Собраниската конститутивна седница проодлжува утре

Собраниската конститутивна седница проодлжува утре

И попладнево собраниската конститутивна седница продолжи со процедурални забелешки, реплики и контрареплики. Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е во тешка политичка состојба, речиси сите граѓани се на улица, бараат отфрлање на тиранската платформа и одржување предвремени парламентарни избори. СДСМ, пак, повторно побара да се премине на четвртата точка, за избор на собраниски спикер.

sobranie

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја обвини СДСМ за постизборен инженеринг, на што СДСМ возврати дека ВМРО-ДПМНЕ ја изместила дебатата од самиот почеток на седницата.

– Колегите од СДСМ и нивната коалиција да ја преиспитаат одлуката за прифаќањето на антимакедонската платформа бидејќи со тоа нема да се помогне ни на Македонците, ни на Албанците, туку уште повеќе ќе се продлабочи кризата во Македонија. Затоа треба сите заедно трезвено да седнеме и да поразговараме за сите проблеми и отворени прашања кои ни претстојат, рече Трајчо Димков.

Според Лилјана Кузмановска, СДСМ постизборно излезе со платформа и изврши политичка измама. – Ова е политичка борба на македонскиот народ и се прави страшно сценарио во кое тој треба да се прогласи самиот за геноциден и да има двојазичнот под унитарна држава, укажа Кузмановска.

И Сашо Василевски оцени дека се работи за, како што нагласи, одлично смислен предизборен инженеринг. Праша дали во Македонија има Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) и каде се академиците да се произнесат за овој сериозен и сензитивен момент во кој се наоѓа Македонија.

Фросина Ташевска – Ременски ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека ја изместиле дебатата од самиот почеток на седницата. Кога се вратиле на точката 3, посочи, никој не зборувал по неа.

Претседавачот со седницата Трајко Вељаноски најави дека пратениците ќе ја продолжат расправата утре во 11 часот.