ПЦЕР: Не сме прашани и не се согласуваме со влегувањето на партијата на Амди Бајрам во коалицијата

ПЦЕР: Не сме прашани и не се согласуваме со влегувањето на партијата на Амди Бајрам во коалицијата
16.05.18   13:19

Прочитано : 227

Print This Article
loading...

Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) се оградува од пристапувањето на Сојузот на Ромите на Амди Бајрам во Владата, поради тоа што „злоделата направени кон партијата не се забораваат така лесно“.

„ПЦЕР е сериозна партија и 10 години е лојален кон СДСМ и од осамостојувањето до денес, 25 години е во коалиција со СДСМ. Во 2011 година на парламентарните избори партијата на Амди Бајрам со неговото членство на денот на молкот физички го нападна нашиот лидер Самка Ибраимоски и при тоа му нанесоа тешки телесни повреди. Два дена пред молкот донесоа 200 полицајци пред штабот на ПЦЕР во Шуто Оризари, зашто наводно СДСМ и ПЦЕР делеле расипано месо. Во 2011 година на самиот изборен ден беше приведен во полиција шефот на штабот на ПЦЕР, на изборите во 2014 година беше нападнат штабот на ПЦЕР во Шуто Оризари и не дозволуваа да се отвори со закани на сопственикот на локалот дека ќе биде лишен од слобода. На сегашниот министер за имплементација на стратегија на Ромите Аксел Ахмедоски, кој конкурираше за судија за време на нивното владеење од нивниот тогашен заменик министер за труд и социјала му беше кажано дека само под еден услов може да стане судија – ако премине во нивната партија“, се наведува во соопштението на ПЦЕР.

Оттаму велат дека сакаат да ги информираат сите Роми и другите граѓани на Македонија дека ПЦЕР ниту е прашан за ова пристапување на Сојузот на Ромите, ниту се согласува за нивно влегување во коалицијата.

„ПЦЕР останува верен на својот коалициски партнер СДСМ, но злоделата на Сојузот на Ромите, не се забораваат. Да се борите против партија која правела малверзации и човек кој е со криминално досие да го земете во коалиција за нас како партија е апсурд“, се додава во соопштението на ПЦЕР.

  Категории: