелениот картон и ќе ги унапредиме и граничните премини за да се намали времето на чекање, со што ќе им го олесниме на граѓаните користењето на патниот сообраќај – рече Заев.

Тој нагласи дека крупни инвестиции во инфраструктурата се неопходни, бидејќи без инфраструктура не може да се развива домашната економија.

– Покрај патиштата комплетно ќе го обновиме и развиеме железничкиот сообраќај. Како што може да видите на оваа мапа планираме приградски патнички сообраќај што ќе се состои од 4 краци во, и околу Скопје. Со нова пруга од аеродромот „Александар Велики“ до Скопје (Миладиновци). Освен тоа ќе изградиме нови пруги на неколку патни правци како што се Куманово-Бељаковце, Бељаковце-Куманово и Крива Паланка-Деве Баир. Нашата намера е на секој граѓанин, без разлика дали живее во град или во село, да му се овозможи да има свој пристапен и сигурен пат, како и достапен, модерен јавен превоз. Брзиот и ефикасен транспорт ги намалува трошоците на компаниите, ја зајакнува конкурентноста и директно влијае на севкупниот раст и развој на македонската економија – рече тој повикувајќи ги граѓаните да го заокружат бројот 4 на изборите в недела.

 

  Категории: