Покајание грешним

Покајание грешним
20.09.18   16:07

Прочитано : 445

Print This Article
loading...

Ама ич не сакам да се согласувам со секакви шушумиги кои до вчера си го пазеа газот и уста не отвораа ама денес се првите „демократи“ во државава – мислам на оние од профилот на некојаси ГДУ и уште редица слични смешни политички „фигури“ и „субјекти“ – но однесувањето, или поправо молчењето на релевантните политички субјекти некако им дава за право да солат памет, па уште и да бидат во право. Зашто, прво, навистина веќе никој во државава не знае кој всушност е компетентен за одделни клучни реформи: оној Совет на палјачоно наречен Караџовски, на пример, кој што спроведува некоја своја „правда“ во државава а самиот прв човек е тотална смешка?; или судскиот систем кој низ рацете на неколкуте т.н. сваровски судијки, а особено оние политички пре(т)платени судии (дури и на највисоки позиции!) дели неправда каде и како ќе стигне, посебно во случајот со гаќовиднана „новинарка“; или, на пример, во состојбата со медиумите, особено оние самонаречени тв „национални“ медиуми, вклучувајќи ја тука и националната „јавна куќа“ (често дури и буквално самоидентификувана со тој поим!); или, да си се вратам на „мојот терен“, на полето на културата, каде се’ уште во Министерството за култура царуваат оние полуписмени вмровски „кадри“? И да е само таму, ама не е!

Затоа, следејќи го последниот пример на онаа гаќовиднана „новинарка“ која и’ еба мајката на државата со затајување данок – не преголем, што е право, ама законот претпоставувам не дефинира што е тоа голем, среден или мал криминал, нели? – и плус ако на тоа се накалемат и сите други штети што ги правеше како (демек) уредник во не-знам-кои-и-какви усмрдени вмровски „медиуми“, тогаш за која и каква правда во оваа држава ние (ќе) говориме? Ако таа полуписмена особа која се дрзнала да краде данок од државата – а краде не од некоја имагинарна држава туку баш од образованието, од болните тоест од здравството, од социјалците, од културата – таа иста држава ја „осудила“ на условна казна, која што оваа сега глатко ја плаќа (а кој не би?) во износ од околу 20-30 илјади евра и куртулува од затвор, и тоа се’ на име на некакво претпоставено покајание (а кој не би се покајал да куртули од сигурен затвор?), за каква правда, или систем, или држава правиме муабет и за која, и каква fucking Европа ние се подготвуваме? Овие „покајаниве“ ќе не носат таму? Евааа! Ќе стасаме, некогаш, ама попрво – никогаш! Зашто покајаниве тоа и го чекаат: да проработат европските механизми не баре ние сме биле другари со нив којзнае колку децении, да се изврши очекуваниот притисок од европските институции дека новата власт мора сега да покаже воздржаност, разбирање, дури и деморатски капацитет и да ги остави на слобода сите бараби што ги произведе бившиот режим. И ние со тоа се согласуваме? Аферим, ама мислам дека не баш сите се согласуваме, дури не се согласува ни поголемиот дел од нас, да не речам ни помалиот доносно речиси никој. А и зошто би се согласиле? За добробитот на државата? Оваа држава ќе ја биде, или нема да ја биде, апсолутно, и без условната казна на криминалкана која затајувала толку години данок, а сега го плаќа „ко од шале“. Со што? Со парите што ги украла! И уште ја фалат за тоа, малтене – херој. А зошто не го плаќала претходно? Зашто се надевала, како и безброј нејзини пајташи во сите сфери на општествениот живот, дека криминалното здружение, и онаа нејзина бараба која што ја слушавме низ „бомбите“, ќе бидат вечно тука. Е – нема да бидат. А ако сме паметни и никогаш повеќе нема да ги биде. А некој богами и ќе лежи, таму каде што му е местото. Ако мене некој ме прашува, и не само мене, таму и’ беше местото и на онаа гаќурестана од 500 евра персона која толку години глумеше новинар а не ја бива ни за портир во медиумска куќа. Затоа, простете, ама таквите „покајанија“, „извинувања“ – демек извинете, се шегував, немав намера да крадам – или ќе важат за сите или за никого. Гаќурестата не е исклучок и не може да биде, ама баш никако.

И тоа е, барем за мене, апсолутно исто, или слично, како и „мислењето“ на Гошева и оној шапшал Јосифовски од Уставниот суд (а, патем, и од оној Апасиев, или Стоилковски, и уште редица други), кои, веќе утре, или задутре, ќе се „покајат“ за нивните будалаштини, за проблемите што ги правеа во државава, првине решавајќи судски за политички прашања, а вторине тртљајки се’ и сешто, а особено нешта што воопшто не ги разбираат, итн. Се разбира, станува збор за различни случаи – еден криминален, други „вербални“ – ама покајувањето е денес наше секојдневие, за се’. Сите као не знаат што правеле, што им се случувало цели дванаесет години, кој и како ја подјармуваше државава и народот со идентични средства како и некогашните османлии или непосредните соседи во обезличувањето и пљачкањето на државата. Некој носел вода, друг само пеел, трет крадел ама се покајал … А не ќе се покаеше ли и оној кутар што украде неколку ќебапи? Или никој не го ни праша, а некој богами мора и да одлежи, као за пример? Па зошто да не одлежи баш оваа со скапите гаќи? Баш убаво ќе ја топлеа во Идризово, или каде веќе ги носат. Или, ако сакате, што ќе се случи ако и сите оние бараби од 27 април почнат да се кајат за тоа што го сториле? А и зошто не би, ако така можат да куртулат од долгогодишен затвор? И нив ли ќе ги пуштат, со некоја глоба од 20-30.000 евра и крунскиот „доказ“ дека барабите се покајале? Да не станаа македонскиве судови продружници на МПЦ во делењето покајанија? И колку, впрочем, чини едно такво „покајание“? Ќе се покае ли, патем, и оној што прегази пред некој ден баба, дедо и внуче на пешачки премин? И во што е разликата, денес и овде, во оваа (се’ уште) црна Македонија? И кој е тој што одлучува кој навистина е виновен, а кој не, се’ уште ли се тоа оние хохштаплери од Врховен, преку Апелација до Кривичен? И до кога ќе ни седат таму? Додека да влеземе во ЕУ? Па дотогаш едно чудо народ кој бара правда ќе приумре! А барабите ќе тераат по свое? И после: расте бројот со ментални растројства во Македонија? Ма арно е што уште сме живи, а за здрави – здравје!

Апропо, уште ли е покајаната гаќољубима претседавач на Извршниот одбор на МАН (барем според званичната страница на тоа „здружение“)? И тквите ли персони се вклопуваат во нивните цели за „унапредување на новинарството“, за „заштита на новинарите и професијата“ итн.? Или дека „никој нема право да дава квалификации, да суди или врши притисок на новинарот …“ и слични будалаштини, па дури и на (покајани) лопови?

Златко Теодосиевски

 

 

 

 

 

 

loading...
  Категории: