ВИДЕО: Дали Света Гора е „штабот“ во кои се организирале насилните настани?

ВИДЕО: Дали Света Гора е „штабот“ во кои се организирале насилните настани?
18.07.18   18:40

Прочитано : 3,053

Print This Article

Света Гора е штабот каде се планирале и организирале активностите против договорот со Грција. Ова го обелодени анализата на грчкиот Атенс Воис која објавува информации за начинот на кој руските пари се давале на одредени групи во двете земји за да прават немири и да го спречат исполнувањето на договорот, а со тоа и влезот на Македонија во НАТО.

Истражувачките мрежи со овие активности го поврзаа рускиот бизнисмен Иван Савиди кој поседува фудбалски клуб во Солун. Савиди своевремено живеел во Ростов каде живеел и сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, а токму членови на навивачката група неговиот клуб се појавуваат како организатори на насилни настани. Како што анализира грчкиот весник, „тројански коњи“ имало во двете држави, но штабот за организирање на активностите се наоѓал на Света Гора. Пред две години Савиди го придружувал Владимир Путин во Света Гора, а тоа не е единствената посета на Савиди на овие храмови.

Едeн од центрите на одлучување за руските активности бил лоциран на Света Гора, каде под изговор „аџилак“ се собирале познати грчки екстремни десничари, пратеници на „Златна зора“, моќни црковни фактори, бизнисмени и „многу Руси од сите области и специјалности. Како резултат на тоа, во Северна Грција биле активирани бројни бизнисмени, епископи, панмакедонски организации и разни политички движења, по што започнале јунските митинзи против Договорот со Македонија, плаќани и изнајмувани автобуси и регрутирани еминентни личности од сите области – пишува Athens voice.

По потпишувањето на договорот со Грција, токму монасите од Света Гора беа меѓу првите кои испратија соопштение дека се против решението на спорот. Тие истакнаа дека не се откажуваат од македонскиот идентитет и ја повикаа грчката влада да си ја преиспита одлуката. Меѓу лицата од Македонија за кои е познато дека порано ја посетувале Света Гора е и расчинетиот владика Јован Вранишковски кој пред десетина дена беше вратен од грчка граница со образложение дека постои судска забрана за излез од земјава. 1ТВ го праша Вранишковски дали е поврзан со рускиот бизнисмен и дали патувал кон Света Гора на 9ти месецов.

Вранишковски: „Не ми го вратија пасошот и не ми дадоа никакво образложение“.
1ТВ: Дали патувавте кон Света Гора?
Вранишковски: Не.
1ТВ: Дали се познавате со рускиот бизнисмен Савиди?
Вранишковски: Не.

Речиси во исто време, влез во Грција му беше забранет и на членот на Комитите, Александар Колевски познат како Жути, кој во Грција беше прогласен за persona non grata со образложение дека претставувал „опасност за јавниот мир и безбедност, внатрешната безбедност и меѓународните односи на Грција. Колевски на новинарите им кажал дека не е закана, не земал пари и дека се што прави е од љубов кон земјата. Колевски е еден од поистакнатите членови на навивачката група Комити. Во 2010 година тој го предводеше здружението кое протестираше за поддршка на Јохан Тарчуловски кога Љубе Бошковски доби ослободителна пресуда во Хаг. Партијата на Бошковски тогаш го нарече Колевски „патриот по терк на Груевски“ и го повика да одговори зошто неговата банда одбивала да сведочи во корист на Јохан.