Шарената револуција

Шарената револуција

Зошто напишав дека, во душата на секое монументално, неустрашливо и полно со високо-морални особености, достојни за почит Македончиште, се крие минијатурно, уплашено, полно со пороци Македонче?

atanas vangelov

„Џуџе од Небрегово“ како што, во својата прва лирска младост, го нарече пратеникот А. Милошоски? Помина повеќе од половина век откако, во 1952 г., знаменитиот француски писател од алжирско потекло Албер Ками ја објави својата драматична книга „Побунетиот човек“ (L’homme révolté) која од темел ja разниша сивата сигурност на тогашната, навидум гранитна комунистичка утопија со планетарен престиж.

Во духот на Аристотеловата формула zoon politikon, авторот на „Побунетиот човек“ напиша: “Човекот е единственото животно на светот кое не сака да биде тоа што е.“ Значи, според мислењето на Ками, главна одлика на човекот е да копнее по нешто – друго. Друго име на тој копнеж по друг и друго е – незадоволството од себеси, од тоа што си, тука и сега, од сопственото – “е“ (existentio). Кога човек е назадоволен од тоа што „е“, кога тој копнее по друго, по нешто многу поубаво, поголемно и поумно – само од себе се разбира дека неговото “е“ измачува, дека буди некој немир и непријатност, дека функционира како оној „црн човек“ во лириката на Мајаковски, како „двојникот“ во романите на Достоевски, како огорчение на Прличев кој, низ устата на Конески, им се обраќа на охридските баздриѓани: “туѓ меѓу вас сум бил.“ Тој црн, туѓ човек и двојник е „другиот“ ((l’autre) во речникот на Јулија Кристева.

Der Angst во филозофијата на Мартин Хајдегер и Umheilich во онаа на Фројд. L’autre, c’est mon propre inconscient – другиот е моето сопствено несвесно! Во таа максима се згуснува деталната историско-теоретска оптика од книгата „Странци на самите себеси“ на Ј. Кристева. Има сродност на оптиката на Ками со една друга. За таа работа зборува и филозофот Жан Пол-Сартр, голем пријател, до појавата на спомнатата книга „Побунетиот човек“, на писателот на “Странецот“ и на “Чума“. Во својата обемна филозофска расправа “Битие и ништо“ (L’être et le néant, 1942) Сартр зборува за вид вродена склоност на секој човек да се надминува (dépassement) себеси, да се подобрува, да се усовршува. Таа вродена антрополошка склоност филозофот на егзистенцијализмот ја нарекува “негативитет.“

Тој „негативитет“ на Сартр, како и побуната (revolte) на Ками се – израз и потврда на неговата волја без која не може да се замисли човекот како субјект, а субјект е оној што е господар на самиот себеси. Од таа гледна точка побуната-револт на Ками и негативитетот на Сартр се, во една мера, констституитивни за човекот. По истиот начин по кој и интерсубјективнста, тоа што Аристотел го вика zoon politikon е – конституитивна за човекот. Ете зошто тие две работи, револтот на Ками и негативитетот на Сартр се “да“ и “не“ истовремено. Со своето “да“ се на страната на слободата. Со своето “не“ се против покорноста и ропството. Има едно „да“ и едно “не“ и во гестот на нашата “шарена револуција“ во тек. Таа крена глас против децениска власт на самоволие, злоупотреби и криминал. Со тоа што крена глас, таа именува („да“). Таа “шарена револуција“ вели дека сака власт на закон. Власт која држи до закон и само до – закон. Која им служи на оние што и дале право на власт, а не да се служи со нив како со свои покорни слуги. Затоа што неформалните водачи на таа “револуција“ добро знаат дека нема власт која нема да се послужи со сила (полиција и војска) за да ја задуши побуна, прибегнаа кон еден особен јазик и гест, многубоен и разнобоен. Тој многубоен и разнобоен јазик и гест може да се нарече дискретна, благо дозирана „карневализација“ во онаа смисла во која, за историјата и теоријата на таа социјална појава, зборува рускиот специјалист Михаил Бахтин.

Тој вели дека карневалот и, воопшто, карневализацијата функцинираат како некој вид социјален вентил. Ослободува притисок од наталожен бес поради неправди и понижувања на самоволна, „забегана“ власт. На определен рок, според зборовите на Бахтин, силните на денот допуштале исмејување, карикирање, изобличување или, со еден збор, понижување на службената власт. Така плебсот, макар за миг, се издигал во своите очи за да ги покори оние што го – покориле. Оној homo ludens кој исмева, изобличува и карикира за кој зборува Хуицинга, сега се издига над скаменетиот од протоколи hоmo politicus. Сега слугата е господар на својот господар. Многубојниот, разнобоен, весел јазик и гест на карневалскиот homo ludens од нашата „шарена револуција“, со бучната ведрина која изобличува и исмејува, внесува здив на живот во студената, монотона и монохромна стиропор белина на власта. Кон нив прибегна власта за да ја овековечи својата мисија на овој свет. Безбојна и бескрвна, таа стиропор-белина стана симбол на смртта.

Разиграното, ранобојно, ведро и весело шаренило е спонтаниот симбол на животот. Освен тоа – споредете ги оние млади луѓе – убави и учени момци и девојки, оние ведри лица и насмевки, со средовечните Македончишта кои, под закани и уцени, власта ги пакува како сардини во автобуси за да ги доведе на протести во Скопје. Згора на тоа, уште и ги оградува за да не се разбегаат при прва погодна можност. Испаѓа дека тоа што е ведро, весело и живо во нив е заточено и закопано во нивните души како – презрено Македонче. Како што сите оние ведри и весели Македончиња кои се кренаа против смртоносната прегратка на власта, така и оние клети, потулени и згазени Македончиња во душите на Македончиштата веќе се ракуваат со нивните врсници по години и вера во слободата. Оти, нема такво насилство кое не раѓа револт против насилник. Побуна на бескрајно разноликиот, разнобоен живот против бледилото и белината на смртта? Ете, токму тоа е “шарената револуција“ на сегашните генерации млади луѓе.

Атанас Вангелов
фејсбук статус