(ВИДЕО) Дали промената во ставовите на Дуковски ќе му ја загрози позицијата во Хелсиншки комитет?

(ВИДЕО) Дали промената во ставовите на Дуковски ќе му ја загрози позицијата во Хелсиншки комитет?
maxresdefault

Од најсрамниот ден за македонската полиција до постапка која треба да се награди. Вака се променија ставовите на адвокатот Сашо Дуковски за тогашниот шеф на команда на полицијата, Митко Чавков,што наиде на остри критики од јавноста. Спорно за граѓаните е тоа што Дуковски е член на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет, кој пак прв излезе со извештај за квалификација на сторените кривични дела при упадот во Собранието. Тогаш Дуковски беше еден од најгласните говорници против обвинителството и го критикуваше токму за тогашната квалификација „Учество во толпа“, со барање дека треба да се преквалификува во „Обид за убиство“. Сега Дуковски пред судот го брани токму Митко Чавков со аргумент дека пратениците се безбедно извлечени,благодарение на неговиот клиент. Јавноста се најде особено испровоцирана откако Дуковски пред судот рече дека Митко Чавков не само што не треба да ниде казнет, туку треба да добие награда. По тоа рочиште, на социјалните мрежи се врати видеото од гостувањето на Дуковски во Топ Тема каде цврсто го бранеше ставот дека оние кои упаднаа во Собранието и оние кои не го спречија тоа, треба да се казнат.

За промената на ставовите на Дуковски и по бурните рекции од јавноста, како што дознаваме, реагирале дел од членовите на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет. Хелсиншки во извештајот препозна 28 кривични дела од кои дел се против државата.

Претседателот на Хелсиншки, професорот Гордан Калајџиев во телефонски разговор ни изјави дека се уште не е свикана седница на Управниот одбор, но неговиот став е дека Дуковски е таму во својство на адвокат, а јавноста треба да разграничи што се ставови поттикнати од граѓански активизам, а што е професионална должност на еден адвокат.

„Се работи за две различни улоги. Вие не можете на некого да му го загрозите правото да има бранител. Ако дојде до гласање, нема да гласам затоа што ако ги осудуваме адвокатите според тоа кого бранат, нема да имаме демократско општество. Тоа што адвокатите го говорат на суд не е личен став. Овде нема проблем на конфликт на интереси и проблем на јавноста“.

Официјално од канцеларијата на Хелсиншки велат дека се уште нема дефиниран став по ова прашање и дека најверојатно телата ќе одлучуваат. Дуковски е познат во јавноста и по тоа што бранеше дел од „Шарените револуционери“ и исто толку јасно ги изнесуваше ставовите против тогашното раководство на полицијата. Јавноста реагираше дека Дуковски останал доследен единствено на критиките кон обвинителството.

Кристина Атовска