Распад на системот

 

                                             

 Не почитувани, не протестираат дваесетина луѓе по скопските раскрсници и не ги малтретираат граѓаните затоа што некој ги продавал националните интереси на Софија, протестираат затоа што се во паника од тоа што ќе се случува во наредниот период, насетуваат  и имаат информации дека полека се ближи крајот и конечно можеби до оваа есен ќе се затвори овој спор со Република Бугарија, па ако може нешто да искомплицираат, нели? Со затворањето на ова прашање некој се плаши да не дојде до распад на овој систем на лаги и измами, распад на сите манипулации и квази патриотски пискотници по нашите улици, едноставно се плашат да не им снема од тоа гориво со кое го ставија во погон овој систем со кој ги лажат и манипулираат нашите граѓани до бескрај, сето ова некако се приближува кон крајот.

Нашето придвижување кон преговори со ЕУ не им одговара на сите.

Со ВМРО-ДПМНЕ, со Христијан, со кој сакате од таму, можеме се да разговараме и да се убедуваме, но за меѓународна политика и за образование, за овие две прашања, треба да молчат и да ги наведнат главите, абе појма немаат. Би сакал да се задржам малку на првата тема од меѓународната политика, односно меѓународната позиција на нашата земја сега во моментов, за образованието имам многу да им кажам, ама друг пат за ова прашање.

Ова почитувани што се случува сега на меѓународен план, како и огромниот притисок кон Република Бугарија од страна на меѓународниот фактор, притисок насочен кон тоа да биде конструктивна страна во овој спор и да настојува да се најде решение, до сега ретко било видено во сите досегашни балкански билатерални спорови кои ги имале државите.

Но знаете ли зошто е тоа така? Затоа што меѓународната позиција на нашата земја е сега значително посилна и позначајна во регионални и европски рамки. Некој тоа го одработи. Да, македонската дипломатија поддржана од силната и недвосмислена определба на државата која се гледа од авион, дека конечно сме спремни да одиме напред, да ги тргнеме сите препреки кои ни стојат на патот да се етаблираме како нормална и развиена земја, членка на НАТО и ЕУ , конечно покажуваме волја и решеност да одиме напред, епа некој тоа го гледа и проценува. Го гледаат Европејците ама го гледаат и Американците. Токму затоа се случува оваа силна меѓународна поддршка за Македонија. Добро, рака на срце, патот до стекнување на доверба кај нашите стратешки партнери не беше послан со рози, тој беше трновит, тежок, една макотрпна борба која се уште трае. Голем дел од нашиот народ можеби и со право се разочара изминатиов период од сите овие блокади од нашите соседи и цената која ја плативме, се разочара од Брисел, ама немаме друг избор освен да се бориме и да не се откажуваме, трето нема, мора да опстоиме на овој пат и тоа мислам дека добро го правиме. Тешко е затоа што многу работи и не зависеа од нас, се преплетуваат тука и многу разни политички и стратешки интереси на многу помоќни и големи светски играчи на меѓународната сцена но мора да научите да пливате успешно и во едни вакви околности и да носите исправни одлуки, тоа понекогаш е многу тешко, го знаат само оние кои биле во ситуација да носат вакви одлуки. Сега ќе се најдат многу “експерти“, особено за меѓународна политика, затоа што кај нас секој трет е експерт за оваа област, особено за меѓународни заговори против нас, но се уште не ми е јасно како толкав број на луѓе продолжуваат да веруваат во вакви приказни, дека нас постојано некој од соседите не демне и сака да ни земе нешто, нас сите не мразат, сите се против нас, за жал вакви будалаштини од минатиот век се уште слушаме и се уште има голем број на луѓе кои веруваат во ова. Приказната за некаква “бугаризација“ со договорот што го имаме со Бугарија е исто така смешна и измислена, пред се некои луѓе како да имаат уплав ако се реши ова прашање. Нема никаква “бугаризација“ ако изнајдеме решение со Бугарија, ќе  продолжиме таму каде што застанавме, едноставно тоа што сме го потпишале ќе го почитуваме а Република Бугарија ќе го почитува нашиот македонски идентитет и нашиот јазик, преку некои формулации во оваа насока подготвени од Португалското претседателство со ЕУ се работи на тоа да се изнајде решение и ќе се изнајде. Но знаете, помалите политички партии, нивните лидери, нивните поддржувачи имаат голем маневарски простор да кажат се и сешто и притоа никој за ништо да не се замисли и да не ги рецка за тоа, затоа што немаат голема одговорност на политичката сцена. Еден таков лидер кој сака секогаш да биде интересен на социјалните мрежи, ни кажа дека Македонија има право во секое време еднострано да ги поништи договорите, како Преспанскиот така и Договорот со Бугарија, па спомнува некои конвенции и други работи. Ваква глупост не сум слушнал одамна, како прво терминот “еднострано да поништи“ не постои, може еднострано да се повлечете а не да поништите, но патем има многу други консеквенци кои настануваат по тоа со едностраното повлекување од договорите кои многу пати сме ги објаснувале до сега, но тоа е, некои мислат дека сто пати кажана лага и манипулација ќе залепи публика. Но кога немате последици ниту одговорност може се да трескате од ракав. Што се однесува до големите партии и нивните лидери особено оние кои претендираат да бидат власт, одговорноста е многу поголема. Од тој аспект не го разбирам лидерот на опозицијата кога во едно интервју пред некое време сугерираше Македонија да се повлечела од Договорот за добрососедство со Бугарија. За да го изјавите ова може да постојат само две причини. Првата причина е да сакате да создадете хаос, да ги ослабете своите позиции како држава и се да искомплицирате максимално, другата причина е дека не разбирате ништо како функционираат меѓународните односи. Веројатно мотивот бил поради првата причина. Никако не смееме во овој момент ниту да помислиме да се повлечеме од договорот, затоа што работите сепак одат во наша корист, имаме силна поддршка за тоа. Се друго што ќе Ви кажуваат е обична измама со умисла, поради постигнување на одредена политичка цел, комплицирање и кочење на целиот процес за наш пристап и почеток на преговори со ЕУ.  Секако, ваквите обиди се осудени на пропаст. Тоа го увидоа и нашите стратешки партнери, Американците, па во таа насока беше и онаа одлука и предупредување до сите оние кои на било каков начин се обидуваат да ги поткопуваат овие договори и да работат спротивно на американските национални интереси кои одат во насока на обезбедување на мир и стабилност на балканот, сите тие на некој начин ќе бидат “екскомуницирани“ од нивна страна и со нив ќе биде разговарано на друг начин, односно ќе бидат на црна листа. Ова предизвика голем политички земјотрес за многу фактори на балканот, па и кај нас, еден голем шамар за сите оние кои мислат дека со лажен патриотизам и подгревање на лажни надежи кај граѓаните ке собираат политички поени, ќе го уриваат целиот труд на меѓународната заедница и така ќе дојдат на власт, епа мало сутра дека така ќе биде, што би рекол почитуваниот професор Малески, нема бесплатен ручек веќе за лажните патриоти и националисти. Да, точно е, со оваа реторика и оваа политика, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, но и други после нив, нема никогаш да бидат власт, барем во догледно време не, сакале во тоа да веруваат или не, се исто е.

Нас сега едноставно не ни останува ништо друго освен да бидеме фокусирани на изнаоѓање на решение со соседна Бугарија, да опстоиме на тоа со целата политичка енергија која ја имаме, поддршка и расположение кај меѓународната заедница за затворање на ова прашање има голема, па да се надеваме со една голема верба дека и ова големо прашање ќе го ставиме некако “ад акта“.

А за овие големиве патриоти што не штитат од “бугаризација“ и што ни ги блокираат улиците секој ден што да кажеме, дебакл се овие протести, помалку луѓе никогаш немало, веројатно им станува полека јасно дека нема ништо од оваа работа, нека продолжат да ги нервираат граѓаните и далеку ќе стигнат.

м-р Глигор Стоименов

                            

Back to top button
Close