Руски дипломати работеле на поништување на договорот за името во пракса

Руски дипломати работеле на  поништување на договорот за името во пракса
11.07.18   13:03

Прочитано : 1,629

Print This Article
loading...

Да се поништи во пракса патот кон договорот за името, била една од намерите на активностите на руските дипломати во Грција, вели, повикувајќи се на свои извори, новинарот на весникот „Катимерини“,Василис Недос  во разговор со дописничката на МИА од Атина.


Искусниот новинар, денеска со неговиот текст откри дека Атина презема мерки за четворица руски дипломати, за МИА објаснува за што точно станува збор.

-Нашите извори велат дека протерувањето на двајцата руски дипломати и забраната за влез во земјата за други двајца, значи за вкупно четири лица се однесува на обидот за добивање и ширење на информации кои се важни за националната безбедност на Грција и за обиди за поткупување на државни функционери. Во овие генерални рамки е вклучен и обидот, всушност, да се поништи во пракса патот до Договорот со поранешната југословенска Република Македонија за името, тоа е јасно, нашите извори го споменуваат тоа и мислам дека е еден доста важен дел во ова прашање, вели Недос.

Новинарот од „Катимерини“, повикувајќи се на дипломатски извори споменува дека активностите на рускиот фактор биле поврзан со митрополити, градоначалници и слично од северниот дел на Грција, но и со монаси од Света гора.

– Позната е, а овој пат нашите извори повеќе го споменуваат тоа, вмешаноста на рускиот фактор во случаи на Света гора и многу добрите односи што ги негува со митрополити, градоначалници и други функционери од Северна Грција, коментира за МИА новинарот од „Катимерини“.

Без да е познато дали имаат некаква поврзаност со Русија и со руските дипломати, факт е дека е голем е бројот на митрополитите, особено од Северна Грција што уште од почетокот на преговорите беа против решение, а и сега, речиси еден месец по потпишувањето на Договорот, дел од нив продолжуваат да ги поддржуваат протестите „за грчкиот карактер на Македонија“ во северниот дел на земјата.

Слична е ситуацијата и со монасите од Света гора. Како што пред две седмици објави МИА, преку соопштение монасите отворено рекоа дека не го прифаќаат Договорот од Преспа.